Големата климатска тишина: Стоиме на работ на амбис и го игнорираме

11.05.2017 00:31
Големата климатска тишина: Стоиме на работ на амбис и го игнорираме

По 200.000 години живеење на современите луѓе на Земјата стара 4,5 милијарди години, стигнавме до нова точка во историјата: Антропоценот. Промената доаѓа кон нас со дезориентирачка брзина. Ова е таква промена, на која вообичаено се прилагодуваат три или четири генерации.

Нашите најдобри научници упорно ни кажуваат дека полека се случува катастрофа, дека системите за одржување на Земјата во живот се оштетуваат на начин кој може да му наштети на нашиот опстанок. Сепак, и покрај овие факти, си продолжуваме како и вообичаено.

Повеќето граѓани ги игнорираат или ублажуваат предупредувањата. Многу од нашите интелектуалци се впуштаат во надежно размислување, а некои влијателни гласови велат дека ништо и не се случува, дека научниците нè мамат. Сепак, доказите велат дека луѓето станале толку моќни, што влеговме во оваа нова и опасна геолошка епоха, која ја дефинира фактот дека човечкото влијание на глобалната околина сега е толку големо, што се спротивставува на некои од големите сили на природата во своeто влијание на функционирањето на Земјиниот систем.

Оваа бизарна ситуација, во која станавме доволно моќни за да го промениме курсот на Земјата, а сепак се чини дека не можеме да се регулираме себеси, е контрадикторна на секое современо верување за тоа каков вид суштество е човекот. Па, за некои е апсурдно да се каже дека човечкиот род ќе излезе од границите на историјата и ќе се запише како геолошка сила во времето. Луѓето се премали и преслаби за да ја променат климата, тврдат, па невозможно е да се вели дека сме можеле да ја промениме геолошката скала на мерење на времето. Другите ја припишуваат Земјата и нејзината еволуција на „небесното царство“, па не е само неточно да се каже дека луѓето владеат со планетата, туку е и богохулие.

Многу интелектуалци од сферата на општествените науки не се согласуваат со тоа дека научниците треба да имаат збор и дека тоа не треба да влијае на разбирањето за светот, бидејќи „светот“ се состои само од луѓе во комуникација со луѓе, а природата не е повеќе од пасивна позадина на која цртаме како што сакаме.

Ориентацијата „важни се само луѓето“ на општествените науки, е засилена од нашата тотална апсорпција на претставувањата на реалноста изведени од медиумите, кои нè охрабруваат да ја гледаме еколошката криза како спектакл кој се случува надвор од меурот на нашето постоење.

Точно е дека сфаќањето на размерот на тоа што се случува бара не само да се пукне меурот, туку и да се направи когнитивен скок кон „размислување за системот на Земјата“. Односно, да се сфати Земјата како единствен, комплексен, динамичен систем. Една работа е да се прифати дека човековото влијание се проширило низ пејзажот, океаните и атмосферата, но сосема друго е да се разбере дека човековите активности го нарушуваат функционирањето на Земјата како комплексен, динамичен, постојано еволуирачки систем составен од милијарда поклопени процеси.

Но, земете го предвид овој зачудувачки факт: со знаењето за циклусите кои ја водат Земјината ротација, палео-климатолозите можат да предвидат со разумна сигурност дека наредното ледено доба ќе се случи за 50.000 години. Сепак, бидејќи јаглеродниот диоксид постои во атмосферата со милениуми, глобалното затоплување од човечката активност во 20-тиот и 21-виот век се очекува да го спречи тоа ледено доба и веројатно и наредното, кое се очекува за 130.000 години.

Доколку човековата активност која се случува во повеќе од еден век или два може неповратно да ја трансформира глобалната клима за десетици илјади години, натерани сме да мислиме одново за историјата и социјалната анализа, како за исклучиво интра-човекови работи.

Како треба да го разбереме фактот дека масовна количина научни докази за Антропоценот, настан со колосални пропорции кој сè уште трае, не успеа да предизвика разумен и соодветен одговор?

За многумина, акумулацијата на факти за еколошкото нарушување се чини дека има наркотизирачки ефект, премногу видлив во популарните ставови за кризата на Земјиниот систем, особено меѓу креаторите на јавното мислење и политичките лидери. Малкумина се отворија себеси за комплетното значење на Антропоценот, преминувајќи праг на постепен, но вечно вознемирувачки процес на собирање на докази.

Подалеку од науката, малкумина предупредуваат дека ќе дојде крајот на Земјата и дека се случува нешто незамисливо големо, свесни дека се соочуваме со напор меѓу уништување и можноста за некаков вид спасување.

Па, денес најголемата трагедија е недостатокот на чувство на трагедија. Рамнодушноста на мнозинството за системот на Земјата и неговото нарушување, може да придонесе за пад на разумноста или психолошка слабост. Но, се чини дека ова не може соодветно да објасни зошто се наоѓаме на работ на амбис.

Како да го разбереме очајниот неуспех на современата мисла да го разбере она со кое се соочуваме сега? Неколку години откако втората атомска бомба беше фрлена, Казуо Ишигуро напиша роман за луѓето на Нагасаки, роман во кој бомбата ниту еднаш не се споменува, а сепак нејзината сенка паѓа над сите. Сенката на Антропоценот, исто така паѓа над нас.

Сепак, книжарниците редовно се обновуваат со томови за иднината на светот од врвни интелектуалци на левицата и десницата, во кои еколошката криза едвај се споменува. Тие пишуваат за подемот на Кина, цивилизациите во судир и машините кои го преземаат светот, составени и продадени како да не постојат климатолозите. Тие предвидуваат индина во која доминантните факти се оттргнати, футуролозите се заглавени во минатото и веќе не се потребни. Тоа е големата тишина.

Слушнав за вечера за време на која еден од најпознатите психоаналитичари дебатирал на секакви теми, но молчел кога се споменале климатските промени. Немал што да каже. Се чини дека за најголемиот дел од интелектуалците, научниците кои ја проучуваат Земјата се толку лоши, што подобро е само да бидат игнорирани.

Можеби интелектуалното предавање е комплетирано, бидејќи силите кои се надевавме дека ќе го направат светот поцивилизирано место – лични слободи, демократија, материјален напредок, технолошка моќ – навистина го поплочуваат патот до оваа деструкција. Моќите во кои најмногу верувавме нè предадоа. Она за што најмногу мислевме дека ќе нè спаси, сега се заканува дека ќе нè проголта.

За некои, тензијата се решава со игнорирање на доказите, што значи дека се откажуваме од просветлување. За други, одговорот е да се третираат повиците да се спречи опасноста како губење на верба во човештвото, како обидот да се спаси Земјата да е романтична илузија или суеверна регресија.

Сепак, научниците продолжуваат да нè прогонуваат, да нè следат наоколу како привиденија, додека се трудиме да си побрзаме со нашите животи, вртејќи се наназад понекогаш за да го придржиме распетието на Прогресот.

 

Извор: The Guardian / Радио МОФ

Фотографии: Гидеон Мендел

ОкоБоли главаВицФото