Прогонот на Викиликс и иднината на новинарството

02.05.2017 02:40
Прогонот на Викиликс и иднината на новинарството

Неодамна најавата на Министерството за правда на САД дека ќе ја разгледа можноста да подигне обвинение и кривично да го гони Викиликс, а можеби и да го уапси неговиот основач Џулијан Асанж, е нечуен и многу опасен потег кој се заканува да ја загрози слободата на медиумите и правата на новинарите. Веројатен повод за подигнување на обвинение се објавувањето на пораките на Стејт департментот во 2010 година и неодамнешното откривање на хакерските алатки кои ги користи ЦИА.

Што и да мислиме за Викиликс - а особено ако не мислиме ништо добро - важно е да разбереме колку ова обвинение е опасно за иднината на новинарството во САД. Медиумите постојано објавуваат доверливи податоци. Обвинението против Викиликс значи дека слична судбина наскоро би можела да ги снајде и многу новинари. Дури и најострите критичари на Викиликс треба да ја осудат оваа постапка како сериозна закана за правата кои ги штити Првиот амандман.

Многумина можеби не забележуваат, но доверливи информации завршуваат на насловнтие страници на Њујорк тајмс, Вашингтон пост и Волстрит журнал практично секоја недела. Како што пред повеќе од 40 години забележа новинарот на Њујорк тајмс, Марк Франкел, по повод објавувањето на Пентагонските документи, без право на објавување на тајни информации „известувањето за дипломатските, воените и политичките теми во согласност со стандардите на кои нашата јавност е навикната, не би било можно - било да се во прашање случувањата во светот или во Вашинтон - па функционалниот систем на комуникација помеѓу владата и граѓаните би се уништил и исчезнал“.

Нема подобар пример за тоа од актуелните медиумски извештаи за администрацијата на Трамп: тие подразбираат објавување на информациите кои администрацијата попрво би ги задржала за себе. Било да е тема оставката на контроверзниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, планот на администрацијата на Трамп да покрене нови воени офанзиви ширум светот или давањето дозвола за тортура на затвореници - американските граѓани би биле неспоредливо помалку информирани ако тие информации не беа објавени.

Не е тешко да се погоди како критичарите на Викиликс ќе одговорат на овие аргументи. Очигледно е дека дел од американската јавност оваа организација ја гледа како непријател поради објавувањето на преписката на Хилари Клинтон пред изборите и дека сакаа оваа организација и нејзиниот основач да бидат соодветно казнети. Некои ќе речат „Џулијан Асанж не е новинар“ или „тој не е американски државјанин“ и така ќе се обидат да го одвојат и оддалечат од другите медиумски куќи.

Тоа е неверојатно кусогледо. Какви забелешки и да имате за уреднчките проценки на луѓето од Викиликс, не може да се негира дека тие објавуваат важни информации кои вреди да се најдат во медиумите. Да, тие успеаја на себе да го навлечат бесот на две последователни американски администрации, баш затоа што доста од материјалите кои ги објавуваат се сметаат за „доверливи“. Но тоа го прават сите медиуми, ако вредат барем малку.

Можеби мислите дека премисите на Викиликс се погрешни, дека организацијата настапува неодмерено или дека отворено застапува одредени политички опции почесто отколку што тоа го прават традиционалните медиумски куќи. Но тоа не значи дека треба да се дозволи со одмазнички и неприфатливи обвиненија да се доведат во прашање медиумските слободи како такви. (Патем, правата од Првиот амандман не се ограничени само на американските државјани, туку се универзални и важат за секој што ќе се најде во правна надлежност на САД - бил државјанин или не - спротивно на она што го мисли директорот на ЦИА.) И дали некој навистина верува дека администрацијата на Трамп - позната по нескриената омраза кон медиумите - навистина ќе запре на Викиликс?

Питер Кинг, републиканец кој го поддржува Трамп, гостуваше на Си-Ен-Ен и изјави дека е задоволен заради тоа што Министерството за правда најпосле „пронашло начин да го казни“ Викиликс. Тоа е истиот Питер Кинг кој во последните десет години во повеќе наврати повикуваше на кривично гонење новинари. Во мандатот на администрацијата на Џорџ Буш изјави дека новинарите на Њујорк тајмс треба да се уапсат врз основа на законот за шпионажа. Потоа во мандатот на Обама го браше истото за новинарот на Гардијан, Глен Гринвалд, поради известувањето за документите на Сноуден. Тоа се новинари кои наскоро ќе дојдат на ред, ако Министерството за правда успее во својата намера.

Пред само неколку недели, Трамп ги нарече Њујорк тајмс и другите водечки новински куќи „непријатели на американскиот народ“. Тој постојано ги напаѓа медиумите поради критичко известување за неговите „лажни вести“, а во кампањата повеќе пати се закануваше дека ќе ги тужи новинарите или медиумските куќи, па дури и отворено предложуваше законите да се изменат така што ќе се олесни судското гонење на медиумите и новинарите. Немојте да мислите дека оваа администрација ќе ја пропушти можноста преседанот воспоставен со ова обвинение да го искористи против кој било медиум кој ќе објави содржина што не ѝ се допаѓа.

Ако Министерството за правда на Трамп ја оствари својата закана, следниот пат на мета ќе се најде издавач што ви е важен, весници што не му се допаѓаат на Трамп - можеби баш оние кои ги читате секое утро. Затоа, да застанеме во одбрана на правата на Викиликс - зашто Њујорк тајмс, Вашингтон пост или Гардијан би можеле да бидат следни.

Извор: The Guardian, 21.04.2017.