Не ни треба помирување, туку победа!

08.05.2017 11:59
Не ни треба помирување, туку победа!

Како се случува организацијата што го уништува националниот и државотворен лак на Македонија, како политички ацетон, да може да мобилизира луѓе во одбрана на националните интереси? Како Џек Мевосек да ги мобилизира проститутките да си купуваат ножеви и да му одат на гости! Уште повеќе, потфрлувањето во таа борба да биде изразено во разочарувањето дека Собранието не го запалиле и сè живо внатре не испозаклале тогаш кога жртвите им биле под камите! Тоа жестоко и трагично поматување на свеста не може да се излекува со помирување, туку само со комплетен пораз. Пораз по кој ќе следи или смрт или катарза. Не лимонада!

Тотална ревизија

Еве некои идеи што можат да ни помогнат да излеземе од гробната дупка во која нè бутна злосторничката организација на Груевски:

Бела или, можеби, портокалова, треба да биде книгата во која ќе се укоричи Извештајот за состојбата на нацијата по ураганот „Николина“. Економските, социјалните, културните, меѓународните биланси на државата и општеството, по продолжената елементарна непогода односно историската катастрофа што ја предизвика режимот на ВМРО- ДПМНЕ. Во таа книга задолжително мора да влезат сите трансфери, сите плаќања, сите тендери, сите промени на сопственичката структура, сите промени во социјалната структура и стратификација, сите фонтани и легнати полицајци, споменици и триумфекални капии, згради и зградурини, фасади, ревизијата на сите буџети, на сите патни налози, на сите хеликоптерски прелети, на сите инвестиции и нивните реални финансиери и многу други ситни и крупни работи што влегуваат во билансот на земјата каков што бил во 2006 и каков што е денеска. Во сите сфери. За да има општеството документиран увид во состојбите, во длабочината и сериозноста на сите дефицити, во формите и методите со кои е извршен погромот врз националните ресурси, односно за да знаеме со што располагаме и што нè очекува во напорите да се вратиме во кругот на таканаречените нормални земји.

Портокалова книга

Таа книга-извештај или своевидна магнетна резонанца на нацијата, сепак треба да биде портокалова, затоа што таа боја е и бојата на преродбата со која режимот на Груевски ја прероди Македонија во уништена држава. Јас сум убеден дека стручњаците, министрите, консултантите и другите што ќе влезат во тие биланси, ќе потврдат дека ситуацијата е полоша и од најстрашните предвидувања што ги навестија бомбите на Заев и другите информации со кои граѓаните располагаат. Тој Извештај, истовремено, треба да биде дефиниција на Злото со кое се соочи Македонија и основа на политичкиот, правниот и културниот однос кон тоа зло, денес и утре.

Изработката на Портокаловата книга е сериозна работа, но мислам дека ако новата власт има амбиции сериозно да ја рехабилитира и обнови Македонија, ќе мора да ја напише и, второ, ќе мора да ја напише, можеби, веќе во текот на летото. Во септември или, најдоцна, октомври, би морале да ја имаме на располагање, особено ако во пишувањето на овој битов роман се вклучат една или повеќе светски познати агенции за ревизија и реструктурирање.

Втората работа е радикалната кадровска и системска реформа во правосудниот систем (веќе за јуни, Марко и Јовче и нивните пријатели од Советот, како се викаше, Аневски или така некако, би морале да се на храна во „Шутка“!), а третата е проектот за девмровизација на општеството со многу сериозни аспекти во сферите на културата, образованието, медиумите и економијата. Не како бркање и лов на некакви вештерки, макар што сите вештерки треба да се фатат и да одговараат според законот, туку како обид за себепреиспитување, за разбивање на илузијата и лагата која нè форматира како дефектни личности и национални и општествени субјекти и ни ја проектира државата како невозможна категорија. Тоа е ВМРО, посебно ВМРО-ДПМНЕ.

Порамнување на сметките

Четвртата работа е ослободување на Злосторничкото здружување на ВМРО-ДПМНЕ од неговата економска моќ. Од неговите фирми, пари и сметки што се стекнати преку злоупотреби на политичката моќ и на државните ресурси и институции. Таква економско-финансиска експанзија на поединци исклучиво на крилата на злоупотребите, како оваа во Македонија во изминативе десетина години, не е забележана. Таа експанзија имаше еден важен аспект: беше направена за да може во економско-финансиската сфера ВМРО да ѝ парира на левицата за трансферите што тие ги направија во процесите на приватизацијата, но јас мислам дека ако се прифати овој резон на порамнување на сметките, од Македонија многу бргу нема да остане ништо.

Конечно, два-три збора околу помирувањето, околу тоа што Заев го повторува како потреба да престанеме да се делиме и слично.

Кога ќе престанеме да се делиме, ќе престанеме да постоиме. Преку делење на клетките, луѓето и дрвјата растат, и животните, се разбира. Не е бесконфликтноста идеал или ако е идеал, тој е лош, наивен или инфантилен идеал. На Македонија не ѝ се потребни замочувања на конфликтите туку критериуми за растеж низ конфликтите. Во Македонија ситуацијата е специфична затоа што ние имаме историски и егзистенцијални конфликти. Со ВМРО-ДПМНЕ не може никој да се помири ако таа партија радикално, идејно, кадровски и политички не се промени. Ако одбива да се промени, мора да се порази. Темелно и без остаток. Промената за која тука зборуваме не значи партијата да ја прифати улогата на опозиција, туку значи остварување на свест за злосторничкиот карактер на сопствената мисија.

Притисоците и одговорноста

Заев вели дека мнозинството обвинители и судии биле добри, само биле изложени на притисоци од власта. Ист бил и случајот со полицајците. И тие чекале да дојде слободата за да си се вратат на своите професионални задолженија. Ги разбирам благородните и добродушни идеи на Заев, дури и тактичноста што се крие во овие негови ставови, но јас сакам да потенцирам дека судиите, полицајците и сите други, кои работеле под притисоци, работеле во зоната на кривичната одговорност. Од таа зона не се излегува со насмевка, не се излегува така што новата власт ќе им рече: ај сега, работете, не сте под притисок, туку така што секој кој под притисок не си ја вршел работата како што треба, ќе одговара.

Овие елементи се важни за да се знаат вистинските координати во кои ќе се обиде да се пласира новата власт. Да знае кај се движи, со кого има работа, кон што се стреми. Тие работи се важни меѓу другото и како наративи околу кои ќе се собира енергијата на општеството, неговото внимание, тоа се области во кои ќе се понуди сатисфакција на луѓето за нивните минати страдања и неизбежните тешкотии што ќе ги следат, тоа е и една форма на спектакл, естрада.

Без овие работи бандите ќе се вратат да си ја довршат работата. Многу бргу. Во тоа никој не треба да се сомнева.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња