1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
На 11 јуни 2001 година, по извлекувањето на герилците на ОНА од Арачиново, група граѓани бесни поради тој, според нив, предавнички чин на оружените сили и политичкото водство, се собраа пред Собранието на РМ со намера да влезат во него и да расчистат со „домашните предавници“. Во општата паника која настана со разгласување на вестите дека постои можност да се воведе воена состојба и дека насобраната група бара оружје со намера да се упати накај Бит-пазар, моето семејство реши набрзина да се спакува со намера да се преместиме на некое посигурно место. Во тие моменти веројатно поттикнат од некаква љубопитност им соопштив на своите блиски дека ќе одам до Собранието да ја видам сосотјбата и лично да се уверам во сериозноста на настаните. Бидејќи живеам во центарот на градот, набргу пристигнав токму во моментот кога мала група луѓе неуспешно се обидуваа да ја пробијат предната врата на собранието (цврста како бедем освен ако не се отвори одвнатре) па гневни поради тоа се нафрлија на уништувањето на блиндираното возило на министерот за внатрешни работи. Останатите граѓани присутни на настанот не го одобруваа тој чин и во разговор со нив видов дека се многу уплашени од развојот на настаните и од можноста да настане општа граѓанска војна. Сите едногласно се залагаа за мирно решение и искажуваа надеж дека одговорните раководители ќе најдат начин да ја зачуваат државата без потребата од положување на нечии животи. Од настанот се вратив скопоен дека не постои атмосфера за општ судир и дека сето ова ќе заврши со некаков политички договор.
Во четвртокот на 27 април 2017 година по видените глетки на раскрвавените и опколени од разгневена толпа народни претставници на СДСМ и на Зијадин Села во Собранието на РМ, повторно се сетив на настаните од 2001 година. Размислувајќи за можните правци на развојот на настаните пак се упатив до Собранието да се уверам со свои очи за настаните кои таму се одвиваа. Овој пат меѓу присутните пред собранието немаше страв, туку бесконечна омраза насочена кон Зоран Заев, неговите соработници и кон албанската популација. Скоро едногласни беа повиците за нивна физичка ликвидација (мал дел од нив се задоволуваа и со нивно затворање), за конечна пресметка со клетите Албанци и воведување на воена состојба која ќе расчисти засекогаш со домашните предавници. Се обидов во разговор со некои од нив да поттикнам поинакво размислување со укажување дека на овој начин не се брани целовитоста на Македонија, туку напротив, дека ова е сигурен пат кој води кон нејзината поделба која ќе биде проследена со големи страдања на нас, нејзините граѓани. Залуден беше тој мој обид. Во тие лица, а се работеше за луѓе во сериозни години за кои мислев дека нивниот разум и животното искуство ќе ги наведе барем да подразмислат за моите зборови, остана само желбата за нанесување насилство кон своите прогласени непријатели. Злото во нивните очи произлегуваше не поради некаква желба за исправување на нанесените неправди, туку од најниската и најпримитивна човекова особина да мрази и да пролее туѓа крв. Една старица по разговорот сомнително ме погледна и ми порача да одам да му се придружам на Заев внатре и да ја поделам неговата жална судбина. Се вратив дома ниту исплашен, ниту зашеметен од неколкуте шок-бомби кои експлодираа во мојата близина. Се вратив длабоко разочаран од крвожедноста на насобраните луѓе и омразата што ја видов на нивните лица. Тој факт, парадоксално, ме погоди повеќе дури и од настаните кои се одвиваа внатре во самото Собрание.
За тие настани во минатите денови многу автори ги напишаа своите впечатоци и анализи и јас немам што попаметно да кажам и да додадам. Но, потикнат од виденото ќе се обидам да напишам нешто за иднината.
Апсолутно мора да ја смениме перцепцијата за тоа како треба да се градат односите во оваа држава. Постојано зборуваме за потребата од спроведување на реформи според извештајот на Прибе, за насоките кои ни ги праќа ЕУ, за добронамерните совети на демократските пријателски земји итн. Сето тоа е во ред. Но, ако не направиме сериозен чекор т.е. темелно не го промениме начинот на градењето на односите внатре на меѓучовечки, меѓунационален и меѓуконфесионален план, се плашам дека нема никакаква можност за некаков напредок. Бидејќи нема на повидок некакво чудо кое преку ноќ ќе нè направи материјално богати и со тоа, нели, „питоми и цивилизирани“, борбата против длабоката фрустрација и нетолеранција која, да не се лажеме, не е само плод на отровната пропаганда на некои медиуми, самонаречени интелектуалци, уметници и останати ликови под капата на семоќната ДПМНЕ, туку е веќе вкоренета во нашите ткива, мора да биде појдовна точка за постигнување на целосна преродба, лична и колективна. За тие постари лица кои ги сретнав во четвртокот, се плашам дека е доцна да се променат, но за сите останати, вклучувајќи ги и оние кои ги загрозија животите на пратениците и оние кои виновниците за сите зла ги гледаат во другата партија или другата нација, ни претстои сериозна работа во повторното градење на сопствената човечност. Во тој процес главна улога ќе мора да ја има воспитувањето внатре во семејството, каде од најрана возраст ќе се негува духот на толеранција. Образованието кое ќе мора системски да се реконфигурира за да ја оствари оваа примарна задача и масовните медиуми ќе бидат деловите од општеството кои тие вредности иницирани во рамките на семејството дополнително ќе ги развиваат и зацврстуваат.
Ако тоа не го направиме наредната криза веројатно ќе биде последна.
За да ја избегнеме можната апокалипса на ова наше парче од мајката земја мора да станеме подобри луѓе.
На сите атеисти и тие што веруваат во единствениот Бог, за почеток, им препорачувам повторно (или за прв пат) добро да ги прочитаат светите книги на својата и на другите религии.
Авторот е поранешен Амбасадор на РМ во Ватикан.