Телефонскиот Ромео: За љубов - притиснете нула

15.05.2017 10:08
Телефонскиот Ромео: За љубов - притиснете нула

Во индискиот град Лакнау полицајците чукаат на компјутерите меѓу стаклените прегради на кол центарот. Тие истражуваат еден сосема индиски вид на криминал.

„Телефонскиот Ромео“, како што го викаат, избира случајни броеви во надеж дека ќе слушне глас на некоја жена и со неа ќе оствари некаква романтична врска. Меѓу неговите реченици има понуди од типот: „Може ли да ти го наполнам мобилниот?“ „Зборувам со тебе госпоѓо, ама телото ми се тресе“, потоа длабоки воздишки: „Сакам со тебе да правам нелегални работи“.

Намерното избирање погрешни броеви е многу напорен начин да најдеш девојка, но станува се’ почесто во државите како Мароко, Папуа Нова Гвинеја, Бангладеш и во Индија, земји каде трационалната полова поделба директно се судира со бранот на ефтината нова технологија.

Индија со право се гордее со својата револуција на мобилните телефони. Цените на телефонските разговори се помеѓу најниските во светот, а конкуренцијата во голема мера ги спушти цените на интернетот. Се проценува дека околу осумстотини и шеесет милиони Индијци користат мобилен телефон, а секој месец има околу три милиони нови корисници. Индиските власти ги промовираат мобилните платформи како знак на општествениот напредок, подобар начин да се дистрибуираат субвенциите и да се добијат информации за здравствената заштита и земјоделските услови.

Непосакуваната последица од ова е што исчезнаа општествените бариери помеѓу жените и мажите. Се зголемува бројката на оние што прогонуваат по телефон и се’ повеќе има тужби за вознемирување. Не е познато колку од овие јавувања завршуваат со успех. Антрополозите тоа го нарекуваат „врски на погрешни броеви“.

„Тоа е ново, тоа е тајно, тоа е ризично, тоа е експеримент со надворешниот свет кон кој младите жени немаат пристап“, вели Џулија Хаунг од лондонската школа за економија, која напиша научен труд за оваа пракса раширена меѓу младите жени во Бангладеш.

Во полицискиот кол – центар во Лакнау има повеќе од 700 пријави дневно, најмногу се јавуваат жени кои се жалат на упорно телефонско вознемирување.

„Хиндустан тајмс“ неодамна објави сторија дека продавниците во кои можат да се надополнат мобилните импулси, на заинтересираните мажи им продаваат телефонски броеви на млади жени и за тоа наплаќаат 500 рупији или околу 7, 60 долари за „преубава“ девојка и 150 рупији за „обична“.

Меѓу тие што се жалат на телефонско вознемирување е и Гетика Шакраварти, шминкерка која пораснала патувајќи низ светот со својот татко дипломат. Неодамна од Канада се вратила во Индија и го ставила телефонскиот број на фејсбук страницата на својот козметички салон и примила толку повици, што морала да блокира околу 200 различни броеви. Најупорен бил еден маж кој и’ ѕвонел по три или четири пати дневно, преколнувајќи ја да се сретнат. Кога го блокирала неговиот телефонски број, тој се јавувал од друг. „Звучеше како ужасен индиски маж“, вели таа.

Кога полицијата влегла во трагата на бојот, го пронашла Премсагар Тивари (24), раздразлив љубител на технологијата, кој пораснал во училиштето во кое татко му бил ноќен чувар. Инспекторот кој работел на овој случај, утврдил дека Тивари има осум сим картички за да контактира со повеќе од 500 жени. Оваа активност секојдневно му одземала по два-три часа дневно.

Тивари признал се’ и ја молел полицијата да не го стави во затвор, објаснувал дека неговити телефонски повици треба да бидат сфатени како дел од неговата потрага по сродна душа. „Една личност е доволна да те исполни, но јас немам никого“, рекол Тивари. Тој помина во затвор 15 дена.

Една друга сторија објавена во Бангалор, раскажува за Умаканти Падхан, шеснаесетгодишна работничка во фабрика за облека која се обидувала да и’ се јави на својата снаа. Го згрешила бројот и му се јавила на Булу, работник во железницата, осум години постар од неа. Таа вознемирена, веднаш прекинала, од дома и’ било забрането да разговара со постари мажи, вклучувајќи ги и браќата и роднините.

По десет минути, Булу и’ се јавил: „Кога го слушам твојот глас како да слушам некој свој, како нон-стоп да разговарам со тебе“, и’ рекол. Таа се согласила. Секоја ноќ скришум одела на покривот на работничкиот хостел во Бангалор и со Булу разговарала за дребности: како го поминале работниот ден, што јаделе тој ден и слични работи.

„Ми раскажа се’ што му се случувало од детството до сега, не знам дали е тоа добро или не, но му верувам“, вели девојката.

Умаканти кажува дека сите жени што ги запознала во Бангладеш се среќни што флертуваат со непознати мажи: некои истовремено имале по пет или шест вакви врски. Тие и’ кажале дека телефонскиот контакт е побезбеден, бидејќи подразбира физичка дистанца и го тера мажот навистина да ги слуша.

„Тоа е едно од оние искуства кое ги премостува границите и ти овозможува да размислуваш за шанси кои порано не постоеле. Таквите врски жените ги опишуваат како некој вид застрашувачка возбуда“, раскажува девојката.

За младите мажи бирањето случајни телефонски броеви е како да играат лото.

Честопати тоа го гледаат како еден вид спорт и се натпреваруваат кој е подобар во разговорите со жените и кој може подолго да разговара.

Што се однесува до Умаканти и нејзиното момче, тие разговараат по телефон цела една година но се уште не се виделе во живо. Нејзините цимерки превртуваат со очите зашто е многу наивна, ама кога ќе им завршат смените и тие се повлекуваат на скалите и на покривот заради тајниот ноќен телефонски разговор. Од таму се гледаат многу други згради и луѓе наведнати над своите телефони, тоа е широкиот кадар на младата Индија во потрага по љубов.

Извор: The New York Times

Слични содржини

Свет

ОкоБоли главаВицФото