Христијанскиот анархизам на Лав Николаевич Толстој (2)

28.04.2017 11:20
Христијанскиот анархизам на Лав Николаевич Толстој (2)

Концептот на сопственоста на Толстој бил сличен со максимата на Прудон дека „сопственоста е кражба“. Во неговата оптика најприсутен е проблемот на сопственоста над земјата, кој тој го смета за „евидентна неправда“ и мисли дека во својот сегашен облик тоа е една од основните пречки за воспоставување на праведно и слободно општество. Освен тоа, Толстој му се спротивставува на концептот на постоење воена обврска. Според него нејзиното постоење е спротивно на мислата на изворното христијанство и е темел на непотребно насилство. Затоа, пишува: „Христијанството ги отфрла законите на Државите и нема никаква обврска кон нив“. Тој не е за закони на Државите туку за „Закон на Љубовта“. За него е сосема логично „христијанинот кој го признава Законот на Љубовта... не може да го обврзе никаков Закон на Насилство.“ И покрај тоа, секој вистински христијанин „мора да му се спротивстави“. Затоа е нужно освестување, свест на секој поединец. Неговата вера во тие принципи е бескрајна, па пишува: „Христијанството и само христијанството го ослободува човекот од ропството во кое го фрла сегашноста.“ Затоа, смета тој, прифаќањето на изворното христијанство е нужно за да се подобри животот. Мора да се сруши владеењето на „Светското Зло“. Интересно е што Толстој смета дека медиумите имаат исклучително негативна улога зашто „Сите медиуми се во рацете на власта“. Затоа, Власта мора да биде во рацете на народот, а не на кој било поединец.

Просветителскиот карактер на мислата на Толстој доаѓа до израз во идејата дека „постои вистинска слобода ако човекот живее во склад со својот разум“. Таквото вложување големи надежи во „човечкиот разум“ доведува до нужност од претходно самокритичко преиспитување на секој поединец. Кога човекот ќе ја оствари таа интроспекција и ќе ги прифати принципите на разумот и моралот (изворното христијанство) тој, смета Толстој, ќе го одбие концептот на постоење „власт на еден единствен над сите останати“. Така и самиот царизам е негација на слободата зашто власта како „еден единствен“ може да се одржи само со насилство (репресија) на војската и целокупниот апарат на присила со кој располага Државата. Затоа, човечкиот Разум наложува дека таквата власт мора да се разори. За преголемата доверба во човечкиот разум многу подоцна, 1954 година, Адлаи Стивенсон, гувернерот на Илиноис, амбасадор на САД во ОН, и во два наврати демократски кандидат на претседателските избори против генералот Ајзенхауер, на една добронамерна госпоѓа која му рекла: „За вас ќе гласаат сите разумни луѓе“, одговорил: „Тоа не ми е доволно. Ми треба мнозинство за победа!“

Значи, според Толстој, власта не се руши со насилство туку со разум („јакнење на свеста“). Тој смета дека кога „Државата и Сопственоста ќе бидат разорени“ луѓето многу брзо и лесно ќе се прилагодат на „условите на разумот“ (свеста) и Слободата. „Непослушноста“ е единственото средство, метод со кој се руши власта. Тоа е местото на кое се раѓа врската помеѓу Толстој и Ганди. Така, во неговата визија „духовното оружје“ е единственото вистинско средство за уништување на власта и остварување на идеите на анархизмот. Бидејќи „животот на земјата е парцијална манифестација на животот“, Толстој ја одбива послушноста на кој било закон што го „кројат луѓето“ (зашто човечкиот живот е само момент во концептот на бесконечноста). Религиозната концепција на животот, смета тој, „ги обединува сите луѓе во ист концепт на животот“.

