Креативноста на децата со попреченост треба да се открива

13.05.2017 01:23
Креативноста на децата со попреченост треба да се открива

Децата со пречки во развојот речиси воопшто не се интегрирани во македонското општество и покарај тоа што декларативно постои инклузивен образовен модел - во реалноста недостигаат многу активности и алатки со кои би се детектирале креативните потенцијали на децата и преку кои тие би проговориле за светот во кој живеат.

Наспроти светските трендови, во Македонија тие се исклучени од културните збиднувања или се сосема на маргините и како креатори и како реципиенти. Нивните таленти остануваат непрепознаени заради недостаток на едукација и настани скроени по нивна мерка, кои би помогнале да се развијат и промовираат нивните таленти и активно да учествуваат во културниот живот.

Здружението за помош и поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје со проектите што ги презема силно притиска да се променат овие состојби.

Деновиве ученици со и без попреченост од три скопски училишта со полна пареа работеа на видео записи во рамки на проектот „24.doc.“ Работилниците се дел од проектот „Граѓанско учество за локална демократија”, финансиран од Европската унија.

Учениците со различни попречености: аутизам, Даунов синдром, церебрална парализа и други попречености, заедно со нивните типични другарчиња снимаа видеа во Градскиот парк, Музејот на современа уметност и во Чифте амам. Во тој процес тие ги отркиваа своите таленти, размислувања желби и надежи и подобро се запознаваа едни со други.

Работилниците ги водеше режисерот Јане Алтипармаков, заедно со стручен тим специјални едукатори.

„Како здружение детектиравме дека наспроти светските трендови, учениците со попреченост се речиси сосема исклучени од културните збиднувања и како нивни креатори и како реципиенти. Преку овие видео записи тие имаат алатка да се изразат себе си, да станат повидливи, но и да се промовираат како активни учесници во креирањето на културните политики на локалните заедници. Во работилниците беа вклучени ученици од три основни училишта од општина Центар на возраст од 9- 12 год ( типични деца) и од 9- 14 ( деца со различни попречености).

Видео записите ќе бидат монтирани и презентирани на јавен настан.

Основната мисија на Здружението „Сината птица“ е едукацијата и поддршката на децата и младите со пречки во развојот,трансродовите деца и млади, децата и младите со било каква различност, нивните семејства, институциите и заедницата и нивна целосна инклузија во општеството“, вели Мимоза Петреска Георгиева.

Мимоза е мајка на 13 - годишната Илина која има Даунов синдром, но е и новинар кој со години ги следи, анализира, а со своето здружение „Сината птица“ се бори против сериозните пукнатини во системот кога станува збор за децата со попреченост.

Од кусиот разговор со неа, дознаваме како дадената доверба и можност да бидат креативни се одразува врз самодовербата и допринесува за нивната интегрираност во училиштето, со врсниците и пошироко во заедницата.

Како овие работилници ќе влијаат понатаму врз децата?

Секаков вид работилници а особено работилницте за снимање видеозаписи, кои не беа воопшто лесен процес, ја развиваат нивната самодоверба и чувството на компетенетност дека можат да учествуваат и како автори во еден креативен чин.

Генерално мнение е дека учениците со попреченост се добро интегрирани во редовните училишта, но вистината е дека тие и во оваа средина остануваат изолирани во еден микросвет каде централната фигура е нивниот специјаелн едукатор (доколку го имаат). Ретки се позитивните примери на соученици кои покажуваат желба вистински да другаруваат со нив. Со 24.doc. сакавме да ги поврземе на еден поинаков начин - како рамноправни учесници и соработници во еден заеднички проект.

Типичните деца малку знаат колку е богат вантрешниот свет на нивните соученици со попреченост особено кога зборуваме за креативни потенцијали.

Она што во процесот на работа како тим многу не охрабри и израдува, е што забележавме поткревање на интересот и желбата на типичните ученици посуштински да се запознаат со своите соученици со попреченост. Во неколку наврати тие и самите беа вчудовидени од креативноста, духовитоста, интелегенцијата, па и шармот со кој нивните другарчиња се соочуваа со предизвиците.

Во процесот тие подобро се запознаа, се поврзаа и посуштински се зближија и покрај тоа што со години претходно можеби се разминувале во школскиот ходник. Увидоа дека нивните соученици со попреченост може да бидат вистински генијалци за некои работи. Во иднина верувам дека токму овие деца ќе бидат силини гласноговорници и застапници на луѓето со попреченост.

Што се однесува до учениците со попреченост, никогаш нема да ја заборавам реченицата на малото девојче кое е во индвалидска количка, и кое на платото на МСУ рече дека е пресереќна што учествува во снимањето и дека тој ден никогаш нема да го заборави. Едно момче,пак, кое е на аутистилниот спектар на нарушувања, беше фасцинирано од музејската поставка во МСУ каде се снимаше дел од видеата и поставуваше неверојатно интелигентни прашања за експонатите. Од неговиот специјален едукатор дознавме дека можеби прв пат се случува тој малку похрабро да исчекори од зоната на сигурниоста и да тргне во истражување и во интеракција со другите деца. Ова е навистина голема сатисфакција.

Каков течеше процесот на снимањето на видеата?

Визуелните алатки како видеото во случајов, се како магнет за децата. За време на работилниците, повеќето покажаа желба макар накратко да ја земат камерата и да снимаат. Работевме со „хенди“ камери кои се мошне едноставни за ракување и кога немате некакви технички предзнаења. Децата беа буквално воодушевени од нив и речиси секој проба да снима.

Нашето здружение го имплементираше и проектот „Креираме заедно“ поддржан од ЕУ и УНИЦЕФ, каде повеќе практикувавме групна работа во создавањето на виедо записите. Во „24 doc.“ се работеше индивидуалнo со секое дете.

Издвоивме простор ексклузиво секој поединечно да се изрази- како снимател, цртач на стрип, наратор, пејач...танчер, актер. Притоа секогаш се водевме од личните афинитети на учениците со попреченост за кои се информиравме од нивните родители и специјални едукатори. Но, имаше и многу искокнувања од зададените „сценарија“, кои беа особено важни но и интересни и поучни и за нас како надгледувачи на процесот.

Колку интеракцијата и воопшто учеството во културните активности може позитивно да придонесе за промена на стереотипите?

Стереотипите се како леден брег. Само мал дел се гледа над површината, но кога ќе погелднеме подлабоко, ќе видиме колку многу се наталожени и колку ги има секој до нас. Изненадувачи е и колку малку познавања и како родители и како едукатори имаме за креативните потенцијали на овие деца кои во некои случаи ја досегнуваат точката на генијалност, но се непрепознаени и неизразени. Во процесот на работата и самите останувавме зачудени од некои вештини што ги манифестираа децата, особено децата со аутизам.

И кај нас е голем бројот на луѓето со попреченост кои се виртуозни музичари, сликари, поети...За жал, нивниот успех најмалку се должи на вложувањето на заеднициата во нивите таленти, туку на храброста и упорноста на нивните родители.

Сакаме да го инцираме токму тој процес –изнаоѓање долгорочни модели кои ќе овозможат препознавање и промоција на нивните креативни потенцијали. Ќе се заложуваме за основање стратешки партнерства од кои што ќе произлезат активности поддржани од општината и бизнис секторот а во кои ќе бидат вклучен и овие луѓе. Кога процесот ќе отпочне на локално ниво, можеби и повисоките инстанци ќе покажат повеќе доверба, слух и иницијтивност да им помогнат на луѓето со попреченост да ги развијат своите капацитети до максимум.

ОкоБоли главаВицФото