Најинтересните национални павилјони на Венециското биенале

10.05.2017 12:17
Најинтересните национални павилјони на Венециското биенале

„Надвор од контрола во Венеција“, павилјонот на Исланд на Венециското биенале

 

Биеналето во Венеција сè уште е најголемата светска ликовна манифестација, а на неговото 57. издание, кое се отвора на 13 мај, повеќе од 80 земји ги испраќаат своите уметници да ги претставуваат на биеналето и да се натпреваруваат за Златен лав. Според кураторката Кристин Масел, токму националните павилјони се во фокусот на годинашното издание на овој фестивал.

Списанието за уметност Artnet News веќе објави препораки за најинтересните национални претставувања на Венециското биенале.

1. Соединети американски држави: „Tomorrow is Another Day“ (Утре е нов ден); автор: Марк Брадфорд; куратори: Кристофер Бедфорд и Кејти Сигл

Во американскиот павилјон, Марк Брадфорд се занимава со прашањата на социјалната правда, хуманитарните кризи, како и турбулентната политичка клима. Еминентниот апстрактен сликар ќе ги изложи своите дела во кои ги користи вообичаените материјали, но со цел да даде поширока визија; во рамки на изложбата во американскиот национален павилјон, Брадфорд ќе започне шестгодишен социјално ангажиран потфат наречен „The Process Collettivo“, со помош на кој ќе се вработат затвореници од централната област Фрари, Венеција. Текстовите за каталогот се напишани од Зејди Смит, Питер Џејмс Хадсон, Сара Луис, Анита Хил и Кети Сигел, а ќе бидат вклучени и извадоци од текстот „Црната реконструкција во Америка“ и од делата на Џејмс Болдвин.

2. Велика Британија: „folly“, автор: Филида Барлоу; куратори: Хариет Купер и Делфин Алиер

Насловот на делото на Филида Барлоу „folly“ (глупост) би можел да биде коментар на многу нешта – политичката состојба во земјата што ја претставува; фактот што сега е конечно признаена во уметничкиот свет, откако првите 60 години од нејзината кариера работеше во анонимност; или можеби насловот само ги опишува нејзините скулптури во бои на конфети. Што и да носи таа во Венеција, поканата да учествува е во согласност со кураторското мото на Масел - „уметност заради уметност“.

3. Франција: „Студио Венеција", автор: Ксавиер Вејон; куратор Лионел Бовје и Христијан Маркле

Црпејќи инспирација од култното дело „Merzbau“ на Курт Швитерс и применувајќи го концептот на колаборативност кој е од суштинско значење во филозофијата на движењето дада, францускиот уметник Вејон во националниот павилјон ќе направи целосно функционално студио. Повеќе од 100 уметници и музичари беа поканети да го користат просторот, поединечно или како група и да создадат или да снимат оригинално дело. Ова ќе биде активен простор, каде посетителите ќе ги видат сите фази од создавањето уметност од идеја до изведба.

4. Германија: „Aна Имхоф/Нова продукција за германскиот павилјон“; куратор: од Сузан Фефер

Ана Имхоф од Франкфурт, новата ѕвезда на меѓународната уметничка сцена, ќе биде во национиот павилјон на Германија, под кураторство на Сузан Фефер чијшто успех кај критиката со павилјонот на Швајцарија во 2015 година ги зголеми очекувањата и за оваа изложба. Ана Имхоф досега освои многу признанија за нејзината работа која се базира на перформансот. Таа ја истражува еволуцијата на човечкото тело како одговор на технолошките, социо-економските и политичките сили. Содржината на делото сè уште не се открива, но продукциите на Имхоф се визуелно кохезивни, прецизни кореографски дела и публиката во Венеција не треба да се очекува ништо помалку од тоа.

5. Јапонија: „Превртена наопаку, Тоа е шума“; автор: Такахиро Ивасаки; куратор: Меруро Вашида

Концептот на јапонскиот павилјон оваа година се базира на прказната за градбите во Венеција - пловечкиот град кој е поврзан со лавиринтски канали и мостови, изграден врз повеќе од еден милион дрвени колци забодени во водата, за го држат островот. Оваа приказна е основа за делото на Ивасаки „Превртена наопаку, Тоа е шума“, кое се карактеризира како традиционално „јапонско“, бидејќи сложените скулптури направени од секојдневни материјали, често отфрлени како ѓубре, бараат макотрпна изработка.

Ова дело на Ивасаки во голема мера потекнува и од неговиот личен однос со Хирошима, кадешто е роден и живее; неговата употреба на пронајдени предмети е паралела со преродбата на градот по уништувањето од нуклеарната бомба, потпирајќи се на невообичаени ресурси за развој на инфраструктура со цел да им помогне на граѓаните да закрепнат.

6. Швајцарија: „Жените на Венеција“, автор: Тереза Хабард, Александар Бирчлер и Керол Бове; куратор: Филип Кајзер

Насловот на павилјонот е преземен од скулптура од Алберто Џакомети, веројатно најпознатиот швајцарски уметник на 20-от век и на кој му беше доделена Гран при наградата за скулптура на Венециското биенале во 1962 година. Скулптурата не беше дел од швајцарскиот павилјон, бидејќи Џакомети одби да се дефинира само врз основа на неговата националност, а одби и да ја претставува својата земја. На неговото уметничко и друго наследство ќе се обратат современите автори од Швајцарија: Хабард и Бирчлер направија филм, базиран на Флора Мајо, младата американска љубовница на Џакомети, додека Керол Бове (кој е родена во Женева) нуди новосоздадени скулптури кои си играат со стилот на Џакомети.

7. Исланд: „Надвор од контрола во Венеција“, автор: Игл Сабјернсон; куратор: Стефани Ботче

„Ugh“ и „Bõögâr“ се главните ѕвезди на „Надвор од контрола во Венеција“, двата трола кои ќе предизвикаат опустошувачки хаос на една од најголемите уметнички сцени. Троловите се дел од една поголема метафора што ја изнесува уметникот со цел да ги предизвика гледачите и нивната идеја за реалноста и фантазијата. Со користењето на Гремлин со нос во вид на брадавица, целта е да се поттикне хаос и да се растресе уметничкиот естабилишмент. Павилјонот на Исланд за Венециското биенале продолжува да ветува авантура надвор од конвенционалните идеи и граници. (Во 2015 година, уметникот Кристоф Бухел изгради џамија во поранешна католичка црква во една населба во Венеција, поради што властите брзо ја затворија зградата.)

8. Нигерија: „How about NOW?”, автори: Пеју Алтисе, Виктор Еикаменор и Квудус Оникеку. Куратор: Аденреле Сонариво

Ако насловот не ви кажува доволно, треба да се каже дека годинава прв пат уметници од Нигерија учествуваат на Венециското биенале. Тројцата современи уметници се занимаваат со специфичната позиција на Нигерија во минатите и сегашните наративи на светската историја, преку нивните дела кои се повикуваат на идеите на меморијата, идентитетот, колонијализмот и културното наследство. Спојот на големи инсталации, филмови, перформанси, и слики е куриран од Аденреле Сонариво од Нигерија, која ја напушти работата во бизнис компанијата „PricewaterhouseCoopers“ за да основа Фондација за уметност.

Извор: Artnet News

ОкоБоли главаВицФото