Груевизмот како наследна болест

09.05.2017 02:49
Груевизмот како наследна болест

Почнаа да течат „информации“ за можниот наследник на Никола Груевски на лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ. Додуша, станува збор за претпоставки, нагаѓања и вести од извори поблиски на чаршијата, отколку на партијата, ама сепак. И такви непроверени се сосема доволни за да ја пренесат генералната порака што сите сакаат да ја слушнат: дојде време авторот на манифестот да почне да го пишува тестаментот.

Се разбира, на неговите медиумски и други курири сè уште им успева да ги затворат дупките низ кои протекуваат вакви дезинформации (на Канал 5 се појави веста за можните кандидати, па набрзо ја снема), ама наскоро ниту раката на ВМРО ќе биде толку долга за да стигне секаде, ниту ќе има прсти колку што ќе има отвори, па браната ќе се урне и јавноста ќе биде преплавена со имиња на најсериозни претенденти за престолот во белата палата.

Дотогаш, новите антени ќе пренесуваат стари лаги („Груевски ја има максималната поддршка и на Извршниот и на Централниот комитет и е политичарот што има убедливо најголема доверба меѓу граѓаните“), а вистината ќе се пренесува од уво на уво (Брехт). Ако, пак, е вистина дека лидерот сè уште, после сè што ѝ направи на партијата – за државата и да не зборуваме – има максимална поддршка од комитетите, значи од имиња кои веќе важат за наследници, тогаш не само што не ѝ се доволни сто чекори за преродба, туку во прашање е доведен нејзиниот опстанок. Зашто, на ДПМНЕ не ѝ треба некој што ќе го замени Груевски и ќе го продолжи неговото дело, туку таков што ќе докаже дека груевизмот сепак не е наследна болест.

Извор: Слободен печат
Слика: Странски служби