1030 hPa
36 %
17 °C
Скопје - Вто, 05.11.2024 11:59
Народниот правобранител најостро ги осудува вчерашните случувања и упадот во Собранието, насилството врз пратениците и новинарските екипи, a исто времено упатува критика за непрофесионалното и селективно постапување на МВР, кое наместо да го спречи го овозможило насилството.
– Примената на двојни аршини во работата на овој орган, ги потврди констатациите на Народниот правобранител за длабоката партизираност на ова Министерство, што е за секаква осуда. Народниот правобранител ја критикува инертноста на полициските службеници кои видно од вчерашните снимки, иако беа присутни, не реагираа и дозволија насилство, а новинарите беа попречени во вршење на својата работа и беше повредена слободата на медиумите, се вели во реакцијата на Омбудсманот.
Народниот правобранител потенцира дека насилството не е метод за решавање на недоразбирањата и несогласувањата каде било, а особено не во Собранието.
– Недозволиво е органот чија основа надлежност е обезбедување на сигурноста на граѓаните да направи сериозни пропусти, со што ги загрози животите на присутните во Собранието на РМ. Народниот правобранител повикува МВР неодложно да се воздигне над партиските интереси и на ефикасен и професионален начин да ја извршува својата функција во најдобар интерес на граѓаните, порачуваат од канцеларијата на Омбудсманот.
Оттаму повикуваат на разум и апелираат сите чинители, особено лидерите на политичките партии да се одважат и на јасен и недвосмилен начин да го осудат и да се дистанцираат од насилство и самовоиле, со што истовремено ќе овозможат формирање на институциите без насилство, а во интерес на граѓаните.
Извор: НоваТВ
Слика: Зоран Кардула