Хорхе и Дурло го извалкаа јубилејот на МОБ!

10.05.2017 10:23
Хорхе и Дурло го извалкаа јубилејот на МОБ!

Претседателот Ѓорге Иванов на Македонската опера и балет ѝ додели Орден за заслуги за Македонија, по повод 70 години од основањето, а особено за успешното презентирање и промовирање на македонското и на светското творештво од областа на оперската и на балетската уметност.

Наградата е несомнено заслужена, зашто МОБ несомнено е институција со огромно значење за македонската културна историја, институција што допрва треба да се развива и да доживее подем во регионални и во европски рамки.

Но, вистинска трагедија и национален срам е тоа што орденот го прими директорот на МОБ, Игор Дурловски, еден од тројцата организатори на насилните протести за „заедничка Македонија“, кои на 27 април преминаа во организиран напад на Собранието, при што беа претепани десетина пратеници.

Да се потсетиме, во момент на слабост, Дурловски ја напушти организацијата, но потоа, во момент на уште поголема слабост, ѝ се врати. Толку за моралниот лик на овој предводник на насилниците и за неговиот личен интегритет.

Иљче Затаракоски, еден од моите омилени ликови на Фејсбук, го постави клучното реторичко прашање: „Не прочитав убо, орденов е за слуги или за заслуги?!“

Со одлуката орденот да се најде во рацете на Дурловски – а не, да речеме, во рацете на најстариот оперски пејач или некој друг заслужен претставник на оваа институција – Иванов го извалка убавиот јубилеј и тоа токму на Денот на победата над фашизмот. Каква грда симболика!

За крај, наместо со мој, ќе завршам со коментарот на Јани Макрадули: „Како и во Втората светска војна, нас за победата над фашизмот ќе ни треба малку повеќе време од 9 Мај. Зашто, во држава во која извршителот на распит оди со цигарче, а организаторот добива државна награда, ниту од далеку не е победен фашизмот“.

За жал, Јани проклето е во право!

Извор: Плусинфо
Слика: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото