Земја на духовите

17.05.2017 13:10
Земја на духовите

Камениот споменик во Ереван, престолнината на Ерменија, е подигнат во знак на сеќавање на овој трагичен настан: Меџ Јегерн или „големата катастрофа“ на ерменскиот народ. Секоја пролет – на 24 април, денот кога започнал погромот – илјадници аџии доаѓаат на ридот во градот, до ова светилиште. Поминуваат покрај вечниот пламен, симболот на трајното сеќавање, и положуваат купишта цвеќиња. Стотина километри на северозапад, до границата со Турција, лежат рушевините на уште постариот и можеби посоодветен споменик од горката историја на Ерменците: градот Ани.

Што е Ани? Ани бил средновековна престолнина на моќното еврејско кралство во Мала Азија – простран азиски полуостров кој сочинува поголем дел од денешна Турција – среде северниот крак Патот на свилата. Градот бил богата метропола со околу 100 000 жители. Неговите пазари биле преполни со крзно, зачини и благородни метали. Бил опколен со висок ѕид од бел камен и е познат како „град со 1001 црква“. Според својата величественост можел да се мери со Константинопол и претставувал врв на процветот на ерменската култура. Денес е само рушевина на зафрлената висорамнина што копнее по сонце – расфрлени остатоци од одамна срушени цркви, пусти сокаци обраснати со жолта трева, камења и провев. Пешачев дотаму. Пешачам по целиот свет. Пешки ги следам трагите на нашите прастари предци кои ја напуштиле Африка и се рашириле низ светот. На своето патување не видов ниедно толку убаво и толку тажно место како што е Ани.

„Дури и не ги споменуваат Ерменците“, се чуди Мурат Јазар, мојот курдски водич.

Тоа е точно: на таблите кои ги поставиле турските власти заради туристите никаде не се наведува кој го изградил Ани. Намерно. Во Ани повеќе нема Ерменци. Ги нема ни во официјалната историја. Така што само ридот Цицернакаберд во Ереван служи како потсетник, додека во Ани служи како споменик на заборавот.

Цврсто пријателство негуваат семејствата на ерменскиот христијанин Нуран Таш и курдскиот муслиман Низаметин Чима. Дедото на Чима спасил членови од семејството на Таш од прогон. Нивната приказна е спротивна на историјатот на етничките конфликти на истокот од Турција, во кои во времето на Првата светска војна ерменското население главно било убивано или протерувано. Владите на Ерменија и Турција допрва треба да ја повратат таквата заемна доверба.

Еден од најстарите и најостри политички спорови во светот – отровниот јаз кој длабоко ги раздвојува Ерменците и Турција на два непријателски табори и со генерации ги храни екстремните националисти – може да се сведе на бескрајна полемика за еден тросложен збор: геноцид. Зборот може да има различни толкувања со бројни нијанси и контроверзи. Обединетите нации го опишуваат геноцидот како едно од најтешките злостроства: обид да се уништи еден цел народ, расна или верска група. А што точно опфаќа оваа дефиниција? Колку луѓе треба да бидат убиени?! Што е поважно: намерата или стореното дело? Како воопшто се мерат тие морничави нешта?

Ерменската верзија на приказната е следната: во 1915 година Првата светска војна траела веќе девет месеци. Илјадници млади момчиња во Европа гинат на фронтовите. Големото и мултикултурно Османлиско царство – најсилната муслиманска држава во светот – склучила сојуз со Германија. Бројното ерменско, христијанско малцинство во Турција било мирољубиво и лојално на царството. Султаните го нарекувале милет-и-садика, лојален народ. Но, таа година неправедно биле обвинети за предавство зашто наводно му се придружиле на непријателот – Русите. Одредени османлиски големци одлучиле да го „решат проблемот со Ерменците“ така што ќе ги истребат и протераат. Војската и локалните курдски милиции убиваат ерменски мажи. Масовно силуваат жени. Ги ограбуваат ерменските квартови и села, го одземаат имотот. Бунарите и потоците се полни со тела. Градовите смрдат на гнилеж. Прежиеваните Ерменци - сиромашни колони жени и деца – пред бајонетите бегаат во безводната пустина во соседна Сирија. (Денес речиси три милиони Ерменци живеат во Ерменија, додека десетина милиони се растурени во дијаспората.) Ерменската популација во Османлиското царство од некогашните два милиони се намалила на помалку од 500.000 луѓе. Многу историчари сметаат дека тоа бил вистински геноцид.

„Сигурен сум дека во севкупната историја на човечкиот род досега немало толку ужасни случувања“, пишуваше Хенри Моргенто, тогашен американски амбасадор во Цариград. „Големите масакри и прогоните од минатото делуваат речиси безначајно во споредба со страдањата на ерменскиот народ во 1915 година“.

Турските власти категорично ја негираат ваквата верзија. Нивната приказна за таканаречениот геноцид е ваква: тоа бил историски период на општо лудило и граѓанска војна. Точно е дека Ерменците страдале. Но, страдале и другите народи затекнати во Османлиското царство, кое се распаѓало во војната: Грците, сириските христијани, Јазидите, Евреите – дури и многу Турци. Крвта течела на сите страни. Немало никаков план за систематско истребување. Бројот на ерменските жртви е преувеличен, загинале помалку од 600.000. И покрај тоа, многу Ерменци биле предавници: илјадници Ерменци ѝ се придружиле на непријателската војска на освојувачка царска Русија, своите христијански браќа.

Во Турција и ден денешен е ризично ако јавно не сте согласни со официјалниот став. Иако веќе нема прогони, турските судови го отрфлаат терминот „геноцид“ како провокативен и навредлив за турскиот народ. Ако некој јавно зборува за несреќата на Ерменците, дури и ако тоа е турскиот писател и нобеловец Орхан Памук, се соочува со обвинувања дека го оцрнува турскиот народ и Турција.

„Се надеваме и веруваме“, соопшти внимателно со избрани зборови турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во својот говор од 2004 година, „дека народите кои од памтивек живеат на ист простор и имат слични обичаи и навики, ќе бидат во состојба зрело да разговараат за минатото и достоинствено заеднички да се присетуваат на своите настрадани.“

Минатата година Ерменската апостолска црква, една од најстарите христијански заедници во светот, ги прогласи за светци сите ерменски жртви од геноцидот за време на Османлиското царство, поранешна мултиетничка држава - претходник на денешна Турција. Жена прекриена со марама присуствува на обред за канонизација во Ечмијаздин, Ерменија.

Во што е посебната моќ на зборот „геноцид“?

Ерменската дијаспора со децении лобираше кај светските влади да го употребуваат токму тој збор кога ги опишуваат случувањата од времето на Османлиското царство. Во Дијарбакир, курдски град на истокот од Турција, интервјуирав една личност во обновената ерменска црква – редок гест на турско-ерменското помирување – кога одеднаш ми пријде еден човек.

„Дали го признавате геноцидот?“, ме праша. Вознемирен Еременец. Продорно ме гледа в очи.

Затекнат сум. Работам, му велам.

„Не ми е грижа“, вели тој. „Дали го признавате геноцидот или не?“

Го спуштам пенкалото. Тој го повторува прашањето повеќепати и вели: „Јас не сум дух.“

Не треба да се заборава. Но, секако дека забораваме. Најпосле, секогаш забораваме.

„Луѓето војуваат илјадници години“, забележа полскиот новинар и писател Ришард Капушчински. „Но, секоја војна како да е прва и како сè да почнува од нула.“

На 24 април 2015, на стoгодишнината од почетокот на масовниот погром кој многу историчари го сметаат за прв геноцид во модерната ера, маса луѓе во марш со факели во Eреван, престолнината на Ерменија, им оддаваат чест на жртвите. Комеморативните свечености го соединуваат поменот на мртвите и народните митинзи кои добиваат националистичко-политичка конотација – учесниците понекогаш палат турски знамиња.

