1016 hPa
62 %

10 °C
Скопје - Сре, 14.05.2025 22:59
Денес во весник прочитав дека речиси половина од населението е на антидепресиви. Какви млитави луѓе! Мислам, знам дека живееме во тешки времиња, но од животот во облаци нема никаква корист. Сакам да останам со бистра глава и да знам што се случува. Можеби ништо не се случува, можеби ова е само масовна хистерија што ја преплавува земјата, луѓето шепотат, потоа врескаат, нешто продира во нивните животи и ги освојува, им одзема сè, ги прекрива со пајажина. Стравот расте и ги уништува. Едвај имаат сила да отидат на лекар, кој им дава апчиња од кои се среќни. А потоа стануваат зависни од нив и живеат во смртен страв дека ќе снема апчиња или дека ќе им ги земат. Многу мои пријатели се меѓу таквите луѓе. Тие се веројатно најсреќните што ги познавам. Денес појдов во Комората на мислители, иако не бев сигурен дека сум во состојба да мислам. Сепак, појдов. Таму беше Хајди, секретарка. „Која е темата денес?“, прашав. „Светскиот мир“, одговори таа. „Ѓаволски тешка задача“, реков. „Не знам дали сум ѝ дораснат.“ „Вие сте еден од најдобрите мислители што ги имаме, господине Харпер. Сигурна сум дека ќе се снајдете“, рече таа. Заминав во својата соба и ја ставив кацигата за размислување. Ма не, се шегувам во врска со кацигата за размислување. Станува збор за многу мала соба, скудно наместена, нема тука ништо што одвлекува внимание, само клупа и светилка. Поминаа неколку часа. Излегов надвор, по шише вода. Хајди се преправаше дека е зафатена со некои документи. „Како оди, господине Харпер?“, праша. „Само љубов постои“, реков. „Што велите?“, праша таа. „Тоа е стара песна од Битлси“, реков. „О, да, се разбира“, одговори. Сигурно мислеше дека ја заведувам, но јас размислував за осетливата тема, светскиот мир за кој требаше да мозгам. Се вратив во собата и се напив малку вода. Почнав да чкртам по листот хартија во бележникот. Наскоро тоа се претвори во густа џунгла полна со животни и стебла зад кои ѕиркаа мажи. Од едно стебло висна голем питон спремен да нападне еден маж. Потоа некој домородец истрела отровна стрела кон питонот и го погоди. Не знам колку време поминав цртајќи го сето тоа, но кога завршив станав и излегов од собата. Хајди рече: „Ќе затворам после вас, господине Харпер.“ „Светскиов мир е обичен куп гомна“, реков. Луѓе ширум светот се убиваат едни со други. Со тоа се занимаваат. Се мразат заради земја, религија, пари, што и да е. Тоа е начин на живеење. Што би требало да направиме за да им го одземеме?“ „Боже, не знам господине Харпер. Светскиот мир ми се чинеше толку благородна тема“, рече таа. „Кажи ми нешто, Хајди. Знаеш ли дали господин Томи е на некој антидепресив?“, прашав. „Па, претпоставувам дека ова не би требала да го кажам и, ве молам, немојте да дознае дека сум ви кажала, но почна да зема Прозак пред отприлика три месеци. Оттогаш е многу полесно да се работи со него, тоа можам да ви го гарантирам. Нема сомнеж дека многу му помогна“, рече таа. „Па немојте ни вие нему да му го кажете тоа што ви го реков за светскиот мир“, реков. „Лека ноќ.“ Знаев дека не можам веќе да работам таму. Малку се растажив, но тоа беше сè. Не паднав во депресија. Среќната комора на мислители едноставно не е мој стил.
Превод: Лавинија Шувака