„Вистинските луѓе“ од ВМРО

02.05.2017 01:06
„Вистинските луѓе“ од ВМРО

За десет години владеење ВМРО не само што го ограби и го опустоши македонското општество, не само што институционално ја декапацитира и обесмисли македонската држава, туку и го издроби, антагонизира и претвори во крш практично целото население. Оваа непрекината делба на „комуњари“ и „вистински“ Македонци, на вмровци и поданици, на македонски и други непријателски етнички племиња - албанофоби, Албанци и предавници, на кланови и фамилии - сите конфузни и меѓу себе недоверливи или замразени, туку го направи ова кутивче од држава инвалидна заедница што е веќе на работ на својата историска одржливост.

Многумина што не ја разбраа мојата шега за енергетската ефикасност на вмровскиот мозок ме набедија дека – споредувајќи го со мозокот на шимпанзите – расистички ги дехуманизирам „вистинските“ Македонци. Но, не, токму е спротивното: јас ги сметам вмровците за вистински луѓе, и тоа од најстарата човечка лоза! Нивната исконска инфериорност, што е психолошката основа за нивниот ултранационализам, ксенофобија и расизам, се веројатно најстарите психосоцијални својства на првите човечки заедници.

Од варвари до брбори

Ако не ви се верува – следете ме внимателно. Во далечното минато, примитивните човечки заедници - роднинските кланови или племињата - отфрлале како неразбирливо и неприфатливо сè што не е слично или исто со нивните морални, религиозни, социјални или други културни обрасци. Таа заштитна реакција кон другите е стара колку и човештвото, па денес претставува еден вид праинстинкт или палеорефлексна реакција на одбивност на некои луѓе (од целиот свет) кон различните начини на живеење и неразбирливите јазици, а обилство од недвосмислени докази за ова може да се најде токму во лингвистиката.

Античкиот свет, на пример, сето она што не му припаѓало на хеленскиот и римскиот културен образец, го нарекувале варварство. Овој старогрчки збор потекнува од ономатопеја на птичје гракање и изворно ги означувал луѓето што не го зборувале грчкиот јазик, што значи сите странци. Но, во истото тоа време зборот ги добил и своите пејоративни и навредливи значења со коишто се именувале сите туѓинци – како необразувани, прости и сурови луѓе, со еден збор – дивјаци. Интересно (и не сосем вон темата!) е дека старогрчкиот збор barbaroi - варвари, е комплетно сочуван во македонскиот јазик во глаголот „брбори“, и тоа во своето изворно значење – како неразбирливо зборување, односно брборење! Но, да се вратиме на темата на корените на вмровскиот расизам.

Тој праисконски одбранбен социјален рефлекс за кој зборував погоре, клучно влијаел врз меѓусебното именување на огромен број племиња и народи. Така, на пример, северноамериканското племе Чејени биле така наречени од нивните соседи Дакота Индијанците, а значењето на зборот „чејен“ на дакота јазикот било „оној што брбори“, демек, зборува неразбирливо. Чероки индијанците, пак, се наречени од нивните соседи Крик, како „оние што не го разбираат нашиот јазик“. Исто е потеклото на називот за Германците во словенските јазици – Немци, што значи дека поради невозможноста да се разберат со Германците, соседните словенски народи ги нарекле неми.

Генетска инфериорност

Овој наивен, но длабоко вкоренет начин на мислење и однесување на прастарите човечки заедници творел еден конзистентен свет, и клучно влијаел – како што видовме - и на формирањето на јазиците. Во тој светоглед, границите на човештвото се совпаѓало со границите на племињата или на истојазичните групи, па многу често зборот со кој народите се нарекувале себеси, изворно означувал „луѓе“, „вистински“, „добри“, „совршени“, додека оние другите ги поседувале сите негативни својства. На јазикот на Динка народот од Судан, зборот „динка“ напросто значи „луѓе“, што јасно имплицира дека оние што не се „динка“ не се ниту луѓе. Така, Леви-Строс пишува дека имињата што им биле давани на соседните племиња биле зборови што значеле „лоши“ и „зли“, а „другите“ неретко ја губеле и човечката природа и биле нарекувани со етноними со значење на „мајмуни“ или „гниди“. Ете несоборлив научен доказ дека вмровците се „вистински луѓе“, зашто нивното самоспознавање како „вистинските Македонци“ и именувањето на сите од македонски, албански, српски, ромски и друг етнонационален происход за „други“, како да е хиберниран од пред 30.000 години и донесен свеж и негибнат да се „раскрави“ на македонското сонце.

И, токму во таа „вистинска и исконска човечност“ на војниците на ВМРО – сите мобилизирани во одбрана на Македоња Вечна – е и темелниот проблем на македонската демократија. Бидејќи, според Леви-Строс, „идејата за човештвото што ги опфаќа сите форми на човечкиот вид, без оглед на расата или цивилизацијата, се појави многу доцна во историјата“, тогаш очигледно е дека вмровците ја „промашиле“ целата културна еволуција на видот и во 21 век делуваат со „тазе“ племенски морал и психосоцијални обрасци од палеолитот. Тоа се луѓе што за себе тврдат дека се единствените вистински за владеење со Македонија и всушност ги негираат сите други, колку и да се овие побројни од нив. Тој вечен расизам влече потекло од нивното праисконско, генетски одредено чувство на инфериорност што бара хистерична психолошка одбрана, која, пак, се колективизира во ултранационализам, расизам и фашизам.

И, што да се прави со овие „вистински луѓе“ што се закануваат дека ќе ја експлодираат Македонија ако некој се обиде да ги симне од власт? Ништо, треба само решително, упорно и бескомпромисно да се симнат од власт. Како што пишува во Уставот.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња