Благодариме за храброста

02.05.2017 04:34
Благодариме за храброста

На пратениците од парламентарното мнозинство кои во четвртокот го избраа новиот претседател на Собранието на Република Македонија им честитам на одважноста и спремноста со тој свечен чин да го означат почетокот на процесот на деблокирање на демократските процеси. Со своето трпеливо, разумно, сталожено, достоинствено поведение отворија нова страница од историјата на Македонија. Од сè срце им благодарам. Пламенот што го запалија нека им е голем светилник на патот во спроведување на реформите. На пратениците кои се затекнаа во прес-центарот на Собранието и го издржаа упадот од разни терористички групации кои како загари беа пуштени со добро осмислен план и намера сурово да ги повредат, а можеби и да ги ликвидираат, им честитам на невидената храброст стоички да го истрпат тој брутален излив на омраза и зло. За среќа нема мртви, а физичките повреди, стресот и болката ќе се излекуваат. Им благодарам на сите новинари, репортери, кои беа очи и уши за јавноста да види и дознае што се случувало таму.

Главните организатори, инспиратори, иницијатори, помагачи и извршители на насилството треба да се стават во изолација, карантин, а единствено место од каде што треба да им се поставуваат прашања се обвинителството и судот. Не бидете наивни и не му дозволувајте на тој мафијаш, малиген нарцис и патолошки лажго да се избори за „балансирано“ третирање и да се става на иста линија со човек кој беше спремен животот да го даде за својата земја. А, Телма го кани на „дуел“! Што ново треба да слушнеме од овој човек што не сме го знаеле до сега? Тоа е голем минус за Телма, по кој главниот и одговорен уредник треба да си поднесе оставка!

По овој настан чувствуваме само болка и ништо друго. Сè уште сме во шок и не можеме да сфатиме дека се случи страшно криминално дело – линч и обид за убиство со предумисла на народни пратеници пред очите на целата јавност!!! Луѓе-криминалци кои се закана за безбедноста на граѓаните слободно можат да влезат во највисокиот законодавен дом и таму да масакрираат пратеници!

И нашиот неславен претседател ги покани лидерите на средба кај него, во неговата резиденција (бидејќи претседателската резиденција и функција ја сфаќа како приватна своина, односно како дел од структурата на ДПМНЕ, а не како државна институција). Заев со завоите на главата и во крвавата кошула веднаш да трча, Села итно да се разбуди од кома и право на средба кај „претседателот“. Каде живее човеков, не знам. Можеби навистина си има голема мака м така ненормално се однесува. Нека ни каже, ќе го разбереме.

Сума сумарум, како што веќе напиша Тричковски, Зоран Заев ќе биде во најтесниот избор на кандидати за Нобеловата награда за мир. И јас верувам во тоа.

 

Слики: Татјана Миљовска, од серијата Ткиво IV, акрил на хартија, 28 -29. 04. 2017