Изгубено племе

02.05.2017 09:48

Над главите ни прелета црвено фризби, па сите клекнавме и се помоливме. За што се молевме, не знам. Всушност, дури не знаев ни што да правам со таа група лудаци. Тие постојано трагаа по знаци. Јас вистински не верував во знаците. Но кога клекнаа да се помолат, и јас клекнав, иако вистински не се молев. „Што, по твое мислење, значи јатоно гулаби?“, ме праша еден од нив. „Значи дека сме се лизнале од Божјата прегратка“, реков. „Трагично, нели?“ запраша. „Навистина е“, реков. Продолживме да одиме низ поле со детелина. Онде имаше некој стар трактор покриен со рѓа. Една жена се сопна и падна. „Оставете ја. Ќе ни пречи“, рече водачот. Два елена нè здогледаа и почнаа да трчаат. „О, мили Боже, се ближи крајот“, рече мојот придружник. Сите паднавме ничкум и почнавме да се молиме. „Јас не мислам дека се ближи крајот“, забележа некој. „Се разбира дека се ближи крајот“, приспомна втор. „Два елена во бегство, тоа е знак, зар не?“ „Два елена во бегство е знак дека ќе се случи нешто прекрасно“, одговорив. „Јас не видов никакви елени. Мислам дека само си умислуваш“, рече некој. „Подобро да продолжиме. Наскоро ќе се стемни“, рече водачот. Набрзо влеговме в шума. „Мислам дека ова е грешка. Ќе се изгубиме“, реков. „Изгуби е невернички збор. Ќе ни се покаже некаков знак, запомни што ти реков“, одговори. „Шумата има премногу знаци“, реков. Од височините стрмоглаво се спушти црн клукајдрвец и прелета точно над нас. „Овде би требало да логоруваме“, рече водачот. Беше самрак кога ги поставивме шаторите. „Мене не ми се допаѓа овде“, реков. „Господ нема да нè изневери. Тој никогаш не нè изневерува“, рече мојот придружник. Се стемни. Реков: „Мораме да се извлечеме одовде. Ќе нè снајде нешто ужасно“. Немаше одговор. Затоа, палејќи ја џебната ламба, заминав меѓу стеблата. Никогаш не ми се допаѓаа тие луѓе. Тие беа изгубено племе, а јас не бев изгубен. Јас бев само збунет.

Превод: Лавинија Шувака

 

Слични содржини

нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото