Операции за спас од пропаста на режимот

15.05.2017 14:55
Операции за спас од пропаста на режимот

Вообичаено необични изјави на македонската несреќа: ако се укинела радиодифузната такса, Македонската радио и телевизија ќе се партизирала, ако му ги сменеле приватните судии и обвинители за свадби и погреби, вмро ќе одговорело жестоко, ако Заев не престанел да ја врти Земјината топка на Македонија, на Елизабет ќе и се слошело, за еден месец ќе почнела изградбата на експресните патишта Штип-Радовиш и Ранковце-Крива Паланка и Владивосток-Лос Анџелес, со што ќе продолжело да се реализира ветувањето за изградба на шест вакви патни решенија во должина од 130 километри, инвестиција од 200 милиони евра, полицијата и безбедносните служби биле столб на државата, државата била столб на вмрото, а вмрото било камион со пластичен експлозив покрај тие столбови во подрумот на Македонија...

Да го читаше ова министерката за култура, сега ќе речеше: уф, се умориф!

Во фoрмална смисла тоа е како јас да давам изјави дека елиминацијата на Јана Бурчевска ќе го загрози унитарниот карактер на Македонија или да фатам да ја предупредувам Могерини дека Македонија прави опасен преседан со тоа што првпат во својата нова историја за претседател на Собранието бира човек со брада или дека во вмро-дпмне има добри поединци, прекрасни талпи кои во форма на толпи се спремни да влезат и во тиранското собрание како најадекватно место за борба против тиранската платформа. И така натаму.

Од друга страна, на фонот на ослободеноста од реалната политичка моќ, неговите изјави се појасно ја отсликуваат лудоста во неговата природа. Без магијата на реалната и формална моќ нема кој да ја покрива инфантилноста, ступидноста, одлепеноста во неговите зборови. Тој продолжува да си го врти во главата филмот во кој живее и работи единаесет години, но во сменетите историски околности и од новото место што сакал-нејќел ќе мора да го прифати, тој делува како маалски смрдеж кој никој не сака да го игра.

Со други зборови, развојот на настаните го ослободи од вишокот значење и тој сега, без супортот на власта и на целиот маскенбал околу власта, има сериозни проблеми со својата реална скудност да му продава на општеството муда за бубрези. И колку повеќе ќе се труди тоа да го прави, сè повеќе ќе го разорува митот за себе.

Тој феномен дополнително ќе ги оддалечува луѓето од него, прво по линија на откритието дека човекот е бос, по линија на сознанието за неговите реални капацитети и вредности и, второ, по линија на срамот што луѓето ќе го чувствуваат од фактот дека едно време верувале дека оваа мало големо ништо го третирале како спасител на Македонија и на нив лично.

Тоа што на простата маса ѝ изгледаше грандиозно ќе почне да ѝ се открива во сета своја измамничка и субверзивна димензија. Завчера минував покрај старо-новиот театар и можам да ви кажам дека однадвор изгледа полошо отколку некои задружни домови од 1950 година. Благата патина врз евтините материјали што ги напаѓа неверојатните зградурини од проектот СК014 формира една визура на помочано Скопје, како Господ или Ѓаволот да ни се измочале врз главите. Луѓето точно ќе можат да забележат дека Груевски е тој што десет години им ги држеше куровите на овие небески великани и шприцаше врз Скопје и врз Македонија како да се двор на мајка му Нада. Да не зборуваме за мемлата. Мемлата исто така напаѓа од сите страни. Стиропорот за мемлата е како Македонија за простиот комита.

И, конечно, единствениот став на меѓународната заедница удира дефинитивен печат на политичката елиминација на вмро-дпмне како злосторничка структура, значи надвор од вообичаениот систем на смена на власта, како чин на ослободувањето на една мала земја и народ и како елиминација на една срамна дамка врз политичката историја на Европа.

Тоа е Бетмен, дали се разбираме.

Не случајно деновиве бевме сведоци на три или четири важни вести, на таа за замрзнувањето на сметките и имотите на Сеад Кочан, на таа за притворањето проследено со кривични пријави за обид за убиство на Зијадин Села од страна на типовите што во црниот четврток влегоа во Собранието и фактот дека тие процедури се покренати во рамките на режимскиот систем, кој беше инсталиран со цел тие и такви процедури да се спречуваат. Тоа значи дека масата на промените односно на распаѓањето на режимот има достигнато критично ниво кое ќе го ориентира поведението на сите и таа тенденција ќе доведе до остварување на очекувањата на Катица Јанева дека Груевски ќе заврши на суд и дека операцијата ќе заврши како дефинитивно ослободување на Македонија. Тоа што Петар Аневски и Марко Зврлевски кроеле стратегија како да ги вдомат кадрите во Обвинителството, исто така, освен што ја илустрира инфантилноста на целиот проект, покажува дека се во тек не операции за спас на режимот, туку операции за спас од неговата пропаст.

П.С.

Група ловџии и маунтбајкери на падините на Водно пронајдоа костур на маж, кој тука легнал кога имал шеесетина години. Првите проценки на форензичарите се дека умрел од природна смрт, пред педесетина години. Меѓу нозете држел пластична папка, а на градите имал златна плочка на која пишувало: унитарност или смрт. Целокупниот материјал е пратен на проучување во Институтот за археолошка форензика во Визбаден. Стручњаците веруваат дека станува збор за костур на претседателот на Македонија Хорхе Иванов, кој во 2017 година исчезна со мандатот што требаше да го додели за состав на нова влада на Република Македонија. Конечниот извештај од Германија се очекува во март 2068 година!



Слики: Странски служби
Извор: Слободен печат

Слични содржини

Став

ОкоБоли главаВицФото