Упатените странци за СК014 (5): Повеќе фикција отколку факт

05.05.2017 13:53
Упатените странци за СК014 (5): Повеќе фикција отколку факт

Сведочат: Марко Томаш, Јан Гел, Флоријан Бибер и Корадо Џемини.

 

Марко Томаш: Погрешно, неправилно и просто грдо

Скопје 2014 е посебен вид насилство кое го сведочиме сите ние што живееме во транзициски земји ( транзицијата, исто како и политичката криза, се чини како перманентна и долготрајна состојба во која мора да живееме). Се разбира, се работи за насилство врз единствениот ресурс што го поседуваме, насилство врз просторот, особено врз јавниот.

И тука најдобро се гледа односот на политиката кон т.н. обичен човек. Скопје 2014 е проект што треба да ја измисли македонската историја, да го гради македонскиот национализам и националната гордост преку изградба на некакви налудничави антички и парабарокни градби. Сето тоа е погрешно, без историска основа, а освен тоа, просто е грдо.

Како и да е, Скопје 2014 на некој начин стана туристичка атракција. Сите едвај чекаат да видат што толку налудничаво се случува во овој шармантен град. Очекувавме неколку споменици, неколку нови градби, но вистината е многу поинаква. Целиот центар на Скопје, особено делот покрај Вардар, е претворен во некој вид архитектонски Дизниленд. Ова изгледа многу полудо отколку што воопшто може да си замислите.

Клучна работа е што голем дел од градбите треба да служат како некаква кулиса, фасада што ќе го отсече погледот кон старата скопска чаршија, претежно населена од Албанци. Насекаде се поставени македонски знамиња и споменици на историски личности.

Особено е интересно што сите тие градби изгледаат како нешто привремено, буквално како кулиси, речиси како да се нацртани. Имате впечаток дека секоја од тие импозантни градби човек може да ја урне со обичен дрводелски чекан.
Она што треба да е импозантно и што треба да е доказ за силата, всушност делува шупливо и слабо, како спротивност на самото себе.

Отпрвин целата таа архитектонска караконџула делува забавно, но колку подолго човек се движи низ центарот на Скопје почнува во него да се вовлекува некаково мрачно чувство, резултат на насилството што го гледа секаде наоколу.

Писателот Марко Томаш живее и работи во Мостар. Во март 2017 година, во организација на Блесок, одржа поетско читање во Скопје.


Јан Гел: Фасадите ќе мора да се менуваат и поправаат

Загрижен сум што Скопје не е една целина, туку има различни архитектонски стилови, мешавина од пријатни места, но и од градби кои се направени повеќе да ги импресионираат луѓето отколку тие да се чувствуваат пријатно во нив.А проектот Скопје 2014 со време ќе се измени.
Сме виделе во многу градови, во различни генерации, како зградите го менуваат изгледот, се преградуваат, се поправаат. Особено ако квалитетот на рачната изработка не е многу добар, за кратко време ќе мора да се поправаат повеќето фасади. Но, интересно е како многу згради низ светот го менуваат начинот на кој се употребуваат, како го менуваат изгледот. Но, зградите остануваат, навлекувајќи други наметки. Тоа е возможно, сме виделе многу такви примери.

Јан Гел, архитект–урбанист од Данска, го посети Скопје во февруари 2017 година, на покана на Комората на овластени архитекти и инжинери на Македонија.


Флоријан Бибер: Музејот на македонска борба е повеќе фикција отколку факт

Меѓу многуте новитети на Скопје во последниве години е новиот музеј, веројатно музеј со најдолго име во светот, наречен “Музеј на македонската борба за државност и самостојност, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим”. За мене тоа беше една од најчудните и најнепријатните посети на музеј во животот.

Иако музејот има сиромашна збирка на оригинални артефакти (огромното мнозинство се пиштоли), во музејот одлучиле да не користат интерактивни алатки или да им овозможат на посетителите да им пријдат на предметите. Наместо тоа, се наметнува оддалеченост и административност. Контролата укажува на тоа дека владата сака да се раскаже приказната, но исто така таа приказна силно да се контролира и да се избегне поединците се вклучат во наративот или да го предизвикаат, особено кога се работи за контроверза.

Музејот во некои свои делови потсетува на хорор собите во „Мадам Тисо“; гледаме восочни фигури на македонски херои кои крварат или висат на бесилка, како резултат на тортура од страна на Бугари, Срби, комунисти и Грци, Отоманци, фашисти / националисти / империјалисти... 85-те масовни сцени се големи историски слики, претежно насликани од уметници од Русија и Украина. Стилот потсетува на романтичните националистички слики (на германски овие видови на слики се познати како „Schinken”, „шунка”) од крајот на 19. и почетокот на 20. век.

Сцените и портретите се хиперреални, но насликани 100 години по настаните. Во најдобар случај тие се „креативни“ рефлексии на темата на уметникот и во повеќето случаи се едноставно измислени (не е заради тоа што настаните не се случиле, туку заради начинот на кој е направен нивниот опис). Како таков, во поголемиот дел од музејот се работи за фикција, а не за факти.

Наративниот лак е некреативен и ја следи класичната структура на националистичката приказна веќе раскажана на други места. Во неколку реченици се кажува дека македонската нација е многу стара (како што сугерира еден од ретките текстови), дека во 19. век се појавиле македонските национални револуционери кои се бореле за автономија и независност од Османлиите, а многумина биле и убиени од страна на соседните национални движења. Според Музејот, најтешкиот период е позитивниот поглед на Втората светска војна, народноослободителната борба и комунистичкото признавање на македонската нација, проследено со комунистички терор и како комунистичка Југославија ги затворала македонските лидери. Тоа завршува со Драган Богдановски, македонски емигрант и коосновач на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во 1990 година (партија што себеси се гледа како директен наследник на македонското револуционерно движење) со што станува сигурно дека спојувањето помеѓу нацијата, национално движење и владејачката партија е комплетирано.

По учеството на конференција во организација на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, во јануари 2014 година, професорот Флоријан Бибер од Австрија, напиша блог во кој ја опиша посетата на „Музејот на македонска борба“.


Корадо Џемини: Најстрашно е што се извртува културата на земјата

Скопје 2014 е болен пандан на Лас Вегас.Најстрашното е што со него се извртува културата на земјава. А најважното нешто што го видов денеска е хаосот направен овде. Ја кријат вашата вистинска култура. Мешаат работи бесмислено и мислам дека ова е голем проблем бидејќи ја бришат меморијата и критичкиот дух на луѓето. Ова е како лош Лас Вегас. Првото нешто што ми дојде на памет кога шетав низ градот беше „Каде е големото казино?“ Ова е како во Лас Вегас, насекаде ставено по нешто без смисла, со намера за визуелно задоволство, но направено глупаво, без размислување.

Корадо Џемини, фотограф и уметник од Италија беше учесник на фестивалот АКТО во септември 2016 година.

Подготвила: Александра Бубевска
Слики: Свирачиња