Разрешена жена

12.05.2017 11:22
Разрешена жена

Седум песни од првата латино ѕвезда во американската книжевност.

Разрешена жена

Велат дека сум ѕверка.
И уживаат во тоа. А јас отсекогаш
мислев дека баш тоа е жената?

Велат дека сум кучка.
И вештерка. А тоа и самата
мртва-ладна го имам утврдено.

Велат дека сум macha, пекол на штикли,
viva‒la‒vulva, оган и сулфур,
мажо-мразачка и погибелна,
баба-рога од лезбача.
Не нужно, заправо,
ама фала на комплиментите.

Толпата пристига со камењата и колците
за да ме осакати, распарчи и докрајчи.
Но, сеедно, кога ќе зинам, тие потреперуваат
како клопка за птички.

Дијаманти и бисери
се тркалаат од мојот јазик.
Или змии и крастави жаби.
Зависно од расположението.

Ја сакам пожудата што ја создавам.
Кога руморите шушкаат
небаре кринолини.

Јас сум жена на митот и булшитот!
(Навистина. Автор сум на некои.)
Цигла по цигла
од лошите гласови создадов куќичка.
Рмбајќи и со љубов.

Оти така и живеам.
Срцето ми е едро, баласт, кормило и прамец.
Горопадна сум, склона кон неумереност.
Мојот грев и успех се
некаква форма на незаситност.

Судејќи по сè
опасност сум за општеството.
Јас сум Панчо Виља.
Ги кршам законите,
го реметам природниот ред,
го вознемирувам папата
и на татковците им предизвикувам солзи.
Отаде сум законските ждрела.
Јас сум la desperada, најбараната јавна непријателка,
моите ведри потерници се кезат од ѕидовите.

Сеам страв и трепет меѓу мажињата.
И баш ми е гајле што мислат.
¡Que se vayan a la ching chang chong!
Што е ова, овој крст, оваа калварија.
Со други зборови, јас сум анархија.

Јас сум доброока,
опасна, брза, остра,
остроумна,
безобврзна,
безобразна,
безобзирна,
дрдорлива,
опуштена,
распуштена,
пуштена,
решена,
разрешена жена.
Чувај се од мене, душо!

Јас сум кучка! Ѕверка! Macha!
¡Wachale!
Пинг! Пинг! Пинг!
Јас ги кршам работите.


Срцето ги собира вообичано осомничените

Кога никој не ме сака
спијам со мачката.
И кога не можам да се дадам
за љубов или за пари ‒

им телефонирам на оние
кои некогаш ме сакале.
Или се обидувам во својата слатка мрежа
да ги навлечам пожудните.

Шашава сум ко јунска невеста.
Студена како bruje цицка.
Патетична кучка!
Со еден збор ‒ обична жена.
Прекумерно благодарна.

На најмалиот трепет на великодушност
се свивам крај киклопот кој ќе ме земе,
ќе ми дозволи да се помочам на тепихот
и добро ќе ме нахрани.

Ма ја виде ли ти женана?
Сметам дека не задавам бол.
Наоружана сум и опасна.
Но само по себе самата.


Dulzura

Води љубов со мене на шпански,
не на тој другиот јазик.
Те сакам juntito a mi,
нежно како зборовите со кои му гугаш
на бебе. Сакам така
да ме успиваш, mi bien
querido, и така да ме сакаш.

Те сакам во устата
на своето срце, под харфата
на своите зглобови,
во слаткото ткиво на мангото,
во златото што се ниша од мојот врат
и од ушните ресички.

Изговори ми го името! Кажи го!
Точно онака како што треба.
Сакам да знам дека сум те знаела
и пред да те запознаам.

 

Првобитниот грев

Пред летот на Mexican airlines бр. 729
на линијата San Antonio International ‒ Mexico City
купувам еднократен брич од 69 ¢
во гифт шопот оти бев заборавила
дека во Мексико не сакаат влакнести
женски пазуви, но затоа сакаат жени
со влакнести нозе, па испланирав

да се депилирам пред слетувањето,
но стјуардесата ми даде погрешен влезен
формулар претпоставувајќи дека сум Мексиканка,
‒ што и сум! ‒ така што морав
да протрчам низ преминот меѓу седиштата
и да ја замолам да ми даде влезен лист за граѓани
на САД, оти јас во суштина ‒
не знам како тоа би го објаснила?

ама за миг се најдовме над вулканите
и почнавме да се спуштаме во долината на Мексико Сити
така што потрчав назад
кон опашката додека авионот
сè побрзо се струполуваше кон одредиштето,
со нестрпливиот пилот кој брза накај дома,

сè до малецкиот авионски нужник,
каде што многу парови посакуваат coitus fantasizus,
а јас само набрзинка да се ослободам од своите подпазувести
грмушки пред авионот да слета на земјата
на los nopales, игнорирајќи го трепкавото светло
кое предупредува дека сме започнале со спуштањето;
полека се враќам и го врзувам сигурносниот појас
‒ сè на шпански се разбира ‒ во последен момент

за летот бр. 729 најпосле да ме испорача
во прегратките на мојата мексиканска фамилија
од татковата страна на семејството
и јас ги ширам рацете со мазните пазуви
како новородена душа неизвалкана од гревот
првобитен и ги прегрнувам како добро момиче
какво што мојот татко би сакал
тие да ме видат.


Еl alacrán güero

Велат дека el alacrán güero
може да те усмрти. Така велат.
Од сите вдовци на светот
белиот е најотровен.

Веќе од самиот убод
ти се здебелува јазикот,
мртвило ги обзема рацете и нозете
и додека трепнуваш уште една си
во низата фатални женки
жртви.

Затоа чувај се од еl alacrán güero,
неговото жалење доаѓа предоцна.

Дури и ако цел
живот те предупредувале.
Дури и ако
како страсната Св. Луција
само со очи си ја впивала нивната убавина
не си имуна.

Смртта ќе те затекне
онесвестена. Стуткана
како пружина во сон на праведник.

Истреси ја постелнината.
Потпри го креветот со лименки со вода.
И пред да скокнеш ‒ кажи оп!

Чувај се од еl alacrán güero.
Те предупредувам,
Знам за што зборам.


Шампањска песна за La Josie
за Josi Garzо

Првата те тера на смеење.
Од втората засмејуваш други.
Со третата пееш оперети.
Четвртата ти дава крилја.
Од петтата го забораваш
она на што сакаш да се сетиш,
а се сеќаваш на она што сакаш да го заборавиш.
Од шестата собираш сила да го повикаш.
Со седмата доаѓаат пцостите и страста.
Честитам! Осмата те води в кревет или во кавга.
Или во кавга в кревет. Што е исто, ама поинаку.


Мексиканци во Франција

Вели дека го сака Мексико.
Особено целата таа историја.
Толку разбирам
наспроти својот тенок
француски.

И сака да разговара
за расизмот во САД.
Баш често не среќава
Мексиканци на југот од Франција.

Се присеќава дека еднаш
на француската телевизија го видел
Марлон Брандо во улога на Мексиканец.

И како во вестерните
Мексиканците секогаш
се лошите момци. И ‒

вистина ли е
дека сите Мексиканци
носат ножеви?

Се смеам.
‒ Среќа твоја што денес
не го носам со себе.

И тој исто така се смее.
‒ Мислам
дека твојот нож
е жива апстракција.


Избор и превод: П. В.

Слики: Debi Hasky

Sandra Cisneros (1954), есеистка, прозаистка и поетеса, една од најценетите американски латино писателки и прва која кон средината на 80-ите покрај одличните критички оценки за делата доживеа и комерцијален успех, воведувајќи го во главната струја на американската литература, но и во самото јадро на етнички освестениот феминизам, гласот на една, како што вели самата, chicana, т.е. американска Мексиканка со снажен егзистенцијален белег на својата етничка заедница.
Нејзината мошне успешна стихозбирка My Wicked Wiked Ways (1987) ѝ овозможи во потполност да му се посвети на пишувањето.

ОкоБоли главаВицФото