Eine kleine wiegenlied

02.05.2017 00:24
Eine kleine wiegenlied

Едно бебе појде да се тетовира. „Сакам да ми го истетовираш сиот мој иден живот“, му рече на тату-мајсторот, си ја стави цуцлата во уста и удобно се смести на масичката за тетовирање.

Почнаа од детството. На бебешките нозе почна да се исцртува слика на дете кое трча по топка, кое паѓа во езерцето во паркот, кое ја бутка неговата најдобра другарка од 1-ви кат, кое почнува да оди на училиште, кое првпат се степува, кое првпат се вљубува. Мајсторот се префрли на стомакот: средно училиште, чудни друштва, прва девојка, прво пијанство, прво раскинување, прва смрт. Тату-мајсторот ја продолжи приказната по рацете каде јасно можеа да се видат сцени од неговите дваесетти: првите успеси, првата вистинска љубов, сè повеќе радости, сè повеќе умирачки, сè повеќе затворања во себеси. На ред дојде грбот. Секоја капка во тоа што требаше да биде заплет, на бебето му претставуваше сè поголем товар: работа, женидба, деца, сметки, отсакување, развод, алиментации, нов брак без љубов, големи вистини, мали проблесоци радост, големи разочарувања. Како продолжуваше животот, така телото на бебето се полнеше со сè потажни слики: војни, туѓи болести, умирачки, сопствени болести. Сликите стигнаа до челото: бебето, веќе остарено и згрбавено, бавно шеташе по сосема изменетата уличка од детството, стигна до една огромна зграда која израсна на местото на куќата во која се роди, легна на тротоарот и умре.

Тату-мајсторот го одложи алатот и внимателно ги фотографираше сликите на безживотното тело на бебето. Потоа го крена, го стави во мал црн ковчег и го однесе во една голема просторија со илјадници идентични ковчези, на чии ѕидови беа залепени фотографии од илјадници неисполнети судбини.

Тетоважа на сликата: L’oiseau

ОкоБоли главаВицФото