Неизвесниот живот на турската писателка Асли Ердоган

03.05.2017 23:59
Неизвесниот живот на турската писателка Асли Ердоган

Откако во август беше уапсена, по половина година во затвор, турската писателка Асли Ердоган се врати во својот стан во Истанбул, што го претресувале кога била приведена.

Таа откри дека од станот недостасуваат многу работи: флеш-меморијата на која се наоѓале сите нејзини дела и приказите од европските книжевни списанија, писмата што ѝ ги испраќале курдските затвореници и книгите за историјата на Курдите. Оставени ѝ биле предметите на нејзината втора страст: балетските чевлички – целосно распарчени. Тоа ја расплака.

„Неправдата на сето ова некако ме погоди преку балетските чевлички, одеднаш ми дојде премногу“, вели таа.

Асли Ердоган, 42-годишна физичарка што стана писателка која отсекогаш повеќе ја славеле во европските книжевни кругови, отколку во турските, се обидува својот живот да го врати во нормала откако беше затворена во последното кршење на слободата на изразување што го спроведе исламистичката влада на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган (тие не се во сродство).

Таа е уапсена и обвинета за поддржување тероризам, не заради нејзините романи, туку затоа што како советничка била блиска со курдски весник, близок до курдското движење, а кој тогаш исто бил затворен. Таа сега е соочена со судење што би можело да ја испрати назад во затвор, а додека тоа ѝ виси над глава, живее со мајка ѝ, спие до доцна, не пишува многу и се обидува да се справи со славата што ѝ ја донесе овој случај.

Луѓето на улиците на Истанбул сега ја препознаваат. „Трогателно е, понекогаш луѓето ќе ме прегрнат и плачат. Добивам многу љубов. Тоа е голема одговорност“, вели таа.

Но има и лоши страни. „Добивам и многу негативни реакции: клетви и лекции за патриотизам“, додава Асли Ердоган.

Тоа може да биде мачно, особено во Турција која има долга традиција, не само на затворање на писатели и новинри, туку и на насилство врз нив.

Асли раскажува дека порано била непожелна во турските книжевни кругови заради нејзиното егзистенцијалистичко пишување што многу повеќе ѝ се допаѓало на европската публика. „Повеќе читатели имам во Шведска, отколку тука“, вели таа.

Растејќи во семејство што најмногу го почитувало образованието – нејзиниот татко е инженер, а мајката е економист – таа студирала на престижниот Босфорски универзитет. Со пишување посериозно почнала да се занимава во деведесеттите години, додека ги завршувала студиите во Швајцарија.

Таму пишувала по цели ноќи, по деновите поминати во лабораторијата, создавајќи ја збирката раскази „Чудотворниот Мандарин“. Неколку години подоцна, кога се подготвувала да докторира во Бразил, дефинитивно се откажала од физиката.

Сега кога расте нејзината слава во Турција, книгите подобро ѝ се продаваат, а нејзиниот издавач објави и нови изданија. Збирката кратки раскази „Каменолом и други места“ стана бестселер во Турција. „Градот под виолетов плашт“ можеби е нејзината најпозната книга и единствена што е преведена на англиски јазик. Станува збор за реинкарниран мит за Орфеј, а дејствието е сместено на насилните улици од чакал во Рио де Женеиро, кадешто живеела.

Но нејзината проза, за која вели дека се состои од „минималистички јазик плус сирови метафори“, во Турција не помина најдобро. Таму читателите имаат тенденција да се собираат околу реалистички дела втемелени на отоманската историја или носталгија, како што се книгите на Орхан Памук. „Во моите книги нема ништо реалистичко. Јас сум сериозна писателка“, вели таа.

Во затворот, кадешто неколку дена била во самица, спиејќи на кревет што смрдел на урина, таа раскажува дека деновите ги поминувала наоѓајќи утеха во книгите. Ги читала томовите на светската историја и книгите на Џ.М. Куци, Ајрис Мердок, Хенри Џејмс, Марсел Пруст и Кафка.

Ги одбила поканите да напише мемоари за времето што го поминала во затвор, велејќи дека не е подготвена. Таа вели дека понекогаш ѝ се потребни шест или седум години да напише стотина страници.

„Кога ќе го слушнам вистинскиот глас, тој ме понесува. Ако го нема, заборавете“, вели писателката Асли Ердоган.

Извор: The New York Times

Поврзана статија: Асли Ердоган - Ова писмо е знак за тревога!

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото