Мексико Сити, жедниот град што тоне

10.05.2017 01:52
Мексико Сити, жедниот град што тоне

Во лошите денови смрдеата се чувствува надалеку со километри, додека се шири над автопатиштата и бизнис центрите.

Кога беше завршен Големиот канал, кон крајот на осумдесеттите, беше големо инженерско достигнување: 47 километри долг, каде во секунда поминуваат десетици илјади литри отпадни води. Требаше да ги реши проблемите со поплавите и канализациите кои го измачуваа градот со векови.

Тоа не беше постигнато, дури ни на почетокот. Каналот се засноваше на гравитацијата. А, Мексико Сити, два и пол километри над нивото на морето, тонеше.

И сè уште тоне, сè побрзо и побрзо, а каналот е само една од жртвите на магичниот круг. Секогаш со недостаток од вода, Мексико Сити продолжува да копа подлабоко, слабеејќи ги на тој начин старите глинени езерски корита врз кои Ацтеките изградиле поголем дел од градот, и правејќи градот и натаму да се урива. Тој круг е само влошен со климатските промени. Повеќе топлина и суша значи и повеќе испарување и, повторно, поголема потреба за вода. Притисокот се зголемува, резервоари со вода се влечат оддалеку по енормни цени, а продолжува сушењето на подземните извори и се забрзува колапсот на градот.

Во огромниот крај Изтапалапа – каде живеат речиси два милиони луѓе од кои повеќето не можат да сметаат на вода од чешма – тинејџер беше проголтан од пукнатина во земјата која се отворила на улицата. Тротоарите личат на скршен порцелан, а 15 основни училишта се срушени или здробени.

Многу се пишува за климатските промени и влијанието на растот на нивото на морето врз крајбрежната популација. Но, не се погодени само крајбрежјата. Мексико Сити, високо во планините, во срцето на земјата, е најочигледен пример.

Како што рече Арнолдо Крамер, шеф на штабот за вонредни ситуации во Мексико Сити: „Климатските промени станаа најголемата долгорочна закана за иднината на овој град. Тоа е затоа што се поврзани со водата, здравјето, загадувањето на воздухот, нарушувањето на сообраќајот заради поплавите, загрозеноста на станбените објекти од свлечишта – што значи дека не можеме да се занимаваме со ниеден сериозен проблем во градот, а да не се соочиме со прашањето за климата.“

Ширењето и собирањето

На обиколницата околу булеварот Пасео де ла Реформа, широк булевар во центарот на градот, позлатениот Ангел на независноста, симбол на мексиканската гордост, го надгледува сообраќајот од врвот на високиот коринтски столб.

Туристите весело фотографираат, не сфаќајќи дека во времето кога мексиканскиот претседател ја пресекол лентата за столбот, во 1910 година, споменикот стоел на постамент до кој се доаѓало со помош на девет плитки скали. Но, со текот на времето, целото место околу споменикот почнало да тоне. Морале да додадат четиринаесет скали на постаментот за споменикот и натаму да биде поврзан со улицата.

Подлабоко во стариот центар на градот, позадината на Националната палата сега се наведнува над тротоарот. Зградите наликуваат на кубистички цртежи, со коси прозорци, заоблени лајсни и врати кои веќе не се сложуваат со своите рамки. Пешаците се искачуваат по ритчиња каде некогаш се наоѓало езерско корито. Катедралата на главниот градски плоштад, позната како Зокало, пропаѓала неколкупати во последниот век, а сега изгледа мошне смешно, со капела која е наведната и со камбанарија поткрепена со слоеви од камен.

Лорета Кастро Регера е млада архитектка од Харвард чија специјалност е пропаѓачкото тло во Мексико Сити, феномен познат како супсиденција. Таа покажува долу кон главната улица која се протегнува од Зокала и го дели истокот од западот, следејќи ја рутата на стариот ацтечки насип.

Целиот град се наоѓа на нешто што некогаш било мрежа од езера. Во 1325 година Ацтеките го основале својот главен град, Теночтитлан, на остров. Со текот на годините го ширеле градот со насипи и саделе растенија во висечки градини познати како „чинампас“. Езерата им овозможувале одбрана на Ацтеките, а чинампасите одржливост.

Потоа, шпанските освојувачи ѝ објавиле војна на водата, одлучни да ја сузбијат. Системот на Ацтеките им бил туѓ. Насипите и каналите ги замениле со улици и плоштади. Ги пресушиле езерата и ги уништиле шумите, што довело до многу поплави, вклучувајќи и една која траела цели пет години.

Денешниот Мексико Сити е агломерација на градски места кои всушност се поединечни градови, само тесно сраснати. Во текот на минатиот век, милиони мигранти пристигнале тука во потрага по работа. Растот на градот, од 78 квадратни километри во 1950 година до поширокото градско подрачје од околу 7 800 квадратни километри 60 години подоцна, создал живописен, но хаотичен мегалополис изграден главно без никакви детални урбанистички планови. Автопатиштата и автомобилите ја гушат атмосферата и ја зголемуваат температурата со јаглеродниот диоксид – а, развојот ги уништи речиси сите останати делови од оригиналните езера, ги загради подземните резервоари со вода и го натера некогаш богатиот крај со вода да увезува милијарди литри.

Системот на пренос на вода од едно до друго место е чудо на модерното хидроинженерство. Но, и тоа е потполна лудост, делумно последица на фактот дека градот, кој никако не успева да ја стабилизира власта, остана без никакви фабрики за рециклирање отпадни води или за собирање дождовна вода, што значи дека испушта неверојатни 750 милијарди литри од овие течности преку уништените канали како оној што се нарекува Голем.

Мексико Сити сега увезува дури 40 проценти вода од далечни места – а, потоа губи повеќе од 40 проценти од она што поминува низ 13 000 километри долгите цевки, заради протекување и кражби. И да не споменуваме дека пумпањето на оваа вода километар и половина нагоре троши подеднакво струја колку и целиот град Пуебло, кој има околу три милиони жители.

Владата знае дека речиси 20 проценти од жителите на Мексико Сити немаат постојан и стабилен проток на вода во своите чешми. Некои имаат вода вкупно еднаш неделно или дури еднаш во неколку недели, но и кога има, тоа веројатно е само еден час ситни жолти капки од славините. Овие луѓе мораат да обезбедат цистерни за да добијат вода за пиење, што често чини повеќе отколку што плаќаат богатите граѓани во некои други делови од градот.

Проблемот не е само во тоа што резервоарите се празни. Мексико Сити лежи на меланж од езерски корита од глина и вулканско тло. Центарот на градот е врз глина, некои други дистрикти се изградени на вулкански полиња.

Вулканското тло ја апсорбира водата и ја пренасочува во вдлабнатините. Векови претходно, пред да експлодира популацијата, вулканското тло гарантирално дека под земјата ќе се наоѓа вода.

Денешната криза на водоснабдувањето во Мексико Сити делумно произлегува од фактот дека голем дел од ова порозно тло – вклучувајќи ги и оние делови кои некогаш одамна биле одредени за земјоделство – сега е натрупан со згради и патишта. Водата не може да се пробие низ бетонот и асфалтот, дождовната вода не се слева никаде, што доведува до поплави и создава „врели острови“ кои само ја зголемуваат температурата уште повеќе и дополнително ја зголемуваат побарувачката на вода. А, токму затоа што градот е изграден на мешавина од глина и вулканско тло, тој понира нееднакво, и во него се отвораат смртоносни пукнатини.

