Црна Македонија

01.05.2017 11:04
Црна Македонија

Ништо повеќе не може да биде исто. Она што се случуваше на оној црн 24 декември 2012 година сега заличува на пикник, на загревање или увертира во овој 27 април – ден што дефинитивно ќе биде запаметен како најтраорниот ден во македонската понова демократска историја, или токму реализација на толку посакуваната, и најавуваната „ноќ на долгите ножеви“ од страна на онаа хистерична баба (божем) богомолка! Се разбира, историјата ќе има свое видување на настанот од четврточната вечер во македонското Собрание, но тоа секако ќе биде прилично испеглано од времето, денфувано од зовриените посттрауматски чувства. Како што впрочем е и овој мој текст, намерно пишуван „ден потоа“, за да не каже нешто што „не треба“, да не биде пресилен, навивачки. Иако, не верувам дека каков и да е збор би бил пресилен во споредба со она што го видовме, во споредба со она што го преживуваа пратениците од владејачкото мнозинство во Собранието на РМ тој траорен четврток 27 април 2017 година. И ова е датум што мора да се запамети, датум што мора да влезе во македонските историски читанки како ден, односно ноќ кога дефинитивно паднаа маските, кога режимот на „најпатриотската“ партија, и не само таа, си го покажа(а) вистинското лице, она лице кое што всушност сите го знаевме, или го претчувствувавме, ама некои не сакаа да им веруваат на личните чувства. И тука апсолутно не ги амнестирам – напротив – оние грст бараби од македонската (не)култура како божем непартиски „патриоти“ кои веќе утре, или задутре, ќе бидат обвинети за обид за убиство и редица други обвинувања. И не ќе можат да се правдаат дека тоа не е нивно дело зашто тие стоеја на чело на разулавената толпа! И ако такви бараби, повторувам – такви бараби – некој повторно ги смета за дел од оваа култура, тогаш и тој/таа е апсолутно дел од ваквите садистички убиствени структури во државава!

Затоа, не е Македонија само „посрамотена и понижена“ (Андов), таа е демократски целосно инвалидизирана држава, морално урнисана, но злосторнички наострена, убиствено ориентирана. И дури и во таква атмосфера она смешно шапшалче Емил „Никола“ Димитриев, кој упорно а евидентно патетично глуми премиер, вели дека „Чавков и полицијата ја имаат мојата доверба“! Па се разбира дека ја имаат, не само довербата. Но и тоа ќе дојде на дневен ред, еден ден.

И знам дека некој мудрец можеби ќе рече: е па, ете, ако се повлечеше „Тиранската платформа“ … Е што, што ќе се случеше? Та зарем некој навистина мисли дека оние инструирани насилници и убијци воопшто го прочитале дури и насловот на тоа парче хартија? И дека заради тоа така реагираа (што секако е деминутив пар екселанс)? Та зарем некој навистина мисли дека тие воопшто и знаат да читаат? А и ако знаат – разбираат ли што читаат? И важно ли им е тоа што го читаат, визави омразата што ја видовме, закрвавените ококорени очи, запенетите усти? И во тие и такви ли има Димитриев доверба и поддршка? И малку ли беше говорот на Заев само неколку часа пред ударот врз коалицијата, неговите уверувања што има намера коалицијата да прави, за што да разговара а дека никој воопшто не размислува за прекршување на закони и Устав? И сето тоа не беше доволно, ама повеќе од доволни беа измислиците на ороводачите од „За заедничка Македонија“ и на врхушката на „најпатриотската“ партија?

И сега останува ние да се срамиме пред светот заради толпа хулигани од двесте-триста луѓе на чело со неколкумина локални (не)културни бараби влезени во филм дека ја бранат државата? И дека „Ова е НОБ, бре! Четврти Илинден! Во Македонија се крчка втор АСНОМ: Јасно?“, како што хистеризираше лудана баба? И после неполни дваесет и четири часа од крвавиот пир на разулаваните ќосевци да ви го пуштат цел час инсипираторот на сиот овој хаос да држи говори на една национална телевизија? И после друг ни е крив, „Тиранската платформа“, што ли? Црна Македонија!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Фотографии: Anadolu Agency