1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 13:59
Додека земјата се тресеше од артилериските канонади и бомбардирањето, советската армија е на 30 километри од Берлин, британската е пред Хамбург, а американската кај реката Елба, Хитлер му додели орден за храброст на 12-годишниот Алфред Чех и неколку други тинејџери, по повод својот 56-ти роденден. Тој пред камерите на тимот за пропаганда, тогаш, меѓу другото, изјави дека земјата се наоѓа пред решавачката битка за победа или исчезнување. Десетина дена подоцна, тој изврши самоубиство, а неговиот нацистички рајх беше столчен. Денес, Германија е една од најдемократските земји во светот и мотор на Европската Унија.
Македонија, 2017. Национал-шовинистите се впрегнати во одбрана на криминалот на фашо-мафијашката клика. Гротескниот претседател, со уличарски финти кои му ги диктира македонскиот капо ди тути капи, го одложува крајот на режимот што е под граѓанска и правна канонада. Како му успева тоа?
Новото мнозинство во парламентот предолго чекаше на конституирање на Собранието. Чекањето не го оневозможи крвавиот напад. Иванов, посебна сорта на политички фикус, под притисокот лишен од дипломатски речник, излезе со помирлив тон, но со невозможни и дрски барања. Јасно е дека ќе продолжи со валкани трикови.
Овој човек без легитимитет, соголен и вулгарен узурпатор, од работ на својот морален и политички пад, го спасува својот гол опстанок, токму поради нерешителноста на довчерашната опозиција. Тој бара некакви си гаранции, тие му ги даваат. Тој искористува некаков рок од 10 дена да го даде мандатот, истечен пред речиси четири месеци, а „опозицијата“ го чека. А оставка, кога ќе побараме од овој узурпатор?
Во меѓувреме, криминалците, сè уште на стратешки позиции, цврсто ја држат целата држава во своите грабежливи канџи. Кршат едно чудо одредби од Кривичниот законик, ги обесхрабруваат граѓанките и граѓаните и го опструираат процесот кој професионално, храбро и непоколебливо го водат хероините и хероите на СЈО.
Точно пет месеци по изборите, „опозицијата“ негува христијанска трпеливост и апсурдна „стратегија“ на чекање.
Извор: Слободен печат
Слика: Александар Дојранлиев