Од друга страна, најзначајната руска анархистичка фигура, Михаил Бакунин, бил далеку од концептот на христијанскиот анархизам на Толстој. Според него „идејата за Бог имплицира отсуство на правда и човечки разум и е најдлабока негација на слободата“. За разлика од Толстој, кој го прифаќа христијанството и неговите изворни принципи ги смета за предуслов за ослободување на човекот, за Бакунин „Христијанството претендира да доминира со целото човештво“. Тој пишува: „Христијанството е апсолутна и конечна религија... Апостолската римска црква смета дека е единствената цврста, легитимна Божја Црква“, па затоа, според него христијанството е подеднаков „одземач на слободата“ како и самата Држава. Бакунин смета дека во тој концепт Бог е сè, а Човекот – ништо. Доколку Бог е „Вистина “, тогаш Човекот е „Лага“, немоќ, смрт, конечност и несовршеност која стои наспроти Божјата бесконечност, совршенство, самодоволност. Така, овие два големи мислители на рускиот анархизам (иако Толстој многу ретко се споменува во тој контекст) многу се разидуваат што, секако, не го намалува нивното значање.

Домот на Толстој во Јасна Полјана.

Толстој често се занемарува дури и како писател, а уште повеќе како човек кој со голем интерес и на еден мошне специфичен начин влегол во просторот на општественоста обидувајќи се на активен начин да учествува во промената на постоечката состојба и тоа во времиња кои не му биле нималку наклонети, а особено не на неговиот концепт за нужност од изведување длабоки, радикални општествени промени со отфрлање на насилството и прифаќање на силата на човечкиот разум и изворната христијанска мисла (зборови на Христос).

Неговата мисла и неговото дејствување најмалку ѝ се допаднале на Црквата, па кон крајот на февруари 1901 година, Руската православна црква го исклучила од своите редови како еретик. Таа одлука сè уште е на сила. На стогодишнината од неговата смрт, Владимир Толстој го молел патријархот Алексеј, поглаварот на Руската православна црква да ја промени одлуката. Алексеј му одговорил дека екскомуникацијата на Толстој не може да се укине зашто умрел, „па не може да се покае“. Црквата смета дека Толстој паднал „во голем грев на гордоста“ и дека неговите дела се насочени против христијанството. Според нив, Толстој создал свое „Евангелие“ и „така се отстранил од христијанството односно од православието“. Затоа, полуофицијалното гласило на Руската православна црква „Православна Москва“ ги повика сите верници да се „воздржат“ од читање на делата на Толстој зашто тој „станал горделив и отворен противник на Исус Христос.“

Кога Толстој бил екскомунициран, Синодот на Руската православна црква се нашол на маки зашто заради неговата огромна популарност кај народот не можеле да бараат негово апсење и затворање. Толстој јавно им поставил прашање: „Зошто не ме уапсите?“. Еден висок државен службеник му одговорил: „Затоа што вашата слава е поголема од нашите затвори, Грофу Толстој“.

Што ѝ згрешил Толстој на Црквата?

Тој барал Евангелието да се исчисти од сè што е „непоимливо за здравиот разум“. Затоа, Евангелието мора да се исчисти „од сите чуда“. Толстој негира дека Исус Христос е Бог. За Толстој тој е „мудрец“ како, да речеме, Буда, Лао Це, Сократ или Платон, сеедно. Согласно со тоа, „гревот“ на Адам и Ева како и безгрешноста на Христовото зачнување според него се обични бесмислици. Меѓу другото, „божјата милост“ е толку голема што не прави разлика меѓу грешниците и праведниците. Божјата милост им припаѓа на сите. Поклонувањето пред иконите и „моќните светци“ за Толстој се обична магија и идолатрија. Тој застанува и против Светото Тројство. Со Бог и Христос води „јавен дијалог“, па така му вели на Бога: „Погледни што прават во твое име. Твоите пастири благословуваат убиства“.

Заради сето тоа немал христијански погреб. Но, властите се плашеле од можни демонстрации на неговиот погреб зашто луѓе од цела Русија тргнале кон неговата Јасна Полјана каде бил погребан. Затоа го ограничиле бројот на возови кои тргнале во тој правец, но илјадници луѓе пристигнувале пешки и во деновите по неговиот погреб. Особено селани, но и припадници на сите други слоеви од руското општество. Негова изричита желба била неговиот гроб да нема никакви ознаки.

