Канческа-Милевска ги отвори „Вечерите на талибанска култура“

02.05.2017 03:52
Канческа-Милевска ја отвори манифестацијата „Вечери на талибанската култура“

Скопје, 2 мај 2017

Министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска, во четвртокот во Собранието свечено ја отвори културната манифестација „Вечери на талибанската култура“, која првпат се одржува официјално и под ова име, иако елементи на талибанската култура беа содржани во голем број проекти на Министерството за култура.

Манифестацијата започна со отворање на вратата од Собранието, каде упаднаа околу триста граѓани од повеќе културно-уметнички здруженија, продолжи со пеење родољубиви македонски песни, а заврши со кршење на инвентарот и претепување на повеќе пратеници и новинари.

„Почитувани граѓани, сопартијци, вработени во полицијата, армијата, УБК, уметници, глумци, естрадни ѕвезди и државни службеници, ајде сите заедно да ги убиеме предавниците! Фантомки на глава и покољ!“, порача министерката за култура на отворањето на манифестацијата, по што се поздрави и прегрна неколку маскирани талибанци.

Канческа-Милевска изрази жалење затоа што полицијата по само час и половина ја прекина манифестацијата од, како што наведе, за неа непознати причини и нагласи дека се надева оти следното издание на „Вечерите на талибанска култура“ ќе помине без пропусти во организацијата.

Културно-уметничкото друштво ИСИС од Паљурци на крајот од манифестацијата ѝ подари на министерката за култура една од своите традиционални фантомки, како признание за нејзиниот ангажман на полето на промоција на талибанските културни вредности во Македонија.

Од организацискиот одбор на манифестацијата, најавуваат дека деновиве можно е да се одржи уште еден сличен перформанс во собранието. Дел од учесниците на првата програмска вечер, пак, демантираат дека биле дел од некоја уметничка точка и тврдат дека внимавале некој да не се повреди за време на настапот.

Слики: Свирачиња