Насилството врз жените на Косово

15.05.2017 10:52
Насилството врз жените на Косово

Нејзиното страдање конечно заврши, но дури откако ја положија во гробот во селото Семетиште, во општината Сухарека на југот на Косово. По бројните претепувања и страшното злоставување, животот на Зејнепе Битиќи дојде до крајот, поради нејзиниот маж. За жал, нејзината најстара ќерка била присутна кога Неби Бериша, нејзиниот татко, ја убил мајка ѝ прободувајќи ја десет пати со нож. Во обид да ја спаси мајката од нападот на таткото, и најстарата ќерка заработила неколку повреди. Во патријархално општество, недостигот на татко или брат кој би ја бранел ја направиле Зејнепе немоќна пред постојаните малтретирања на мажот, нападите и злоставувањата.

Семејното насилство во овој дом, како и во многу други, започнало постепено. Според познатиот принцип, ако ја ставите жабата во врела вода, ќе излезе. Но ако ја ставите во студена вода која постепено ја загревате до вриење, ќе се свари. Сопругот со години ја претепувал Зејнепе. И тоа не било без реакции. Откако повеќе пати го пријавила мажот во полиција, тој е конечно осуден, но само на шест месеци. Потоа, Неби Бериша се вратил дома. Иако при апсењето во куќата е пронајдено илегално оружје кое му припаѓало, никогаш не е осуден за тоа. Всушност, судот просто никогаш не го зел предвид неговото злоставување при одредувањето на казната и тој не се смета за насилно лице.

Диана Кастрати е убиена во мај 2011 година, на само неколку метри од својот дом. Иако за убиството не е осуден никој, главен осомничен е нејзиниот поранешен маж, Аднан Јашари, со кого била во брак десет години. Според информациите кои ги дал нејзиниот татко, кој се бори за заклучување на овој случај, нејзиниот поранешен сопруг е уапсен во Шпанија, но не е сигурно дали некогаш ќе биде испорачан во Косово, пред сè затоа што Шпанија не ја признава оваа држава.

Злосторство без вистинска казна

Вечерта на 17 февруари, 34-годишната Дафина Жуби е пронајдена мртва во стан во Приштина. Иако нејзиниот партнер прво тврдел дека извршила самоубиство, еден швајцарски форензички институт недвосмислено потврдил дека станува збор за убиство. Според нивниот извештај, јасно е дека не можела да изврши самоубиство, со оглед на недостигот на траги од барут на нејзините раце. Со тоа, под голем знак прашалник е доведена и одлуката на државниот обвинител задолжен за случајот, Фиторе Садикај, кој го затворил прогласувајќи го настанот за самоубиство. Многу коментатори ја доведоа во прашање или способноста на правосудството да се носи со вакви случаи или волјата на оние кои работат во правосудството да ги казнуваат извршителите. Како и да е, според одлуката на главниот приштински обвинител Имер Бека, партнерот на Дафине, Астрит Дибра, е пуштен на слобода, по што побегнал од земјата.

Нема никаков сомнеж дека Дафина Жуби, Диана Кастрати и Зејнепе Битиќи се жртви на нефункционалниот правосуден систем. Тие случаи јасно покажуваат како владеењето на правото, кое би требало да им гарантира еднаков третман на сите, на сите нивоа, не постои на Косово. Кога станува збор за семејното насилство, ни во јавниот простор не е реткост да се чујат коментари со кои се дискутира за тоа што направила жртвата за да го предизвика нападот, односно се подразбира дека жртвата на некој начин е виновна. Исто како што пациентките, на пример, кај гинеколог често се среќаваат со прашањето „зошто не сте девица“ или кај психијатар со пршањето „како тоа не верувате во Бог“.

Општинскиот суд во Призрен на 12 април донесе и пресуда за сопругот на Зејнепе, осудувајќи го на дванаесет години затворска казна за тешко убиство и уште една година за нанесување полесни телесни повреди. Ваквата пресуда предизвика големо незадоволство во јавноста. Еден ден по пресудата, организиран е јавен протест во центарот на Приштина поради релативно благата казна одредена за ова убиство. Женската мрежа на Косово, широка коалиција која ги обединува повеќето организации за женски права во земјата, веднаш остро ја критикуваше пресудата, наведувајќи: „земајќи ги предвид околностите во кои е извршено убиството, тежината на злосторството и систематското насилство кое го претрпела жртвата, сметаме дека казната не е сразмерна на злосторството“. Затоа и поднесоа жалба на пресудата.

Движење против насилство

Таканаречените вредности кои го градат „нуклеарното семејство“ речиси секогаш се втемелени на искористувањето и стравот на жените, но уште поопасна е широко распространетата идеја дека жената е должна да остане со мажот без оглед на тоа што се случува во семејството. Таа особено доминира на Косово. Притоа, недостигот на финансиска независност игра многу голема улога. Според некои статистики, само 18% од жените на Косово имаат сопствен имот, додека според други пресметки нивната вистинска контрола над имотот е уште помала. Освен тоа, изостанувањето на каква било поддршка за жртвите на семејно насилство, како и стигмата врзана за самохраните мајки, значително придонесува за тоа жените да останат со мажите-злоставувачи. Не постојат ниту организации за ресоцијализација и зајакнување кои би можеле да ги рехабилитираат жените што со години трпеле насилство. Нашата полиција и правосудниот систем секојдневно ги толерираат овие злосторства.

Патријархатот не е едноличен. Насилството над жените е последица на патријархалните обичаи и идеологии кои опстојуваат и зајакнуваат заедно со другите системи на доминација. Иако постојат политики и законски решенија кои би требало да ја регулираат родовата рамноправност, како Законот за заштита од семејно насилство, не постојат вистински механизми со кои би се спроведувале позитивните одредби од тие пропии. Единствено добро организирано феминистичко движење може не само јавно да го осуди тоа насилство, и така да овозможи проблемот подобро да се разбере, туку и да им овозможи на жените жртви заштита и спас, понекогаш од сигурна смрт.

На Косово денес постојат бројни нееднаквости и облици на дискриминација, кои се економски, правни или политички. Жените кои ја трпат оваа неправда и денес се присилени да замислуваат како би било „ако се момчиња“, како што гласи и насловот на познатиот роман на албанскиот писател Хаки Стермили, напишан уште 1936, а кој се занимава со тешката положба на жените во албанското општество. Основните прашања за женските права денес се чинат речиси еднакво актуелни како пред осумдесет години.

Извор: Bilten

Слични содржини

Општество / Балкан / Свет
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан
Општество / Балкан / Историја
Општество / Европа / Балкан

ОкоБоли главаВицФото