Слобода

29.04.2017 13:22
Слобода

На сите пратеници од парламентарното мнозинство кои храбро ги издржаа налетите на организираните орди хулигани и тепачи, го ризикуваа својот живот и здравје и до последен момент се воздржаа од повикување на контрапротести и масовно крвопролевање низ скопските улици,

На сите граѓани со големо Г, кои не наседнаа на сценариото на Груевски, кои и покрај високиот адреналин и гнев од случувањата во Парламентот, не излегоа на улиците и не му дадоа повод на Иванов да прогласи воена состојба,

На сите студенти и нивниот Пленум, кои уште пред триипол години зачекорија низ скопските булевари и ја најавија политичката пролет,

На сите мажи и жени кои ги вееја знамињата на Шарената револуција и отворено и без страв го покажаа презирот кон забеганата и корумпирана власт и нејзините криминални зданија,

На сите затвореници осудени во монтирани политички процеси и на нивните најблиски кои преживеаја сопствена голгота,

На сите судии кои им се спротивставија на нивните „сваровски“ колеги и си ги жртвуваа своите кариери,

На сите доблесни луѓе со големо Л кои ги бранеа своите чест, углед и достоинство и им се спротивставија на булдозите од власта, ризикувајќи да останат без егзистенција,

На сите новинари и новинарки кои останаа без работа затоа што нивните медиуми намерно, свесно и со умисла без згаснати од страна на режимот,

На сите учители и учителки кои до крајот останаа верни на својата света професија да ги образуваат и воспитуваат децата,

На сите приватни претприемачи и производители кои јуначки ги издржаа рекетите и бизнис – неправдите и протекционизмот од режимот и обезбедија егзистенција за многу семејства,

На сите интелектуалци и умни луѓе кои се ставија во одбрана на вистината и правдата,

На сите родители и нивните непресушени солзи за чедата кои се евакуираа пред налетот на дивата, бескрупулозна и партиско – криминална организација,

На сите мои сограѓани Албанци кои и покрај сите провокации, навреди и омаловажувања од страна на „заедничарите“ и нивните медиумски комесари, успеаја да го сочуваат разумот и не наседнаа на провокациите,

На сите знајни и незнајни жртви на 11-годишната тортура спроведена од груевизмот и неговите мафијашки инсталации,

На СЈО и неговата бескомпромисна борба против институционалниот криминал во режија на Груевски и Фамилијата и конечно,

На Зоран Заев кој имаше смелост да ги објави прислушуваните разговори и херојски да ја истурка целата битка,

ВИ ГО ЧЕСТИТАМ 27 АПРИЛ – ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ.

П.С. Борбата не е завршена, дури допрва претстои најтешкиот процес на демонтажа на груевизмот и сите негови криминални инсталации.

Конечно, Рубикон е преминат. Враќање назад - нема.

Извор: Фејсбук профилот на авторката