Културата како адут на француските претседателски кандидати

04.05.2017 11:25
Културата како адут на француските претседателски кандидати

Нема ништо понедофатливо и подвосмислено од дефиницијата на зборот „култура“. Кога во Франција било основано истоименото министерство во 1959 година, овој збор се однесувал на делата, наследството, уметничкото и духовно творештво. Според речникот на „Ларус“, овој термин означува „збогатување на духот со интелектуални вежби“, „Знаење за одредено подрачје“, или „збир на
материјални и идеолошки феномени кои ја карактеризираат една етничка група, нација или цивилизација“. Последното толкување е блиско на она што го има Организацијата на обединети нации за образование, наука и култура (УНЕСКО): „Културата е сложен збир што вклучува знаења, верувања, уметност, морални стојалишта, права, обичаи и сите други способности и навики што човечкото битие ги стекнува како член на општеството“. Овие различни поимања на културата, според Сапиро се резултат на несогласувањето помеѓу употребата на зборот само за уметничките дела и антрополошкиот пристап кој е многу поширок и ги опфаќа начините на мислење и дејствување на различните групи (нации, народи, класи)“.

Главните кандидати на претседателските избори во Франција, главно се согласуваат околу две точки: културата е важна, ако не и најважна и потребно е да се чуваат нејзините посебности. Но, речиси сите ги истакнуваат постоечките граници на нејзина демократизација, чиешто надминување бара развивање на уметничкото и културно образование во училиштата. Сите, освен Марин Ле Пен од Националниот фронт, која наместо за образование се посвети на промоција на учењето на уметничките занаети, толку прекрасно традиционални. Но, на која култура тие „реферираат“? Онаа која се сфаќа како суштина на една група, или дури и на поединци што се дел од таа група, или на онаа култура што може да се нарече „општа култура“? Овие семантички прашања не се политички неважни: колкав е опфатот на подрачјето на културата? Каква улога, каква функција треба да ѝ даде јавната власт? Каква надеж таа носи?

Кај десницата дефиницијата е едноставна и може да се прашаме во колкава мерка таа само ја развива дефиницијата на УНЕСКО до нејзините крајни консеквенци: „Културата е темел на нашиот идентитет, начин на живот, на историјата“, „последниот браник од варварството“ кој помага „да се интегрираат дојденците“, придонесува за „атрактивноста на територијата“ и на нејзиното „влијание“, стои во програмата на републиканскиот претседателски кандидат Франсоа Фијон. Кај Националниот фронт, иако овој збор не се ни споменува, идејата е иста: култрата, пред сè, би била наследство кое е темел на идентитетот, при што на ум се имаат „вредностите“ и „традициите на француската цивилизација“. Заради тоа „одбраната и промоцијата на нашето историско и културно наследство“ мора да бидат запишани во Уставот. Накратко, културата е чуварка и симбол на националниот дух.

Сигурно е дека истакнувањето на културата како душа на државата е исполнето со прикриени импликации. Но, не е сосема сигурно дека „дијагнозата“ на Емануел Макрон е помалку двосмислена. Тој смета дека културата се состои од „нашите вредности, нашиот јазик, нашите заеднички емоции“. Таа „го дефинира она што сме“, „создава заеднички јазик и овозможува излез од куќниот притвор на нашето општествено потекло“. Но, како тој „заеднички јазик“ кој не може а да не упатува на знаењата и референците што зависат од наследството, кодовите и вредностите, како тој јазик, сам по себе може да биде ослободувачки? Како да се спои тоа „заедничко“ со желбата „целата младина да има пристап до културата, каква и да е таа“, или со оваа изјава на еден митинг во февруари 2017, во Лион: „Не постои француска култура. Постои култура во Франција . Таа е разновидна“? Мистеријата ќе остане неразрешена.

Културата ветува укинување на разликите

Кога, од друга страна, Макрон тврдеше дека неговиот проект во целост е културен, „проект на еманципација, одговор на невидливите бариери што ги создава општеството“, прикажувајќи ја во розово таа димензија на својата програма, јасно се покажа дека таа „еманципација“, во суштина се однесува на владеењето со доминантната култура и дека повеќе се однесува на планирањето на кариера, отколку на стекнување способности за критичка рефлексија што отвора хоризонти: културата ќе помогне да се прескокнат бариерите со цел искачување на општествените скалила. Со други зборови, фамозната демократизација на културата, забрзана со различни мерки како што се уметничкото образование во училиштата, „културна влезница“ за младите итн, на секого ќе му даде средства потребни за успех. „Столбот на нашиот идентитет“ (Фијон) или „столб на нашето братство“ (Макрон), во секој случај културата би требало да ги укине разликите со прекрасно единство.

