Беседа

10.05.2017 01:32

Да останеш уште малку
За да ја гледаш ружата

Да се обидеш да ѝ дадеш
Боја на твојата желба.


Да одиш по пазари
За да видиш зеленчук и овошје

Да се сеќаваш на шуми
Отежнати од печурки.


Да знаеш дека треба уште
Да откриеш едно лице

И од него ист поглед
На друга жена да ти дојде.


Да оцениш дека едно тело
Е создадено од континент

На кој што песокот и ветрот
Се од еден непознат век.


Да пиеш со минувачот
Што не го познаваш.

Да го гледаш весникот
На ист начин како него.


Да речеш уште еднаш догледање
На некој аеродром,

Да сонуваш за заспивање
Во една бела соба.


Да го слушаш нетрпеливиот
Говор на брановите.

Да не се утешуваш
Со џеб полн со пари.


Да гледаш како не доаѓаат
Времињата што се ветени

Да ги носиш во пазувите
Жешки како калеми.


Да бидеш тој што вечно дупчи
Тунел што се отвора,

Што се затвора одново
И пак треба да се продупчува.


Да сакаш еден ѕид наполно нов
Да се запише во градот.

Да бидеш вечно задолжен
Да ги подготвуваш деновите.

Препев: Благоја Иванов, Луан Старова, Гане Тодоровски и Влада Урошевиќ

Ежен Гилвик (Eugène Guillevic, 1907-1997) е еден од најважните француски поети од втората половина од 20 век. Професионално се претставува само преку своето презиме Гилвик (фран. "Guillevic"). Роден е во Карнак, Бретања. Станува симпатизер на комунистите уште во текот на Шпанската граѓанска војна, поради што од 1942 година станува и активен член на Комунистичката партија. Тука се поврзува со Пол Елијар. На партијата ѝ останува верен до 1980 година.
Во творештвото останува доследен на своите сфаќања за светот. По еден период на отпор, на бунт против социјалниот и општествен поредок, тој го започнува својот обид да го скроти светот и неговата тишина. Се противи на метафизичкиот приод кон творештвото и пишува концизно, искрено, страсно и сугестивно. Речиси не употребува метафори. Нивното место го заземаат компарациите.
Добитник е и на Златниот Венец на Струшките вечери на поезијата (1976).

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото