Две недели од крвавиот четврток

12.05.2017 02:22
Две недели од крвавиот четврток

Реакциите и однесувањата на јавноста, медиумите, експертите, институциите, со мал и незначаен исклучок, во изминативе две недели, говорат само едно - дека живееме во примитивно груба, бесчувствителна, духовно осиромашена и насилна заедница. Две недели по крвавиот четврток, организираното насилство, со умисла за убиство, од ниту една надлежна институција не се именува со вистинското име – ЗЛОСТОРСТВО. Две недели од злосторничкиот упад во парламентот, сè уште не се повикуваат на одговорност организаторите и нарачателите на насилствата врз најмалку 100 луѓе.

И две недели по насилствата, никој, ама баш никој не го поставува прашањето за трауматизираноста на директните и потенцијалните жртви на насилството, за ризиците по живот на кои беа изложени пратениците, новинарите и нивните спасувачи. Никој не помисли ни за илјадната телевизиска публика, од нивните семејства, пријатели, граѓани, пред кои се одигруваше директниот пренос на масакрот. Па тоа се не 100, туку повеќе илјади луѓе трауматизирани од настанот, кои од тој ден лошо спијат, имаат кошмарни соништа и постојани флешови од грозоморни сцени од преживеаното... Голем дел од нив чувствуваат постојана психичка болка, или напротив, имаат потполно замрзнати чувства, и не се препознаваат себеси и своие ненадејни реакции, и се плашат од тоа. Можно е тие да чувствуваат и вина кон она што можеле, а не го направиле. Тоа се луѓето кои најмногу се обвинуваат себеси и за последиците што ги предизвикале кај своите најблиски.

А ние, на тоа само велиме - среќа што никој не загина, среќа што не дојдоа од другата страна, среќа што не дојде до воена состојба. Да, можеби има и полошо, но дали е нормално тука да запрат коментарите и сите да си продолжиме со своите животи? Без јавно признание и поддршка? Та нели тие луѓе повторно ќе треба да влезат во парламентарниот дом? Та нели ќе треба да ги поминат истите скали, ходници и простории по кои ги влечеа, или беа заробени со часови? Та нели ќе треба да седнат на истите пратенички столчиња, кои беа кршени од нивните глави. И да се сретнат, поздравуваат, а и да работат со истите пратеници, кои студено ги одминуваа додека овие крвавеа?

Мисли ли некој воопшто на тоа? И треба ли да играме херои за да сфатиме дека е нормално да се побара, и дека е неопходно да се добие признание, барем во вид на поддршка и помош, како жртва и/или сведок на тие настани. Дека помошта значи грижа за другиот. А тоа значи и почит, и многу други важни работи.

Помошта значи и дека треба да запрат, или да забават, макар за извесно време, сите активности кои продолжуваат да го „покриваат“ и затрупуваат трауматското искуство. Дека е потребно да се види кој каде е, во својата болка и страдање, и да им се даде друг приоритет, по ваквите случувања. И кога е фронтот отворен, и кога борбата продолжува... и тогаш, некој мора да објасни и да им даде на луѓето за право, за нивното доживување. Мора да излезе со соопштение, препорака, упатство, што и да е - дека нивните реакции се најнормален одговор на ненормалното искуство на кое биле изложени. Дека тоа не значи дека се слаби, ненормални, или виновни, туку дека имаат право на разбирање и поддршка. Некој тоа мора да им го каже.

Важно е да знаат и дека е добро меѓусебно да ги разменуваат своите искуства, но и дека треба да се свртат кон себеси, колку и тоа да е тешко, наместо да го избегнуваат и да го негираат она што го чувствуваат. И, доколку тоа не можат, дека и тоа е нормално, пред ненормалноста на иксуството. Тие сигурно не знаат дека доколку ги освестат сопствените успешни начини на справување и нормализација, потоа ќе можат и полесно да ги искористат. Но, и дека притоа ќе мора отворено да побараат поддршка од луѓето на кои им веруваат или кои им се блиски. Да не ги одбегнуваат, криејќи ја својата болка и состојба пред нив. Да не ги лажат, особено не децата и родителите, обидувајќи се да ги заштитат, погодени од вината за тоа што им го „приредиле“, со своето искуство. Зашто тие не се одговорни за она што им се случило.

Има ли некој да им објасни на луѓето дека да изразиш потреба и да побараш помош, по ваков настан, дури и ако си парламентарец, не е слабост, ниту срамота, туку напротив, значи дека умееш да се грижиш за себе. И дека само така можеш потоа и да продолжиш, појак наспроти се, и позрел за едно, надвор од разумот (не)човечко искуство.

Заедницата, по ова грозоморно насилство мора да научи и тоа, дека треба да вложува во системски решенија за вистинска грижа за луѓето. Мора да изгради пристап како тие да бидат навремено забележани, прашувани и заштитени, кога им е најмногу потребно. Како инаку ќе се чувствуваме удобно и безбедно, ако никој за овие работи не размислува и не зборува, дури ни по вакви настани. А божем сме спремни и животот да го дадеме за Македонија? Со мачнина и лаги навикнавме да живееме. Тоа е.