За Бено Хамон, културата како „еманципаторски творец на општествените врски е есенцијална за Републиката“. Притоа, таа е интринзично морална бидејќи е „оружје против сите облици на фашизам“. Ова е необично тврдење, ако се потсетиме на многубројните нацисти и на нивните соработници кои беа беспрекорно „култвирани“. Кога кандидатот на француските социјалисти тесно ја поврзува културата со Републиката, треба ли тоа да го сфатиме како варијација на идејата на Жан Зеј, францускиот министер за национално образование и убава уметност, именуван во јуни 1936 година и зачетник на големата културна и образовна политика според која „Републиката, пред сè, почива врз граѓанската грижа за заедницата и интелигенцијата на граѓаните, т.е. на нивното интелектуално и морално образование“? Баш и не.

Меѓу „целите“ на Хамон, следнава цел ја покажува нивната уникатност: „културните права да станат реалност, без оглед дали се работи за пристап до културните добра или признавањето на сите култури“. Декларацијата од Фрибург за културните права наведува дека секоја личност има право на избор на својот културен идентитет (и почитување на тој избор) „сфатен како збир на културни референци спрема кои личноста самата или колективно се дефинира...“; понатаму: „на никого не може да му се наметне одредена референца или да се асимилира во одредена културна заедница против негова волја“. Тие права се запишани во законот што се вика „Нова територијална организација на Републиката“ од 2015 година и подразбираат политика кон „сопствените преференци“ што ја презема Хамон. Така, секој „уметнички простор“, според него, треба да ги земе предвид „културните идентитети на своите постоечки или потенцијални публики“.

Но кој ќе ги именува тие идентитети? Дали се работи за идентификација на обичаите карактеристични за одредена заедница, поттикнување на дело што би било блиско на една публика? Значи, која смисла да ѝ се даде на „општествената врска“ и која култура треба да се јакне? И дали сме сигурни дека затворањето на секого во она, што според нашата замисла, е неговата културна заедница придонесува за еманципација?

Прашуваме дали употребата на зборот „култура“ претставува само задолжителна ставка со која се потврдува дека некој е ревносен поддржувач на демократијата, борбата против нееднаквоста и постојаната „еманципација“. Изненадувачки, постојано се укажува на „културниот јаз“, дури и Фијон тоа го прави, но тој јаз воопшто не се поврзува со каква било социјална неправда. Освен тоа, се чини дека личностите што се нарекуваат културни аутсајдери се повикани самите да се препознаат, затоа што ретко ги одредува како работници, невработени, сиромашни...

Се чини дека ниту на програмата на Жан-Лик Меленшон од радикалното лево движење Непокрена Франција, не ѝ се туѓи клишеата, како она дека културата е „двигател и одраз на индивидуалното и колективно ослободување“ затоа што „ни допушта да го надминеме нашето потекло, нашите ограничувања, конформизмот и општествената позиција што ни е наменета“. Колку убава доверба и просветителска моќ кои некогаш им се припишуваа на образованието и развојот на критичкото мислење... Во одредени аспекти, оваа програма му се приближува на основачкиот елан на првиот француски министер за култура, Андре Малро (1958-1969), бидејќи културата овде се однесува на „богатствата на човештвото, меѓу кои се духовните дела, уметноста и природните богатства“. Тоа значи дека се заеднички на сите граѓани и дека секој мора да има пристап. Во програмата е изразен и многу конкретен интерес за прашањата на парите и тоа пресудни прашања, од влијанието на мултинационалните компании, преку европските мерки за штедење, па сè до патронството – сето тоа за да се покаже идеолошката димензија на проблемот.

Тука се и уметниците кои би можеле „да го направат невозможен ’сметководителскиот’ поглед на стварноста“.Тоа мислење, изразено прилично нејасно, не го спречува „поттикнувањето изработка на културна програма заедно со јавноста“, што малку потсетува на препораката на Хамон за „вклучувањето на претставници на јавноста дури и при именувањето на управите и изработката на на стратешки насоки“ на институциите. Ех, демократијо... Со сето ова може да се надеваме дека ќе ја отвориме вратата на клиентелизмот и гледаноста.

Изненадувачки, овие програми често се фокусирани на телевизиските канали, печатот или спортот, но ниту една од нив не ја вклучува научната култура, а не посветува ниту малку внимание на народното образование што не би можеле да ја сведеме на обична социокултурна анимација, за што особено се залага Непокорена Франција на Меленшон.

Наспроти понекогаш соодветните и релевантни предлози, амбициите на кандидатите остануваат скромни, затоа што никогаш сериозно не помислуваат дека културата би можела да придонесе за будењето на активна желба за промена на светот.

Извор: Le Monde Diplomatique
Слики: Шусаку Такаока

ОкоБоли главаВицФото