На крајот таа градина

05.05.2017 11:18
На крајот таа градина

Садови

Садови, земјени, напукнати,
сепак употребливи, долго стоени
надвор и на дожд, се лупат
убаво, како и кожата. Наликуваат
на делови од природната машина
за одеци, на своите денови
одбивајќи ги одѕивите. Служат
за водата да поминува низ нив
и да заостанува, и очигледно
да ги покажуваат функциите на земјата
од која настанале,кревајќи го горе
гнилежот, ’ртењето, билјето.
Во ќошот од градината, под живата ограда,
лежат празните садови (тука е
нивната соба), ја чекаат пролетта
на новите вдомувања, дотогаш
тивко повикувајќи ја мовта,
сè позачестено.

 

Со рацете гробје

Ти немој да ме сакаш.
Моите раце се летно гробје за комарци

Т. Аугустинчиќ

Лесно е да сакаш некого кога не знаеш
како ги минува последните пет минути пред спиење,
кога си уверен дека легнува ангелски и
дека неговиот невин сон веднаш му ги гасне сите нагони.
Треба, меѓутоа, да се опива со мешавини
од смеи и снебивања, од копнежи и гадења,
од секс и ранувања. Моите раце во октомвриските вечери
се гробје за комарци, оние живи дланки
со кои, како перуниките пролетта, ти го допирам лицето
и сите твои мекости и напнатости,
како што устата ги опфаќа рацете.
И ајде кажи сега како да ме сакаш
кога те милувам со гробје,
кога со двете полиња на губилиштето те водам низ љубовта
и го кријам тоа од тебе?
Се сомневам дека си мајстор за спојување,
затоа и те сакам со крвави дланки.

Лов

Ловев зајаци
болук и тивко:
нишанот убиваше, немаше пукање,
крзнените вреќи паѓаа без одлагање
врз сувата трева на самракот. Остануваа
крути, со отворени очи, без капка крв
на стегнатите рани, впрочем смешни,
безопасни во таа смрт која не
го презела животот, па беше проѕирна.
Мене не ми недостасуваа куршуми,
а ни ним смрти: стално ја продуцираа
по могилите и ендеците.
Се спушта есен, тоа ќе да е.

 

Или, живот во шума

*

Веќе долго ме преокупира
фикс-идејата за шумите: за ливадата
крај некој поток, за реткото перење
и уште поретките личности.
Клишејски за ова време, а сепак,
се чини, тоа се препелкаат моите гени,
сто насто селски, детерминистички,
и нешто грубо во мене копнее по тлото,
по моето тло, за тивкиот домен на сталните попладниња
каде по малку кога косените треви
талкаат ежови. И пулсот ми станува
длабок и спор,
од растот на ’ркулците тоа е знак,*
а предмет на фетиш дабот е пак.


*I hear it in the deep heart’s core

 

Писмо

Важно е никогаш да не се црта карта.
Мерката е дискурс на измами, а картата
не е територија; но сепак
не цртајте карта,
ниту дозволувајте ѝ на картата да црта,
ниту дарувајте ѝ земја.
Терајте ја Картата Без Земја да ја потпише
Големата карта, а потоа
разбудете се од реката и островот.

* * *

Порано се плашев да не исчезне знаењето за земјата,
но тоа и во мене срасна
со годините - што заради тебе,
а повеќе заради тврдата глина од градината.

Порано стравував заради минливоста на приказните,
но тие толку пати се вратија
така што веќе и самиот сум доверлив раскажувач
на твојот сè подолг живот.

И нема веќе стравови, после болеста.
Само ја посакувам (детски, залудно)
присутноста на твојата кашлица во овоштарникот наутро

и оној нежен мирис што се крева
кога газиш грубо по нането
под мојот прозорец.

 

* * *

Стоевме и користевме перфект
зборувајќи за твојата смрт -
всушност не за неа, зашто веќе се беше случила,
со неа се служевме течно како со глаголи.

Требаше да се решат прашање-две
во врска со сеидбата и пролетта, со сонцето;
неколку напомени пред заминување на работа,
отсуство на бодрење е твојот израз на доверба.

Дури накај пладне, после маглата,
додека со лопата го сечеше корењето,
се сетив дека ноќта и плачев, разбуден,
кратко, превртувајќи ја тагата во мракот, како и земјата

при есенското копање; влезе
назад, во хумусот, како глиста.
Сега обајцата ги туркаме дланките во подадената темнина,
сè се случи пред да биде, добра е земјата.

Препев од хрватски: Никола Кукунеш
Слики: Ештер Сарто

Горан Чолакхоџиќ, роден 1980 во Загреб, а живее во Самобор. На Филозофскиот факултет во Загреб студирал англистика и романски јазик и книжевност. Преведува поезија и проза. Во 2015 година ја добива Горановата награда за млади поети за ракописот На крајот таа градина. За истата книга, Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО во 2017 година му ја доделуваат наградата Мостови на Струга, за најдобра дебитантска поетска книга. Објавувал песни во повеќе списанија во Хрватска и регионот. Дел е од меѓународниот проект Версополис.

ОкоБоли главаВицФото