Човекот кој го спаси Села: „Им реков дека е мртов, затоа го пуштија“

04.05.2017 12:05
Човекот кој го спаси Села: „Им реков дека е мртов, затоа го пуштија“

Лидерот на ДР-ДПА, Зијадин Села, е во стабилна состојба и наскоро ќе им се врати секојдневните обврски, вели членот на партиското раководство Арбен Таравари. Се очекува Села викендот да биде пуштен на домашно лекувањео.

„Снимките се мизерни и варварски… Среќа во несреќа. Господин Села денес е во стабилна состојба, со голем оптимизам, подвижен. За среќа тој брзо заздравува, и мислам в сабота или в недела ќе замине на домашно лекување, а потоа сигурно ќе се врати на својата работа како пратеник и како претседател на партијата“ – изјави Арбен Таравари од ДР-ДПА.

Припадникот на собраниското обезбедување Абдулфетах Алими од кумановско Оризаре за Алсат –М раскажува за тешките моменти што ги минал кога го спасувал Села од насилниците.

„Беше тежок момент. Ме викна моја колешка, 'Фетах, дојди зашто го убиле Села'. Претходно, неколку минути бев во несвест, но Господ ми даде сила да трчам долу до првиот спрат. Кога дојдов до клубот на пратениците, го видов г-дин Села како лежи целиот облеан во крв. И јас помислив дека е мртов. Но, забележав дека дише, дека има пулс. Таму беа двајца хулигани на кои им реков 'тргнете се зашто е мртов', а тие помислија дека работата е завршена“ – вели Алими.

Абдулфетах го земал Села на грб и го однел во канцеларија на најгорниот кат.

„Кога влеговме, тој беше во тешка состојба. Јас го легнав на подот и ме праша 'кој си'. Тогаш му кажав дека сум Фетах од собраниското обезбедување. Му дојде голема надеж, силна надеж. Ми рече: 'Фетах, во твои раце сум'. Во тој момент му реков: 'Зијадин, ако ме убијат, прости ми'“ – додава Алими.

Абдулфетах и Села неколку часа биле сами. Во меѓувреме, во канцеларијата дошла медицинската сестра од Собранието за да му даде инфузија. Часовите на ужас Абдулфетах ги доживеал како еден век. Неколку часа подоцна стигнала група полицајци кои помогнале во нивното евакуирање. Свежи се сеќавањата на Алими за таа ноќ, а сликите од насилството го прогонуваат секојдневно.

Извор: Алсат-М