1010 hPa
45 %
26 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:40
На актуелните протести на поддржувачите на Груевски во Скопје може да се гледа како на спогодување околу предавањето на власта. На Груевски одамна му се најавени низа судски процеси за злоупотреба на функцијата, а на тоа се надоврзаа и најавените тужби за неодамнешното насилство во македонското собрание. Сосема е можно тој сега да демонстрира сила за да изнуди најдобра можна спогодбаза себе: мирно предавање на власта во замена за амнестија. Така, се чини, македонскиот заплет се ближи до својата каква-таква демократска, то ест сепак мирна разрешница.
Србија, пак, е некаде на половина од своето „македонско сценарио“. Гледано од Србија, Македонија би можела да заличи на временска машина за патување во блиската иднина. Претседателот на овдешната влада, Александар Вучиќ, навистина би морал, како што сам вели, внимателно да ја следи ситуацијата во соседната држава. За него тоа би можело да биде поглед во пророчка кристална топка, каде му се покажува крајот на неговата сопствена политичка кариера. Секако, сето ова во извесна мера се произволни шпекулации, но како поинаку да се објаснат упорните обиди на овдешната власт да интервенира во македонската политичка криза и да ја претстави не како криза на политичките институции туку како отворен етнички конфликт на раб на вооружен судир. Како овдешниот режим да се обидува со таквата интервенција да влијае на текот на настаните од онаа страна на границата и така да ја измени и сопствената политичка судбина.
Според сега веќе излитениот модел, Вучиќ во соседството праќа крајно двосмислени миротворни пораки, додека неговите послушници, на чело со министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, отворено ги обвинуваат македонските Албанци за судирите во Скопје припишувајќи им божем сепаратистички интенции. Судирот во Македонија сепак не е етнички туку токму политичи и тоа крајно банален: до неодамна неприкосновениот тамошен властодржец одбива да го прифати поразот на изборите (губењето на парламентарното мнозинство) и да се повлече од местото претседател на владата. За природата на судирот и неговиот единствено пожелен исход овде веќе убедливо пишуваше Владимир Глигоров и нема што да се додаде на тоа.
Работите се практично очигледни, па дотолку однесувањето на овдешните политичари е иритантно и тешко објасниво. Се оди дури и толку далеку што божем се откриваат илјада пушки и друго вооружување, кое од Србија нашите домашни Албанци („двајца државјани од Србија од албанска националност“) сакале илегално да го префрлат кај своите етнички сонародници во Македонија. Урнебесен е крајот на веста од Блиц: „Акцијата е извршена во најголема тајност, но за неа се известени началникот на ВБА и државниот врв, кој, како што наведува изворот на Блиц, процениле да не се оди во јавност со оваа информација“. Бидејќи веста сепак „протекла“, ние сега божем се прашуваме што навистина проценил државниот врв: треба ли веста да оди во јавност или не?
Пред веста за запленетите пушки, а станува збор, ако судиме по описот, за цел магацин, па не е јасно кој разумен имал намера илегално да го префрли тоа, освен ако границата помеѓу Србија и Македонија воопшто не се контролира, министерот за надворешни (иако во овој конкретен случај подобро е да се каже - валкани) работи се нафрли на по сè изгледа идниот претседател на Македонија Зоран Заев, и тоа поради една споредна изјава во едно негово интервју. Инаку, крајно добронамерно интервју кон Србија, дадено со пријателски тон („Србите се наши браќа“ - ќе упати Заев порака до српската јавнсот на јазикот кој таа најдобро го разбира), со многу ветувања за подобра соработка меѓу двете држави, му пречеше на Дачиќ само поради една реченица, од која тој не виде сè останато во разговорот.
Имено, кандидатот за нов претседател на македонската влада го нарече српското раководство националистичко: „Во Србија постои исто такво националистичко раководство на господинот Вучиќ кој се декларираше себеси како лидер во регионот, но во првата прилика кога дојде до тоа да е загрозена неговата политичка кариера се покажаа сите негови националистички позиции“. На што Дачиќ одговори: „Не знам со што Александар Вучиќ и владата на Србија заслужија ваков брутален и скандалозен напад од страна на претендентот на местото македонски премиер, Зоран Заев“. Од тоа би можело единствено да следи дека за Дачиќ е груба навреда кога некој него и неговите колеги од владата ќе ги нарече националисти. Дачиќ потоа поентира, сосема „ненационалистички“: „Зошто Заев не ги нападне Рама и Тачи, туку Вучиќ?“ Треба да се каже: прилично бизарна размена на навреди на највисоко ниво.
На Дачиќ, нормално, не му пречи што тој и целата влада со шефот на чело, заедно со послушничките медиуми, имплицитно го обвинуваат не само Заев туку и сите поддржувачи на неговата партија, а ги има приближно исто колку и поддржувачите на Груевски, за предавство на таканаречените македонски национални интереси. Со други зборови, српските челници сосема се држат до реториката на поразениот Груевски и така против себе антагонизираат барем половина од „братскиот“ македонскки народ („Србите се најголем и најдобар пријател на Македонците“, ќе рече Дачиќ). Дачиќ конечно ќе направи и една илустративна забелешка: „Македонија го призна Косово, гласаше против Србија во УНЕСКО и сега кандидатот за премиер брутално го навредува раководството на Србија“. Косово го призна и против Србија во УНЕСКО гласаше владата на Груевски, кого сега на секој начин го поддржува токму „навреденото раководство на Србија“. Но, овдешниот режим, зафатен исклучиво со сопственото останување на власт, фактите и здравиот разум не го обврзуваат на ништо.
Извор: Peščanik.net, 04.05.2017.