Постојат лаги, проклети лаги и мрзливи новинари

05.05.2009 11:06
05.05-03.jpg

Најштетните лаги се лагите кои сами си ги кажуваме. Самозалажувањето е манипулативен акт кој сите го применуваме, најчесто како утеха за личните неуспеси. За детето знае да биде крива учителката, која не го сака па затоа има двојка. Оправдувањата знаеме да ги пронајдеме дури и во к`сметот што сме се родиле во Македонија, земја во која едноставно се’ е „џабе.“

Секојдневното индивидуално самозалажување е нормална појава, и најчесто е моментално – зашто служи за емотивно надминување на моментални слабости. Но, не е нормално кога ваквата (не)свест ќе премине и на национално ниво и ќе стане норма во институциите, во власта и кога влијае на важните одлуки за државата и граѓаните. А кога ќе се придружат новинарите и медиумите, штетите се длабоки и долгорочни, зашто тие додаваат на самозалажувањето на граѓаните, а со тоа го одолговлекуваат побарувањето за реални, значајни промени по важните прашања.

Новинарското фабрикување приказни не е невообичаено во светот. Еден од најпознатите и најсвежи примери е Џејсон Блер, новинарот на Њујорк Тајмс, кој при покривањето на случајот „Снајперистот од Вашингтон“фабрикувал 60 проценти од приказната. Откако Њујорк Тајмс реши да ја истражи вистината (првично го штитеше новинарот) на површина излегоа 32 написи кои тој ги измислил и/или презел, и при тоа произволно додавал цитати кои ги припишувал на луѓе кои воопшто не ги интервјуирал. Непрофесионалноста на Блер го сруши кредибилитетот на весникот, кој за прв пат во својата 152 годишна историја на насловната страница излезе со извинување долго 14.000 зборови.

Подолу од ваквите фабрикувања на приказни, постои новинарството на предрасуди и наклонетост. За да се открие дали дадени факти и/или информации се вистинити не треба толкување, но за предрасудите и наклонетостите мора најпрвин да заклучиме дали во приказната постојат факти/информации кои новинарот намерно ги изоставил зашто тие по прашањето поддржуваат одредена страна која новинарот не сака да ја поддржи. Оттука, станува збор за многу поголем прекршок, при кој објективноста не може лесно да се согледа. Според Џудит Џејмисон, станува збор за дела на новинари кои сакаат да кажат добра приказна и во процесот ги отфрлаат информациите кои стојат на патот на добрата приказна. За жал, ваквиот тип новинарство стануваат норма во македонските медиуми.

На пример, пред некој ден, во дел од македонските медиуми се појави веста со наслов „Како и да ја викате ФИРОМ таа ќе биде Македонија“. Во продолжение се информира дека изјавата е дел од написот на „американскиот аналитичар Енди Дејвис во колумната објавена во неделникот на европската десница Нова Европа, посветена на Република Македонија“. Во делот оставен за коментари, некој кадарен читател напишал дека „новинарот е Грк, а написот не е толку позитивен за Македонија“. Ова секако не придонесе за преиспитување на текстот, туку само за низа коментари од читатели, кои ги игнорираа линковите до главниот текст, и се наложија на приказната, коментирајќи “така е, таа ќе биде Македонија! ...Цел свет не’ вика Македонија!...Нека пукнат душманите!“ и слично.