Во едно гратче недалеку од Ереван еден подгрбавен старец лежи на кауч. Се вика Косров Франгијан. Иако не е студено, згрчен е под неколку покривки – во јакна, под ќебиња, со волнена капа на главата и чорапи навлечени на ковчестите дланки – бидејќи неговото срце и вените се мошне стари. Има 105 години. Тој е еден од последните живи сведоци на масакрот над Ерменците. Овие малобројни слаби старци во Ерменија се сметаат за народни херои. Зашто тие се последната опиплива врска со злосторството од 1915 година. Зашто тие се жива негација на негирањето на историјата. Многупати веќе ги раскажале своите искуства што сега звучат помалку сувопарно, отсутно и претерано – за нив таа приказна е излижана како стара паричка.

„Имав пет години кога дојдоа Турците“, вели тој со рапав глас. „Нè бркаа по планината“.

Старецот се сеќава на настаните во фрагменти. Станува збор за познатата епизода од приказната за геноцидот. Околу 4 700 жители од шест ерменски села од областа на денешна Турција избегале на крајбрежната планина Муса Даг. Своите турски прогонители ги запирале со лавина од камења. Ги држеле позициите подолго од 40 дена. Преживеаните очјани луѓе мавтале со импровизиран бајрак за да ги видат парабродовите кои поминувале покрај брегот на Средоземното море. „ХРИСТИЈАНИ ВО НЕВОЛЈА – ПОМОГНЕТЕ“, пишувало на платното. За чудо, ги спасиле француски воени бродови и ги пренеле до Египет, во егзил.

Кафените очи на Франгијан се насолзени, капаците црвени. Тој не зборува многу за ужасите како некои други сведоци, за стрелањето на своите родители пред куќата, за масовните силувања, за отсекувањето глави. Не. Тој го зголемува тонот кога ќе го спомне овошјето од своето изгубено родно село. „Овоштарниците! Дедо ми имаше смокви – секое дрво беше високо 50 метри! Би сакал сега да јадам од бананите! Сакам да се сеќавам на тие банани!“ Средовечната ќерка на Франгијан одмавнува со главата. Се извинува. Старецот малку се изгуби, вели таа. Но, не беше така зашто го посетив неговиот роден крај во покраината Хатан, во Турција. Покрај нивното село стоев среде овоштарник полн со мандарини и лимони. Тоа е вистински субтропски рај. И од врвот на ридот го набљудував истото сино море каде некогаш се закотвиле воените бродови. Неговото случајно спасување непријатно ме потсети на крајот од романот за човечкото зло – „Господарот на мувите“: кога возрасните најпосле се истовариле на оддалечениот остров на кој биле децата што преживеале авионска несреќа – кои во меѓувреме станале злобни и се претвориле во убијци – за да ги спасат.

Пред еден век француската морнарица го спасила Франгијан и неговото семејство. Но, кој ќе ги спаси француските морнари од човечкиот мрак? И кој ќе нè спаси нас останатите?

Од Африка излегов пешки. Одев по трагите на нашите предци од каменото доба. Каде и да се појавиле пионерите, затекнатите хуманоиди исчезнувале. Исчезнале.

На истокот од Турција поминувам покрај напуштени ерменски села. Дрвјата израснале во рушевините на куќите без покриви. Чекорам покрај старите ерменски цркви претворени во џамии. Седам во шарена сенка од ореово дрво кое некогаш одамна го посадиле жртвите на убиствениот погром.

„Се боревме против Ерменците, многу од нив загинаа“, вели Салех Емре, намуртен, сед старешина од курдското село Ташкале. Гласот одеднаш му омекнува. „Беше лошо. Требаше да останат тука.“


Нектар Алатузијан, стара 102 години, била едногодишно бебе кога Турците почнале да ги масакрираат и протеруваат Ерменците. Нејзиното семејство од крајбрежната планина го спасил француски воен брод и ги евакуирал во Египет. Со мажот и децата се вратила во Ерменија во 1947. Последните живи сведоци на она што Ерменците го нарекуваат Меџ Јегерн – „големата катастрофа“ – во денешна Ерменија се сметаат за национално богатство. Останале само неколкумина.

Курдските муслимани имаат чудно место во историјата на источна Турција. Од некогашни граничари од областа, кои ги извршувале валканите работи за османлиските Турци, се претвориле во загрозено етничко малцинство кое бара поголеми политички права во денешна Турција. Статусот на жртви денес меѓу Курдите буди симпатии спрема одамна прогонетите соседи Ерменци.

Емре вели дека неговото семејство го купило имотот од Ерменци. Бил мошне евтин. Застанува додека зборува, потоа ги набројува околните места во кои Ерменците некогаш биле мнозинство: Ван, Патнос, Агри. Таму денес има малку Ерменци или воопшто ги нема.

Кога официјално завршил геноцидот: Во кој момент е завршен чинот на масовно истребување – извршен, довршен, одработен? Сигурно не тогаш кога ќе престане пукањето. (Тоа е прерано.) Дали кога мртвите ќе исчезнат од живото човечко сеќавање? Или кога и последното испразнето село ќе добие нови жители, нов јазик, ново име? Или завршува дури со извинувањето на сторителите?

Мојот водич Мурат Јазар и јас напредуваме кон север. Пешачиме низ сивата, жолтеникава степа. Пред нас бегаат волци, само накратко ќе застанат нечујно да нè погледнат и се оддалечуваат. Поминуваме покрај планината Арарат. Источно од нас сјае сончевиот врв висок 5 137 метри, прошаран со белината на снегот. Според Светото писмо, на оваа планина се закотвил Ное после потопот. Овој прекрасен вулкан е светост за Ерменците. (Затоа може да се слушне погрешното тврдење дека свештениците на ерменската црква носат капи во облик на врвот на Арарат.) Во август 1934 година рускиот метеоролог Козма Спаски-Автономов се искачил на ледениот врв. Планината се воздигнува толку високо што Автономов мислел дека од нејзиниот врв денски ќе може да го види светкањето на ѕвездите. Неговата експедиција е совршен симбол на малоазиските дилеми. Сакал да види нешто што постои, но не е видливо. Целиот регион воздивнува од присуството на нешто што не се гледа.

Планината Арарат, моќниот симбол на ерменскиот идентитет, се гледа во далечината додека децата си играат тука, на истокот од Турција. Врз основа на новите граници, нацртани по Првата светска војна, оваа планина ѝ припаднала на Турција, вџашувајќи ги Ерменците. Денес Арарат се гледа од Ереван – навидум е блиску, но е зад државната граница создадена од контроверзи, болка и бремето на историјата.

„Селектирана траума“ е израз со кој политичкиот психолог Вамик Волкан ја опишал идеологијата – светогледот – според кој нанесената болка станува суштина на идентитетот. На тоа се склони цели народи, но и поединци. Селектираната траума го обединува општеството кое било изложено на масовно насилство. Но, истовремено може да го разгори и внатрешниот национализам.

Од Турција макотрпно пешачам преку планинскиот ланец на Малиот Кавказ и влегувам во Грузија. Фрлам со камења и соборувам смрзнати јаболки од соголените дрвја. Правам пауза во Тбилиси и го фаќам ноќниот воз за Ереван. Денес е 24 април, стогодишнина од геноцидот над Ерменците.

Главниот град на Ерменија е исполнет со билборди. На еден е прикажано оружје – јатаган, пушка, секира, ортома – дизајнирано така што се добива бројот 1915. На друг има традиционален турски фес и насукани мустаќи директно споредени со мустаќите на Хитлер и неговата начешлана коса. Најмирољубивиот симбол на жалоста е и најсилниот: цвеќињата на спомениците. Милиони виолетови венци ги украсуваат ереванските паркови и булевари. Овие цвеќиња се на постерите, налепниците, знаците на реверите; цвеќињата како потсетник на геноцидот. „Се сеќавам и барам“ – е главниот слоган на комеморацијата.

