Не – за насилството и омразата, да – за одговорноста и неселективната правда!

17.05.2017 11:18
Не – за насилството и омразата, да – за одговорноста и неселективната правда!

Не може и не смее да има, почитувани мои сограѓан(к)и, какви било оправдувања за насилството и омразата, заканите по физичкиот интегритет, како и за нападите врз достоинството на која било личност или општествена група, без оглед на припадноста! Поведението, минатото, ставовите и постапките на одредени јавни личности, политичари, партии, организации… не смеат да бидат повод, причина или „оправдување“ за насилна реакција!

Без оглед на различните „погледи на свет“, различноста според политичка, етничка, верска, сексуална определба или кој било друг основ, па дури и криминалното поведение на некои луѓе и структури, кое често нè вади од кожа и такт… насилството и омразата не се решение за нашите проблеми! Напротив, тоа само ќе значи нивно продлабочување, а токму тоа не смееме да си го дозволиме со овие прашања, затоа што тие се една од клучните закани за нашето општество.

Проблемите се сериозни, но едноставни и јасни за детектирање. Ги нотираат сите меѓународни извештаи, сите релевантни домашни стручњаци, секој граѓанин интимно знае кои се работите кои нè доведоа до ова средновековие. Тоа е неказнивоста за насилството, омразата и криминалот, тоа е неспроведувањето на законите, селективната правда, „Сваровски“ и „тефтер“ – судството, обвинителството кое работи по партиски и политички диктат, партиската полиција „МВРО“…

Но, за оваа состојба, сакале да признаеме или не, придонесува и нашето поведение, молкот пред неправдите, опортунизмот, подлегнувањето кон „шемите“ на клиентелизмот, и разни други „оправдувања“ за секојдневното кршење на законите, при што, на „обичните луѓе“ им се прогледува низ прсти за поситни прекршоци (секако, ако се послушни и подобни), а на оние „понеобичните“, секако, за далеку посериозни криминали…

А штом е таков проблемот, удирањето по самарот, наместо по магарето, не врши работа. Решението можеби некому ќе му прозвучи премногу декларативно и демагошки, но сепак, лежи во правото и правдата. Буквално.

Решение е да се департизираат и да почнат да функционираат институциите и независните механизми за меѓусебна контрола на институциите. Решение е кршењето на законот и криминалот да се санкционираат правично и неселективно. Решенијата треба да ги спроведуваат надлежни институции затоа што, во една демократија, единствено државата има право да користи инструменти на присилба и ограничување на слободата. Решение е граѓаните да бидат едуцирани за нивните права, но и за одговорностите.

Да не зборуваме сега за правата и слободите на луѓето во Македонија кои се газат на секој чекор, секојдневно. Но, дури и при таква состојба, треба да се знае дека и најголемите злосторници мора да поминат низ соодветна правна процедура, во која ќе ги имаат сите можности да ги остварат своите права на фер и правично судење. Секој друг пристап нема да ни донесе напредок, туку уште повеќе проблеми.

Какви, видовме на 27 април.

Засега, нашата држава (полиција, обвинителство, судови) ретко ги пронаоѓаат насилниците и криминалците, особено оние кои имаат заштитници во политиката, во власта. Тоа треба итно да се смени!

Ете ја вистинската адреса кон која треба да биде насочен нашиот притисок и гнев. И, секако, тој притисок и гнев треба да бидат артикулирани на начин којшто им доликува на граѓанки и граѓани на една вистинска демократија! Ако таа состојба вистински ја посакуваме, ќе ја донесеме само доколку и самите така се однесуваме!

Извор: civilmedia.mk
Слики: Били Даркарт

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото