1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
Ако е веродостојна веста дека денес Службен весник на РМ ја објавил Одлуката на Собранието за избор на Талат Џафери за негов претседател и ако се точни информациите дека Ѓорге Иванов, претседател на државата, ќе чека 10 дена предвидени од Уставот за да му го врачи мандатот на Заев, тоа може значи само една работа. Може да значи дека, исто како и Чавков кој на ВМРО-ДПМНЕ му даде два часа „полициски голем одмор“ за неговите разбеснети - диригирани и медиумски - дрогирани насилници непречено да влезат во Парламентот и да тепаат пратеници, така и Иванов на истата партија ѝ дава нови 10 дена да смисли некое ново сценарио. Сценариото, според сите досегашни искуства со партијата на Груевски кој ќе оди до крај, повторно ќе биде насилно, антидржавно и деструктивно.
Можеби некој (со полно право) ќе ме обвини за ширење страв и паника, ама да ми простите, јас само се обидувам да ја гледам големата слика. А таа, го вели следново:
Прво, соопштенијата од ВМРО-ДПМНЕ сè уште се преполни со подбуцнувачки пораки, во кои врие од термините „пуч“, „државен удар“, „политички криминал“ и слично.
Второ, истото тоа ВМРО-ДПМНЕ, јавно врши притисок врз истражните и судските органи за протекционизам, односно „внимателно“ однесување кон извршителите на настаните од „крвавиот четврток“.
Трето, Основното јавно обвинителство (ОЈО), веројатно согласно претходно дадените инструкции од штабот на Груевски, ги минимизира кривичните дела и покрај јавно евидентираните и снимени насилнички напади и обиди за убиства, сведувајќи ги на најблагото кривично дело – учество во толпа.
Четврто, ОЈО воопшто не се занимава со истрага, гонење и процесуирање на инспираторите и организаторите на насилствата во Парламентот од 27 април, иако сите ги знаеме со име, презиме, биографија и фотографија..
Петто, најголемиот број од евидентираните и снимените тепачи на пратеници, воопшто и не се приведени, со образложение од ОЈО дека му треба време да ги обработи сите податоци.
Шесто, од авион се гледа дека ОЈО на Зврлевски работи за ВМРО-ДПМНЕ, а што е уште пострашно, снимките од приведените лица, како на пример, снимениот напаѓач врз Шеќеринска, личат на одење во кафеана, а не на апсење.
Седмо, полицијата сè уште е под команда и окупација на Чавков и другарите, бидејќи ниту Чавков е сменет, иако неговиот претпоставен го побара тоа, ниту некое од лицата со „фантомки“ е избркано од работа, иако сите знаеме дека најголемиот дел од нив се полицајци.
Осмо, самиот факт дека Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која има свои организатори (одговорни лица, кои никој не ги повикува на одговорност), не само што не е забранета поради силеџиството во македонскиот законодавен дом, не само што главните собраниски тепачи се сè уште во нејзините редови, туку од ден во ден таа уште повеќе се радикализира истакнувајќи транспаратенти на кои повикува на линч (бесилки) за Заев и Шеќеринска.
Деветто, следејќи ги ФБ профилите и објавите на дел од „интелектуално-комесарската“ елита на ВМРО-ДПМНЕ, забележувам заострување на вордингот и повикување на крв и мирис на барут.
И десетто, српските медиуми со руска заднина последниов месец се впуштија во високотуражна специјална војна против Македонија, посебно таргетирајќи ги меѓуетничките односи, односно ширејќи хистерија од наводна албанизација и кантонизација на Македонија.
Ова се само мал дел од индикаторите кои успеав да ги забележам и евидентирам како најава за некои можни случувања. Најмногу би сакала да се лажам и да не бидам во право, иако многу добро знам со кои непресметливи лудаци си имаме работа. Токму од овие причини, сите момчиња и девојки, сите граѓани од сите националности, сите родители и деца, сите другари и другарки, сите луѓе од сите возрасти, ги повикувам на будност и внимание, особено во наредните 10-тина дена. Не ми текнува друг адекватен збор кој би соодветствувал на ова што го носам како лошо претчувство и тоа токму на денот кога пред две години во фингирана мини-војна се изгубија многу млади животи во кумановско Диво насеље.
Повторувам, немаме работа со нормални луѓе, на кои државата и нејзините граѓани нешто им значат. Наспроти нас е една насилничка орда, уплашена за својата иднина и за црните перспективи на нејзиниот лидер, полна со пари, омраза и влијание. Стравувам дека ќе го искористи моментот на институционален вакуум за да направат белја. Од друга страна, сакам и тие да знаат дека и ние знаеме.
Честит Ден на победата над фашизмот.
Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Александар Дојранлиев