Така е закопан аристократот, писателот и „револуционерот на духот“. За него велат дека бил христијанин „без Бог и без Црква“, „христијанин на дело“, активен христијанин кој до крајот на својот живот заговарал братство на сите луѓе и идеја за Правда и Слобода. Макс Нетлау го нарекува „Херодот на анархизмот“, му се поклонува Кропоткин, а припадниците на CNT, највлијателното шпанско анархистичко здружение основано 1910 година во Барселона („Confederacion Nacional de Trabajo“) го ценат повеќе од Бакунин. По Рафаел Барет тој бил „писател и пророк“ во кој се испреплетуваат „естетскиот“ и „моралниот“ аскетизам. Тој го смета за „тотален анархист“. Бил Револуционер и Еретик. Негови основни идеи биле: земја за сите, љубовта како посредник, пасивен отпор, отфрлање секакво насилство, системско отфрлање на сите досегашни општества и организации зашто сите постоечки закони и сите постоечки државни регулации, сите постоечки правни облици и сите права, како на буржоазијата така и на пролетаријатот – се засноваат на Насилство. Затоа, неговите книги и брошури во царска Русија биле забранувани и запленувани, а нивните издавачи апсени и протерувани во прогонство, а најпосле Црквата го исклучила од своите редови.

Гробот на Толстој.

Тој во практиката го заговара и спроведува христијанското мото „Сакај го ближниот свој“. Иако, Бакунин го критикува како верник, Толстој е жесток противник на Црквата, Државата и Сопственоста како институции кои треба да се „уништат“ и ја одделува својата лична вера од нив. Го отфрла владеењето на какви било Господари, Сопственици, Државници и Свештеници. Но, го отфрла и „гневот на угнетените срца“ ако води кон насилство. Тој во практиката се откажувал од својата сопственост и своите „владејачки права“ како и од сите свои авторски права што ги имал како еден од најславните и највлијателните руски писатели и интелектуалци уште од времето на својот живот, па сè со ден денешен. Се облекувал едноставно и скромно како обичен руски селанец, а јадел како сиромав. Навистина им служел на своите блиски“. Се сметал за стока на својата несомнена слава која сè повеќе растела кај народот заради неговото принципиелно однесување во животот што го водел во склад со своите идеи. Му пречело преголемото внимание и грижата на семејството и неговите пријатели. Затоа, на 10 ноември 1910 година избегал од својата куќа и сакал да биде со „обичните луѓе“. „Побегна во смрт“ – се коментирало подоцна. На својата сопруга ѝ го напишал последното писмо во кое барал да не го бара и ѝ рекол дека „сака да побегне од вревата и сè што го вознемирува“. Му пречеле „бескорисните посети, молбите“... му пречеле новинарите, разните „добронамерници“, претставниците на филмската и грамофонската индустрија кои постојано го посетувале и го малтретирале барајќи од него да сними ова или она. „Ми го трујат животот“, пишува Толстој во своето последно писмо. „Се повлекувам“. Им го должам тоа на својата душа и на своето грешно тело кое живееше 82 години во оваа долина на бедата. Триесет години ги поддржував земските лаги на луксузот и комфорот“ пишува тој, мислејќи на првите триесетина години од својот живот и завршува со пораката: „Доста ми е од сето тоа и сакам да го завршам својот несреќен живот во сиромаштија“.

Денес, во време на наплив на лажно верско морализирање и општествена хипокризија од секаков вид, прашалната веродостојност на не толку мал број опскурни квази верски здруженија, во време на јакнење на „католичкиот фундаметализам“, бескрупулозно мешање на верата во секојдневната политика и неспорното десничарење на голем дел на црковната хиерархија и ниското клерство во Хрватска не е лошо да се потсетиме на овој великан на книжевноста, човечката мисла, човечкото достоинство и пример за изворна христијанска доследност на дело. Дотолку повеќе што на нашата политичка сцена се појавуваат и недефинирани, „политички комети што лутаат“ кои изманипулираната јавност, под силно влијание на игнорантскиот медиумски публицизам, ги меша со анархизмот. Најчесто, како и за многу други нешта, се работи за „домашни политички помии“ кои на хрватската сцена се обидуваат да се сервираат како „врвни политички јадења“, а речиси секогаш станува збор за „несварливи фалсификати“ кои клиентелата на „политичката кујна“ на балканската политичка биртија е секогаш подготвена со сласт да ги проба како најголеми специјалитети.

Крај.

Кон првиот дел.

Извор: http://www.noviplamen.org/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото