1025 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 03:59
Поговорката вели дека по војната сите се генерали. Или полковници, во најмала мерка. И тоа не е така тешко. По војната, или битката, сеедно. Македонската крвава битка на 27 април, како дел од партиско-криминалната војна иницирана од „најпатриотската“ македонска партија и нејзините гаулајтери во „цивилниот“ сектор, исфрли на површина редица (најблаго речено) збунувачки, контрадикторни „сигнали“ и активности, покажа различни петтоколонашки лица – дури и во самите безбедносни сили, во собраниското обезбедување, но и во медиумскиот сектор (сетете се на најподло организираниот „митинг“ на главниот криминалец на една национална телевизија само ден по крвавата битка) – некои очекувани, некои не, а најнеочекувани се веројатно оние најблаги, би рекол „воспитни“, но и целосно соучеснички обвинувања за паравојската под шифрата „учество во топла“. Тоа му доаѓа како тие ненамерно да го изгазиле зеленилото пред Собранието, или фрлиле по некое јајце врз возилото на идниот мандатар односно премиер на државата и неговите соработници. Та дури и, хипотетички, да се обидете да го „заборавите“ унакажаното лице на пратеникот и претседател на една партија Зијадин Села – што е невозможно, секако – зарем е така лесно да се заборават сите оние други крвави насилни сцени што течеа во real time во Собранието? А како врв на тој хорор доаѓа и оној егзалтиран прием на насилниците во главната сала на Собранието приреден од страна на пратениците на „најпатриотската“ партија, она гушкање, бацување и ракоплескање на жентурачине како да се во некој водвиљ, а не на сцената на најкрвавото политичко насилство во македонската современа историја! Се разбира, најбеден во целава ситуација е обидот на одделни (нај)активни учесници во крвавиот пир да се претстават себеси како „јас не сум од тука“, или како водоносци, дури помагачи (како оној налудничав старец). А уште позапрепастувачка е повторната појава на главните хушкачи на скопските улици, како да сакаат уште, како да се спремаат за нова битка, како да им беше малку онаа крв на 27 април. Плус, тие не се ни меѓу меѓу приведените – демек тие сосема случајно се нашле таму, „на челу колоне“, при упадот во Собранието, диригирајќи со толпата?
Во такви услови мислам дека кај нас вистински „генерали“ ќе бидат оние кои ќе одговорат, во секоја смисла, на реалното прашање на Џељо Хоџиќ: „Што ако режимот одлучи по секоја цена да не ја предава власта“? Зашто, т.н. Платформа е минато – отсекогаш и беше, впрочем – а иднината, барем непосредната, е во „генералското“ разрешување на прашањето: што, односно како понатаму? Зашто, денешното премногу мирно влегување на новиот претседател на Собранието Џафери во неговиот кабинет е сомнително, дури премногу сомнително. Односно, ако криминалците од „најпатриотската“ партија тоа не можеле да го спречат, тогаш имаат план за неколку други последователни чекори со кои што, повторно, ќе му го загорчуваат животот на парламентарното мнозинство. Вистинските „генерали“ мора да ги предвидат тие неколку идни чекори на злосторничкото здружение, сосе можни алтернативи, и сосе соодветни одговори! На секој поединечно и на сите заедно. Иако има голема вистина во она што го вели Героски дека „кинат зелени ’експертите’ на хунтата на Груевски во распаќање“, тие фактички искористија (пре)многу токму од скинатите „зелени“ од новата коалиција и нивните нејасни односно хаотични потези. Па и последниов со наводното итно разрешување на онаа црна баксузна птица од шеф на Оперативниот штаб, а таа продолжува да седи и да грака од истата гранка!
Вистинските „генерали“ веројатно знаат дека војната секако е завршена, ама битките – не. Војната, впрочем, беше завршена, загубена, уште пред да започне, зашто таквите војни се однапред загубена работа. Ама тоа не значи дека разноразни крвави сценарија, односно битки, на локалниве крвољубни вампири, како што се покажа, не им се далечни. Напротив! И тие се подготвени за уште. Тоа се гледа од авион и тоа „генералите“ мора да го имаат предвид.
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слика: Александар Дојранлиев