СДСМ: Груевски, Иванов, Велјаноски, Чавков, се обидоа да предизвикаат меѓуграѓански, меѓуетнички судир и државен удар

02.05.2017 16:13
СДСМ: Груевски, Иванов, Велјаноски, Чавков, се обидоа да предизвикаат меѓуграѓански, меѓуетнички судир и државен удар

На прес конференција на СДСМ, Дамјан Манчевски, пратеник и потпретседател на СДСМ Скопје, порача дека мора да одговараат нарачателите на насилството во Собранието:

„Ќе одговараат и директните извршители, но уште поважно, ќе одговараат и оние кои го нарачаа обидот за убиство во Собранието.

ОЈО, МВР и надлежните институции мора да водат јавна и транспарентна истрага со цел да се откријат големиот број злосторници кои беа учесници во овие настани. Од снимките граѓаните масовно ги препознаваат извршителите на Груевскии, Мијалков, Чавков и Велјановски. Сите до еден им беа познати на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Сите до еден се дел од партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ. Директори на јавни претпријатија, раководители на сектори, вработени во МВР, вработени во јавни претпријатија и многу други коишто примаат плата од државата.

Но, во Собранието беа пратени за да извршат обид за убиство и тешки криминалци и убијци. Станува збор за организирано сценарио на режимот во распад.

Ова е Димче Христоски-Жабата од Прилеп, поранешен припадник на „Лавовите“, осуден за двојно убиство во јули 2005 на манифестацијата „Пиво фест“. Една од неговите жртви е и дете. Овој човек го повреди претседателот Зоран Заев.

На оваа фотографија јасно може да се види еден од напаѓачите на Радмила Шекеринска - Димитар Пецов од Струмица.

Овој на сликата со усташките симболи е Игор Југ, претседател на тн. МПЗ „Владо Георгиев Черноземски“ осуден за силување, убиство, дрога и физички напад.

Како што може да се види на снимките, еден од оние кои непречено од полицијата ги насочуваат насилниците е и Никола Митревски-Кољо, три пати осудуван на казна затвор и десна рака на Александар Василевски-Нинџа, двајцата познати насилници на ВМРО-ДПМНЕ. Истите учествуваа и во нападот над нашиот пратеник Мухамед Зекири.

Еден од првите кои влегоа во Собранието е Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков.

Овој насилник, лево на оваа фотографија, е Аднан Мемед – шеф на кабинет на Елвис Бајрам, градоначалникот на Шуто Оризари и син на Амди Бајрам. Го има по балови со Сашо Мијалков.

Ова е Горан Ангелов од Велес, дел од таканаречените патриотски здруженија, тесно поврзан со Илија Димовски.

Ова е Предраг Петрушевски Бинго, под контрола на Јохан Тарчуловски.

Во Собранието беше и Мунир Пепиќ, вработен во Агенцијата за разузнавање, осомничен во случајот „Титаник“ на СЈО, за лажни лични карти.

Овој на сликата е Митко Михајловски-Џачката, вработен во МВР.

Ова е Андреј Илиев, потполковник во АРМ.

Ова е Мартин Стојановски, вработен во Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството.

Во прес-салата беше и директорот на ЈП Водовод и канализација-Скопје, Александар Атанасов. На денешните слики не го објавуваме, туку лично го поканувам тој самиот да ги објави снимките и селфито кое задоволно ги снимаше додека насилниците тепаа.

Има уште многу. И сите ќе ги објавиме еден по еден во јавноста.

Овие лица и граѓаните ги препознаваат, нивниот идентитет може лесно да се потврди. Тие се дел од учесниците во извршеното кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ по член 313 од Кривичниот законик и мора да понесат одговорност.

Најважно од сè е пред лицето на правдата да излезат и нарачателите Груевски, Иванов, Велјаноски, Чавков, кои се обидоа да предизвикаат меѓуграѓански, меѓуетнички судир, државен удар и да предизвикаат основа Иванов да прогласи воена состојба. Тоа беше нивното сценарио што го пресретнавме.

Покажавме разум и никогаш нема да им дозволиме да предизвикаат војна.

Низ легитимна процедура избравме претседател на Собранието, согласно Деловник, Устав и закони.

Сакам да им порачам на Груевски и остатокот од нарачателите да не помислат да ја блокираат работата на новоизбраниот претседател на Собранието. Тоа е тешко противуставно кривично дело, казниво по закон.

Укажуваме, институциите, вработените во нив, граѓаните-сите имаме должност да ја сфатиме својата одговорност во овие историски моменти за Македонија.

Република Македонија тргна напред и тоа е веќе незапирлив процес.“

Извор: Слободна Македонија