Неубаво но легитимно

28.04.2017 11:13
Неубаво но легитимно

Јас не сум среќен поради изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, но него го избраа мнозинството од пратениците од македонското Собрание, а не јас или вие. Исто како што мнозинството пратеници го избраа за Министер за одбрана. Колку тоа да не ни се допаѓа на некои од нас, ваквата одлука е легитимна.

Интимно, никогаш нема да се помирам со фактот дека Талат Џафери е претседател на Собранието, исто како што никогаш не се помирив со фактот дека Талат беше Министер за одбрана. Но сепак, и тогаш и сега, ја почитувам волјата на мнозинството пратеници од Собранието на Република Македонија бидејќи пратениците, како претставници на граѓаните, се тие кои бираат Претседател на Собранието, а не ние.

Од друга страна, се чудам на лицемерието на оние кои сега наводно се бунтуваат против изборот на Талат Џафери а во 2013 гласаа за ВМРО-ДПМНЕ и тоа само два месеци после именување на Талат за Министер за одбрана. Значи, секој глас за ВМРО-ДПМНЕ во 2013 воедно беше глас за Талат Џафери за Министер за одбрана.

За крај, да потсетам на протестите кои „Достоинство“ ги организираше против Талат Џафери, а на кои доаѓаа едвај по неколку стотини луѓе, што значи дека на другите граѓани им беше сеедно тоа што Талат стана Министер за одбрана.

Сосема за крај: МАКЕДОНИЈА ЌЕ ПРЕЖИВЕЕ КАКО ДРЖАВА И СО ТАЛАТ И БЕЗ ТАЛАТ КАКО ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО.

Извор: Фејсбук профилот на авторот, 28.04.17.