Во непријатност поради звуците на некои животни што талкаат ноќе

03.05.2017 14:36

Утрото одејќи накај работа го слушнав спикерот на радио како вели: „Како што ни јавуваат, отстранет е поголем дел од стварноста. Поединостите во овој момент не се познати. Едноставно, кажано ми е, возејќи се наутро на работа, ќе откриете дека работите се смениле. Ќе недостасуваат некои улици, цели градски квартови можеби веќе нема да постојат. Сепак, добра вест е дека не се откриени никакви знаци на насилство.“ Го исклучив радиото. Немаше гужва вообичаена за сообраќајниот метеж, на што бев благодарен. Не бев дури ни сигурен дека сум на вистинската улица. Онде каде ги помнев низите и низи станбени згради сега беа пусти полјани. Потоа влегов во некој долг тунел, а не се сеќавав дека порано бил тука. Кога излегов од него, немаше ништо, или подобро кажано, беше пустина, претпоставувам, бидејќи никогаш порано не сум бил во пустина. Ги барав со поглед знаците на градот. Дивиот зајак ја претрча улицата, а уште подалеку напред некој полицаец се потпираше на мотоцикл. Нагонски успорив, а потоа го сопрев автомобилот. „Добро утро, господине“, реков. „Ми се чини дека погрешно скршнав. Можете ли да ми кажете каде сум?“ „Не баш“, одговори. „Изгледа дека ова е ново подрачје. Го немаше порано. Сè уште се обидуваме да го идентификуваме. Ви советувам да возите внимателно бидејќи... сè уште немаме информации за него.“ Забележав дека е на раб на солзи. „Па, благодарам“, реков. Почувствував непријатност во желудникот. Бев сигурен дека ќе задоцнам на работа. Не знаев што да правам. Со еден дел сакав да возам понатаму, да видам што има, а се еден дел сакав да се вратам, иако не бев сигурен што би нашол таму. И така возев милја по милја додека песочните дини се помрднуваа и раздвижуваа, а понекој сокол или јастреб глувчар кружеше во вис. Потоа улицата исчезна, па морав да застанам. Погледнав зад себе, но ни таа улица ја немаше. Во неколку секунди ја поклопи песокта. Излегов од автомобилот, среќен што имам со себе малку вода. Фрлив поглед наоколу, а сè беше потполно исто. Ништо немаше никаква смисла. Се обидов од мобилен телефон да го повикам Харви во канцеларија. Не можев да верувам кога се јави. „Харви, Карл е. Тука сум, на некое ново место. Насекаде има песок и никаде нема улици“, реков. „Ќе дојдеме по тебе“, рече. „Но, јас не знам каде сум. Мислам, не знам ни дали постои ова место“, одговорив. „Не биди смешен Карл, јасно дека постои. Само погледни наоколу и дај ми некоја насока“, рече. „Овде нема ништо. Е, да, пред неколку милји беше некој тунел и полицаец кој се потпираше на мотоцикл. Тоа е последно што видов“, реков. „Дали тоа беше стариот тунел Ларчмонт?“ праша. „Не знам, можно е дека бил. Тогаш веќе се изгубив“, реков. „Добро, доаѓам по тебе. Само не мрдај од таму“, одговори. Чекав и чекав. А потоа едноставно почнав да одам. Знаев дека не би требал, но бев немирен и се надевав дека можеби ќе го пронајдам патот. Го изгубив автомобилот од видокругот и немав поим каде сум. Сонцето ме заслепуваше и не можев бистро да размислувам. Едвај знаев кој сум. А потоа, како по некое чудо, го слушнав гласот на Харви како го довикува моето име. Се осврнав околу себе, но не можев да го видам. „Карл, Карл, овде сум“, рече. Но јас и понатаму не можев да го видам. „Отпаднавме. Се наоѓаме во отпадната зона“, рече. „Што? Што значи тоа?“ запрашав. „Одвоени сме. Можеби е привремено. Прерано е да се каже“, одговори. „Но, каде сме?“ „Сигурно сме во некој однос према нешто“, реков. „Мислам дека сме паралелни“, одговори. „Паралелни со што?“ запрашав. „Паралелни со сè што нешто значи“, одговори. „Во тој случај, добро“, реков. И понатаму не можев да го видам, а се спушташе ноќта. Беше тоа паралелна ноќ, многу налик на онаа другата, и тоа беше некоја утеха, иако слаба утеха, како велат.

Превод: Лавинија Шувака

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото