Да ги критикувате луѓето зашто критикуваат сè и сешто на социјалните мрежи е промашена поента

12.05.2017 16:49
Да ги критикувате луѓето зашто критикуваат сè и сешто на социјалните мрежи е промашена поента

Да ги критикувате луѓето зашто критикуваат сè и сешто на социјалните мрежи е промашена поента. Тоа е како да кажете зошто на пазар се продаваат пиперки или зошто на Еуроспорт даваат спорт. Крилатицата на Меклуан „Медиумот е порака“ (Understanding Media: The Extensions of Man, 1964), го објаснува токму ова: самиот медиум одредува каков вид пораки циркулираат преку него. Социјалните мрежи се измислени за тоа, (бош)муабетење без цензура. Комуникацијата во едно општество е дел од културата на тоа општество, така што комуникацијата на социјалните мрежи е пресликување на таа култура. Традиционалните медиуми преку разни филтри и селекција ни прикажуваат одредени сегменти од таа култура, па споредено со нив комуникацијата на социјалните мрежи ја доживуваме како некаков „хаос“. Не е тоа хаос, тоа е реалноста, или туѓите реалности, за кои не сме биле свесни или ги игнорираме од разни причини.

Важно во оваа смисла е што социјалните медиуми многу често го укинуваат нашиот личен концепт на „очекуваност за другите“ и „презумпција на нормалноста“, а тоа најмногу нè вознемирува. Се работи за феномен кога за луѓето кои не ги познавате или површно ги знаете, ви се разбива креираната претстава дека се такви какви што ние претпоставуваме дека се. Се поздравувате со некој комшија, здраво-здраво, чао-чао, (фатички) комуницирате со нив под презумпција на нормалност, т.е. претпоставувате дека сè она што не знаете за нив е во рамки на некоја нормалност на средината во која живеете. И оп, ги гледате на социјални мрежи пцујат, плукаат, сакаат да бесат живи луѓе, и вашата слика за нив се поништува. Оваа нелагодност која ја доживуваме не е распаѓање на општеството, туку на нашата слика за него. Секој од нас е одговорен да ја ускаладува таа слика или претстава со реалноста, и да се прилагоди на неа колку може.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографија: Biancoshock