Доста било?

08.05.2017 10:56
Доста било?

Доста било? Од што? „Од неразумната волја за моќ и неодговорна власт“? А што е тоа, нешто што се мачка на леб или се гледа во кино? И од кога тоа? Од вчера, или баш од денес, од доделувањето на наградата „Гоце Делчев“, по инкасирањето на уште еден прилично мрсен хонорар на личната сметка? А доста било и „од партизирани институции, медиуми и детски градинки“? Пази богати, и ова е некоја новост, ни ова до вчера го немавме во оваа жална Македонија зашто сè си функционираше ко швајцарски – оној на Ванчота – часовник, нели?! И ништо не ни недостасуваше. А сега, одеднаш – доста беше?! Па згора, доста да ти било и од „корупција и организиран криминал, од слепа правда, од нееднаквост“? И каде сега, и како вака „с неба па у ребра“ ги виде таа корупција, тој организиран криминал и слепа правда, па згора филувани и со нееднаквост бившиот претседател на МАНУ и сè уште член на Претседателството на таа институција, па плус и претседател на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“ (кое светогрдие!)

Па згора на сè доста да ти било и од „пропаднато образование, мизерно третирана наука и знаење“. Ма немој, и тоа ли се случи преку ноќ? Додека вие спиевте и ’рчевте кутнати од холестеролите што ги гнете(в)те секој божји ден со оние петсто евра академски додаток? И сега, вака подразбудени ама нерасонети, одеднаш ве удри мрсната вистина в лице? А оние будалине кои буквално до вчера го говореа истово, цела една деценија, не успеавте да ги чуете зашто ви шумеше во ушите, бевте замаени од високиот крвен притисок? Или човеков дури сега се свести дека, покрај сè друго, бил односно е и член на оној фамозен Одбор за акредитација и евалуација во високото образование? Тој ист Одбор што годиниве ги аминуваше сите погубни за македонското образование „промени“ и „реформи“? И сега овој туку-така ќе си ги измие рацете, па и нозете со само една реченица, или два збора, демек – доста било? А зошто да е доста? А да поработите уште малку, да доразнебитите уште нешто? Да почнете сега со маалски универзитети, зашто веќе сите села ги направивте универзитетски кампуси?

Ама и тука не е крајот, зашто доста да ти било, вели овој, и од „непочитување на човечкото достоинство и поданичкиот менталитет“? За овие нешта дури и можеме да му поверуваме, зашто мислам дека нему и нему сличните „академици“ може да им се верува кога го кажуваат ова. Зашто токму тие беа најнедостоинственото нешто што оваа држава го видела во нејзинава современа историја, токму тие беа парадигмата за недостоинство, за поданички менталитет, за слугување заради лукративни цели. Можат учебници да напишат, ако не повеќе. За ова можеме дури и да им поверуваме дека веќе им е смачено. Па камен да беа, ќе распукаа од срам!

И за малку човек и да му поверува на „академиков“, да си рече дека можеби навистина е разбуден, ама кога ќе види како лефтерно сето ова ни го прочита бившиот претседател на МАНУ, онака механички, да не речам како преку таквото, и таа малку верба повторно ќе исчезне! Зашто така не се однесува некој кој верува и очекува (до)верба во искажаното, така не можете некого да убедите дека навистина стоите зад изречените зборови. Зашто целиот тој „академски“ перформанс беше изведен онака како кога се чита временска прогноза за наредните денови, или некое мени во една од омилените му крчми каде се служат вкусни мрсни јадења. Зашто сето тоа личеше на: наредните денови ќе биде малку ветровито, со повремени грмежи и електрични празнења, особено околу центарот на градот, посебно околу Собранието, гледајте да не поминувате од таму, ќе паѓа режим, може ќе паѓа и град, ќе се апси, земете си чадор, или барем фантомка. Или, на пример: за почеток предлагаме диетална шкембе чорба, потоа нудиме посна сарма, сарма од лозов лист или мрсна српска сарма со свински ребра, по избор, секому по две сарми, па следуваат убави свински коленици, потпечени, гарнирани со беровски пекарски компир… итн.

Така некако заличуваше „моралната“ поука до власта изречена од устата на некогаш првиот „академик“, токму сега кога нештата се веќе готови, кога точно се виде/се гледа колку е часот, а овој, и овие, гледаат повторно да се наредат во редот и да дрпнат уште некој копан, ако може! Секогаш им е малку!

Но, резилите од овој тип допрва ни претстојат. Ќе се изнагледаме божем сериозни луѓе како се посипуваат со пепел, како (повторно) лажат и мамат, како глумат, како (повторно) се улизуваат. И ќе се срамиме место нив. Ќе се срамиме и ќе се чудиме како сме можеле некогаш да имаме доверба во такви гниди, во такви нелуѓе, како сме можеле да им довериме дури и цела држава!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Брајс Вонг