По кратко истражување на интернет, се воочуваат две работи: текстот не е посветен на Република Македонија; името „Република Македонија“ воопшто не е употребено. Понатаму, не постои американски аналитичар Енди Дејвис, туку Енди Дабилис (некои медиумски куќи при препишувањето не го провериле ниту името, па имавме неколку верзии на истово). Се испоставува дека истиот е бивш новинар на Бостон Глоб, но во моментов е главен уредник на Нова Европа, сместен во Атина, вработен во атинското радио. Но личноста е неважна. Важен е делот од текстот кој е изоставен од страна на нашиве „репортери“. Но, по ред: „Иако Македонија е Грчка, тоа не се важи во судот на јавното мислење“, зашто „важна е политиката, а не историјата... Во моментот кога Грција ја прифати кратенката ФИРОМ пред 18 години ја направи најголемата грешка.“ Точно е дека авторот вели дека Грција ќе добие нож во грбот од страна на Американците, но, зашто „кое и да е името на кое ќе се согласат ‘ФИРОМ’ и Грција, тоа во себе ќе го содржи зборот Македонија“, а тоа е единствениот збор кој другите ќе го користат неофицијално. Понатаму, според авторот, „ФИРОМ не може да одржи избори без притоа луѓе да бидат убиени во престрелки, не може да одржи парламентарна седница без тупаници по ходниците. ФИРОМ е последна мисла, не држава која припаѓа во ЕУ, иако новиот претседател Ѓорге Иванов вели дека ќе пронајде решение со Грција за здодевната сапуница околу тоа како неговата земја ќе биде наречена.“

Авторот се прашува зошто ФИРОМ вели дека е славјанска земја, го промени името на аеродромот во Александар Македонски, „грчки херој“, одлука која ја оценува како еден од многуте „иредентистички“ испади на политичарите на северниот сосед. Според авторот, „мора да е тешко да се живее во станови со ниска кирија, во второкласни населби, веднаш до најзначајната држава која ја креирал античкиот свет, зашто Грција ја создаде демократијата, а ФИРОМ создаде...па, ништо“. Понатаму вели авторот: ФИРОМ е „креација на мит од политички компромис, вештачки амалгам од држава која не постоеше додека Грција не дозволи да го користи името.“ И како шлаг на тортата новинарот вели: „ФИРОМ не само што е landlocked (опколена со копно), туку е и brainlocked (мозокот и’ е блокиран).“ На крајот, без разлика за кое име ќе се договорат двете страни, тоа ќе биде вистински криминал, дело на Американците чиј интерес е „уште една земја под нивно влијание; значи, она што ним им одговара не е Грција туку ‘грис’ (маст за подмачкување).“ Нема да навлегувам во деловите каде што авторот вели дека доколку сме искрени ќе ја тргнеме црвената боја од знамето (на што алудира - заклучете сами).

Како и да е, ова е само еден пример од редот извитоперени, сензационални вести на кои постојано сме изложени во Македонија, а кои на крајот кај примателот, македонскиот граѓанин, создаваат слика која е наполно лажлива. Би можеле да бидеме наклонети кон новинарите, и да прифатиме дека тие едноставно пренеле дел од текстот, а со самото цитирање на изворот ги приложуваат останатите информации. Но тоа е таа штетност на новинарската мрзеливост, која се користи со лажлива манипулација во креирањето на наклонети „убави“ приказни, а која е олицетворена во небулозните коментарите на просечниот читател.

Додека Грција и грчките новинари се борат пред светот за сопствената правда, притоа ревносно ги користат сите катастрофални грешки на македонските политичари (името на аеродромот, картите на голема Македонија, нерегуларните насилни избори, сиромаштијата – нешта кои ги споменува и Дабилис), македонските новинари избираат само да препишуваат, и при тоа да ги пренесат само информациите кои приказната ја прават „убава“ пред читателот кој има потреба од самозалажување.

Ваквиот пристап на американскиот новинар го сруши кредибилитетот на Њујорк Тајмс. Ваквиот пристап на македонските новинари ја руши државата. Ако за Њујорк Тајмс беа потребни 14,000 зборови извинување, и години за враќање на довербата, колку ли зборови ќе треба да испишат македонските новинари, и колку ли години ќе поминат да си го повратат кредибилитетот кој не не ни го уништуваат Грците и грчките новинари, туку властодршците кои постојано им ја даваат муницијата – а македонската седма „сила“ е решена да им помага со фабрикување и отфрлање на вистинските приказни, зашто полесно спие, а со неа и ние. Додека ние спиеме, другите работат, и притоа пред светот не’ претставуваат како држава која заслужува име „налик на имињата кои им се даваат на секс-лубрикантите.“

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото