Етиологија на едно злосторство

04.05.2017 17:22
Етиологија на едно злосторство

Mожеме ли, имаме ли капацитет да учиме од сопствените искуства? И како, кога учењето се потпира на факти, на повеќе валидни извори на информации, на препознавање, проценки, критички преиспитувања, и на личното учество во процесот на учење? Како, кога Македонија, во сите нејзини години, покажа дека нема обезбедено ниту еден од овие предуслови за учење и развој. Како тогаш да учиме од сопствените искуства?

Како, кога во Македонија фактите денес може да ги произведе секој што има можности и моќ да ги пласира, независно колку се тие (не)основани и (не)докажани, и да ги шири без какви било ограничувања и последици? И тоа стана најлегитимниот пат, ако не и единствениот, за утврдување на „вистината“. Притоа, „изворите“ на информации, најчесто локални, манипулативни, исполитизирани, или купени, однапред го трасираа патот на (не)вистината. И таа стана толку моќна што дури ни на сведоштвата, личните и колективните, веќе не им веруваме. Исчезнаа, а можеби никогаш не сме ни имале силни арбитри, кои со својот личен и професионален интегритет би ја гарантирале заснованоста на аргументите, во одбрана на вистината.

Како да учиме од сопствените искуства, кога ја релативизираме стварноста, а немаме ни како да ја провериме со толку контрадикторни вистини и факти? Или, кога ги минимизираме последиците, на кои тие искуства се потпираат? Или, кога уплашени од нивниот товар, почнуваме да не разликуваме насилство од право, закон од желба, разум од нагон, и дебатираме за „мирољубиво“ и „добронамерно“ насилство? А на правилата и законите се повикуваме само тогаш кога тие се совпаѓаат со нашите лични ставови, расположенија, добра волја и/или чувството на моќ, крајно нестабилни и менливи параметри.

Минатонеделниот четврток е пример на таквото страотно, лично и колективно искуство, за кое повторно не сме свесни, а уште помалку единствени во проценката, што всушност се случи... Уште една евиденција дека до сега ништо не сме научиле. Дури ни она најосновното, дека да се има и да се води држава е сериозна работа, за таа да се препушта на импровизирани услови на учење, развој и водство. И дека за да владее редот и законите, во заедницата и таа да оди напред, не смеат да бидат застрашувани, напаѓани, обесправени, прогонувани и убивани луѓето на таа заедница. Дека лагата и насилството не само што не се начинот, туку дека нема такво опкружување во кое тие денес би биле здрави, оправдани, уште помалку посакувани услови за живот и добросостојба.

Од тоа како размислуваме и учиме, отсекогаш зависело и како живееме, а ние живееме, сè уште не размислувајќи и не научувајќи ништо од досегашните искуства. Што вреди што сме дошле до дното, што сме доживеле толку ужаси, со толку многу прегазени црвени линии, ако не сме научиле да читаме, да препознаваме и да разликувме бои? Ако не ги нарекуваме работите со вистинското име, ако бркаме причини со последици, ако поистоветуваме насилство со патриотизам, и ако резонот на насилникот ни е поблизок од резонот на правото?

До сега не научивме ништо за тоа, дека нашиот неодговорен однос во градењето заедница, врз лаги, морализам, произволни и лоши проценки, дека тоа систематски нè водеше и доведе до критично осиромашување на капацитетите за учење и развој, на целата заедница, на сите нас. Кој ќе ја преземе одговорноста за таа огромна, ненадоместлива штета?

Зошто тогаш му се лутиме на човекот кој израснал во вакви услови? Зошто од него бараме одговорност, кога е толку природно ТОЈ да НЕ ЗНАЕ? Во тоа незнаење, сосема е природно сопствените празнини да ги пополнува со исто толку произволни приказни и нестварни идеи. А природно е и да чека друг да му каже што да мисли, и прави. Најбезбедно за него е дури и воопшто да не се меша и вклучува, сè додека не добие задача. А кога ќе ја добие, колку и таа да е бесмислена, или опасна, дури и по неговото семејство, или по заедницата, за него е исто толку природно да ја исполни, особено ако за тоа му се плати.

И кој денес за него и за неговите постапки ќе ја преземе одговорноста?

За човекот во Македонија, отсекогаш било нормално друг да управува со неговиот живот. Како и со децата, како и со сиромашните, како и со мнозинството... И никој никогаш тоа не го доведувал во прашање, а уште помалку се обидувал да го промени... Од мали нозе така воспитан, а потоа и подучуван, почесто прекоруван, отколку фален и поттикнуван. На училиште послушен, и по малку безобразен, на улица робустен и безобѕирен, а кон послабите, насилен. На работното место, по правило уплашен и сервилен. И така со години. Има некоја закономерност во распоредот на моќите, низ овие улоги што ги добива, учи и одигрува, во текот на својот живот, малиот-голем човек од Македонија. Можеби тешко и навредливо звучат овие описи, но за нив одговорноста е сепак и исклучиво во заедницата, државата, и во огромниот дефицит на нејзини визии, каде тргнала и во што вложувала.

Можеби затоа егзалтираното учество на истиот тој човек (од мнозинството) во протестите по нарачка, делува толку збунувачки, од една страна гротескно, додека од друга, искрено во автентичната потреба да се биде важен и признат, во животната улога, сеедно што е таа измислена, но овојпат толку значајна, да се биде „патриот“ и „спасител“ на Македонија. А притоа, повторно тој самиот да не мора да мисли на оправданоста, контекстите, последиците, или на што било друго, што може да произлезе од неговите постапки. И како сега да очекуваме кој било нешто да научи од сопствените искуства, кога ни ова тие не си го избрале самите?

Страшното е што уште долго ќе биде така и што тешко се менува, а го има насекаде: во семејствата, училиштата, на улиците, во установите, секаде каде што победуваат незнаењето, лагата и силата. А, го видовме сите, минатиот четврток, тоа горопадно лице на безизлезот, во неговиот најразулавен облик. Не смееме овојпат да оставаме простор и да пропуштиме да го именуваме гласно и со вистинското име - злосторство.

Слики: Dan Cretu