Светол четврток

29.04.2017 13:31
Светол четврток

Колку и да изгледаше грозно ноќта спроти петокот, колку и да беше опасно, нечовечки и дивјачки тоа што се случи во Собранието, сепак овој датум ќе биде запишан со светли букви во македонската историја. За разлика од црниот понеделник, ова беше светол четврток. Почеток на изгрејсонцето на слободата, по долгата ноќ на владение на тиранијата, која одбива да си оди и не жали да пролее крв (туѓа) за да го одложи падот.

Исходот е следен – новото парламентарно мнозинство ја тргна блокадата, избран е новиот собраниски спикер, и отворен е патот кон избор на нова влада. Повредени и раскрвавени се многу пратенички и новинарски глави, окрвавени се многу вмвровски раце. На добар дел од македонските граѓани им се згади од своите сограѓани, а друг дел садистички уживаше во крвавиот пир. На едни крвта им зовре и посакаа одмазда, други веројатно решија дефинитивно дека Македонија е ненормална земја со која не сакаат да имаат ништо. Некои пак, како мене, видоа светло на крајот од тунелот.

По оваа ноќ, власта е дефинитивно дисквалификувана за секаков дијалог, помножена со нула, само е прашање како и колку болно ќе ја прифати оваа вистина. Знам дека нови трауми ќе следуваат и дека хунтата ќе се опира и ќе гризе до последен момент, дека тешко ќе оди со „мирната транзиција“ на власта, но ова мораше да се направи. Тоа е важен чекор кон расплетот на агонијата, која премногу долго трае. Меѓународната јавност многу брзо и итно го поддржа изборот на новиот спикер Талат Џафери, а посилна поддршка допрва ќе следи. Тоа можеби не изгледа многу, во услови кога Груевски и Иванов веќе делуваат надвор од секаков разум и политичка логика, но со време ќе донесе резултат. Новата влада не е така далеку како што се чинеше пред само неколку денови.

Може да се постави прашањето дали целата акција не се изведе со преземање преголем ризик. Тие што знаат како дише Груевски, немаа проблем да претпостават дека токму вака ќе изреагира – ќе го подбуцнува неговиот „народ“ во отворен линч на пратениците. Тврдокорните, впрочем, не го криеја тоа – отворено зборуваа дека нема да дозволат избор на претседател, и дека пратениците, како што рече онаа мизерија од актер, „може ќе влезат, но нема живи да излезат“. Тие го знаеја овој план – беа спремни (мотивирани) да маваат, да тепаат и да убиваат ако треба, особено кога знаат дека полицијата е „од нивна“. Можеби можеа да се преземат некои превентивни мерки, за оваа опасност да се намали, а такви постоеја, кога ќе размисли човек.

Изгледа дека никој не можеше да претпостави до кои размери може да оди безобразлукот на полицијата, предводена од Чавков. Специјалците, кои сме ги гледале како „кршат“ далеку поголеми толпи на протести (како тој на 5 мај за Нешковски, на пример), мирно како бајчиња ги пропуштаа типовите со качулки на главите и со крв во очите да насрнуваат на пратениците и на новинарите. Очигледно, така беа инструирани и подготвени. За тоа тие, а особено нивните претпоставени, треба да понесат одговорност. Тоа непрофесионално однесување е злоупотреба на положбата, загрозување на животите на народните избраници и на другите во Собранието, како што вели Кривичниот законик, „со нечинење“. Но, уште сме далеку од тоа.

Крвниците, партиските јуришници што се изживуваа врз пратениците, ги раскрвавија, ги клоцаа, ги удираа со тупаници, со столови и со сè што ќе стигнат, исто така мора еден ден да бидат лоцирани и казнети. Тоа е најмалку што им должиме на овие јунаци на македонската демократија, пратениците на парламентарното мнозинство, кои буквално пролеаја крв во овој Светол четврток. Можеби е така подобро – ќе знаат повеќе да ја ценат тешко стекнатата слобода и демократија, а и ние покрај нив. Насилниците што ги окрвавеа своите раце мора да одговараат, лично, поединечно.

Сепак, најкрвави се рацете на нивните налогодавачи, иницијатори и инспиратори, на чело со Груевски. Неговите лицемерни изјави во кои повикува на „воздржување“, никого веќе не може да залажат – тврдокорните орди се негов проект. И тоа во сериозна судска постапка може да се докаже, колку и пред нас да е повторно време на исчекување, неизвесност и можеби нови драми. В понеделник во Скопје доаѓа Хојт Ји. Ние на вчерашната насловна прогнозираме дека дотогаш нè очекува „пеколен викенд“, но настаните нè испреварија. Ви посакуваме драмата да заврши тука, да имате мирен првомајски викенд, а нашата насловна да се покаже неточна.

Извор: Слободен печат