Од будалетинка до диктаторче

04.05.2017 01:30
Од будалетинка до диктаторче

Груевски бил реформатор кога дошол на власт, а потоа станал диктатор? Каква е таа реторика што, гледам, провејува и во дел од прилозите на странските медиуми? Кога тоа станал диктатор, а кога бил реформатор? Кратковидоста, опортунизмот, корумпираноста и колаборационизмот на дел од опозицијата и граѓанскиот сектор, како и молкот и одобрувањето на меѓународната заедница се причини што на Груевски се гледа како на реформатор кој прераснал во диктатор. Погрешно, многу погрешно.

Груевски секако не беше во позиција да биде диктатор кога му беше потрчко на Љубчо Георгиевски кога беше негов министер за финансии. Немаше ништо реформаторско во криминалната продажба на Рафинеријата Окта од која се инкасираа само 32 милиони евра, а се верува дека дури половината од тие пари отишле во приватни џебови.

Продажбата на Македонска банка, меѓу првите аудио записи за кои дознавме, нема реформаторски, туку криминални елементи.

Националната платежна картичка е уште еден коруптивен скандал „пред“ тој да стане диктатор. Овој „проект“ на Груевски своевремено го критикува и Михајло Маневски кој подоцна станува првиот егзекутор на македонското правосудство и негов верен послушник, заслужено наречен министер за неправда.

Немаше ништо реформаторско ни во неговото напредување кон лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ која Љубчо Георгиевски му ја подари во 2003. Според партиски извори, Груевски го сметале за будалетинка која Љубчо ќе може лесно да ја контролира. Тоа е една матна, гангстерска приказна која кулминира во пролетните месеци во хотел Панорама. Тогаш, власта во партијата Груевски ја бранеше со цевки во појасите на неговите приврзаници, наспроти приврзаниците на неговиот творец Љубчо. Против него тогаш беше и Љубе, а и „уметникот“ Тони Опуштениот.

Не можел да биде диктатор тогаш, но секако го сметале за будалетинка. И погрешиле. Тој имал јасна цел, а неговата политичко-криминална конституција никогаш не ветувала ништо добро.

Извор: Плусинфо
Слика:
 
Странски служби