„Центарот на женските животи“

Длабоко под стариот центар, водата од вдлабнатините доаѓа до местото на градската граница, Екапетек, каде се наоѓа една од најголемите пумпи на Големиот канал. Таа е завршена 2007 година и направена е за да транспортира 42 000 литри во секунда – сега тоа е вода која мора да се подигне од местото каде што е пропаднат каналот за да продолжи понатаму.

Големиот канал заради пропаѓањето на земјиштето сега функционира само со 30 проценти од капацитетот. Делови од каналот околу Екатепек пропаднале дури два метри откако е изграден каналот. Моментално бунарот со број 30 помага со вода да се снабди Тлалпан, на спротивната страна од Мексико Сити. Едно неодамнешно утро, големи камиони наречени „пипа“ застанале на каллива раскрсница покрај автопатот. Тука доаѓаат да се наполнат, еден по еден, под скршените цевки поврзани со дотраените шмркови. Овие цевки достигнуваат длабочина од 300 метри, за да дојдат до вода.

Ако нема вода во славините, тогаш жителите на Тлалпан ја добиваат на овој начин. Потребни се повеќе од 500 цистерни дневно за да се задоволат потребите на градот.

На исток, во Изтапалапа, некои бунари се претворени во смрдлива каша загадена од минерали и хемикалии. Лутите жители остануваат по цела ноќ за да се расправаат со возачите на камионите за вода. Некои од овие возачи уживаат во конфликтите на завојуваните семејства, за да видат кои ќе имаат повеќе пари за да ги подмитат.

Понекогаш на жителите им велат дека ќе стигнат во наредните 3 до 30 денови, што значи дека тие мораат да останат во своите домови. Нарачките се откажуваат ако нема никој кога ќе стигнат камионите.

„Водата станува центар на женските животи таму каде што ја нема“, вели Миреа Имас, програмски директор на Националниот автономен универзитет во Мексико. „Жените во Изтапалапа можат да поминат и цела ноќ чекајки ги камионите, а потоа мораат да бидат дома кога ќе стигнат, и понекогаш мораат да се возат во камионите за да бидат сигурни дека ќе стигнат таму каде што треба, што не е секогаш најбезбедно“.

Една пипа, две магариња

Постојат места во Мексико Сити каде не можат да стигнат дури ни пипасите. Дијана Контрерас Гузман живее на карпите од областа Хошимилко, каде патиштата се речиси вертикални и каде споредните правливи улици водат до фавелите од цигли, картон и рѓосан лим. Младата мајка живее со девет роднини во еднособна барака. Таткото на Дијана и нејзините тројца браќа се домари. Нејзината сестра работи во една канцеларија. За да го фатат автобусот за на работа, повеќе од километар и половина низбрдо, тие поаѓаат во 4 и 30 часот наутро, оставајќи ја Дијана Гузман самата да се грижи за четирите мали деца – но, и за водата.

Еднаш неделно, пипа со вода доаѓа горе на ридот, каде патот е среден. Кога ќе се случи тоа, Гузман поминува два часа одејќи нагоре и надолу, вкупно седумпати, носејќи балони од 40 литри вода секогаш кога се враќа. Понекогаш Хосуе и Валентина, двете деца, се обидуваат да помогнат влечејќи шишиња од два литри.

За околу 380 литри вода од пипа, таа плаќа 25 центи. Но, тоа не е доволно целото семејство да се снабди со вода. Затоа, секој ден мора да му плаќа и на Анхел, соседот што поседува неколку магариња. Магарињата ги носат пластичните балони со вода, четири одеднаш, од бунарот кој се наоѓа во подножјето на ридот.

Семејството Гузман заработува околу 600 долари месечно. Повеќе од 10 проценти од тие пари одат за вода.

Давид Варгас, чија компанија Исла Урбана произведува евтини системи за собирање дождовна вода, вели: „Дали постои појасен знак дека целата приказна за водата во овој град се врти околу нееднаквоста?“

Фотографии: Josh Haner

Извор: Њујорк Тајмс

ОкоБоли главаВицФото