Но, што бараат?

Тоа е клучното прашање кое Ерменците си го поставуваат себеси. Дали минатото треба да биде патоказ? Или во него се кријат замките?

Микаел Ајапахијан, епископ на Ерменската апостолска црква во градот Џумри: „Ние во Ерменија не негуваме непријателство спрема Труција. Немаме ништо против обичните Турци. Но, Турција мора да направи сè за да ги залечи нашите рани.“

Елвира Меликсетијан, активистка за женски права: „Не знаеме што сакаме. Ако гледаме сè преку минатото, ќе ја загубиме иднината, зарем не? Немаме стратегија. Заради толкавото самосожалување се претвораме во просјаци“.

Тубен Варданијан, милијардер и филантроп: „Сто години подоцна излеговме како победници. Опстанавме. Силни сме. Затоа изразувањето благодарност и почит кон сите свои луѓе што нè спасиле, вклучувајќи ги и Турците, е чекор напред во добар правец. Пред сто години некои нивни дедовци ги спасиле нашите дедовци. Треба да се истакнат таквите приказни.“ (Варданијан го финансира фондот за наградата Аурора, признание со кое им се оддава почит на малку познатите херои кои ги спасувале луѓето од геноцидот.)

Се одржува ноќен марш со факели. Изложби на фотографии. Концерт на рок бендот System of a Down од Лос Анџелес, чии членови потекнуваат од ерменската дијаспора. („Ова не е рокенрол концерт! Ова е освета за нашите убијци!“) Ридот Цицернакаберд со својот вечен пламен – споменикот на мртвите – врие од дипломати, угледни академици, активисти, обични граѓани. Се одржува конференција за спречување геноциди. Еден американски историчар објаснува дека од Турција треба да се бара надомест за штетата. Вели дека тоа барање „не е ни апсурдно ни нереално“. Предлага Турција да се откаже од шесте области во кои Ерменците во периодот на Османлиското царство традиционално биле мнозинство и да ѝ ги отстапи на Ерменија. (Германија им исплати повеќе од 70 милијарди долари на жртвите на нацистичките злодела.)

Заоблените сводови на Црквата Свети Гарабед во Чунгуш, источна Турција, укажуваат на некогашната блескава култура на овдешните Ерменци. Во колепката, некогашно средиште на ерменскиот народ, многу стари цркви се во рушевини или се претворени во џамии. Но во локалните средини има успешни обиди за помирување, главно иницирани од Курдите. Така е обновена и црквата во градот Дијарбакир, еден од најголемите ерменски храмови на Блискиот исток.

Најпотресното искуство за кое слушнав во Ерменија ми го раскажа еден маж со големи, црни очи.

„Бев едногодишно бебе. Умирав во болница. Имав воспаление на градите – или барем така мислам. Лекарите беа немоќни. Некоја жена во породилиштето, Турчинка, ја слушнала мајка ми додека плачела. Ја прашала дали смее да ме земе. Го откопчала фустанот. Ме фатила за нозете, ме приближила кон неа свртен со главата надолу и ме спуштала. Како повторно да ме раѓа. Тоа го повторила седумпати, кажувајќи молитва. Потоа извикала: „Нека живее детево“.

И, потоа?

„Оздравев“, ги наведнува рамениците. „Турчинката ми го спаси животот.“

Мажот се вика Ара Кемалијан и е ерменски војник. Ова ми го раскажа во ров на линија на фронтот, околу 250 километри југоисточно од Ереван. Во далечината се слушаат повремени истрели. Прашина, сонцето пржи. Рѓосаните конзерви висат закачени на бодликавата жица како едноставен алармен систем ако се приближат натрапници. Во своите 38 години Кемалијан повеќе од 20 години поминал како војник во отцепениот регион Нагорно-Карабах борејќи се против своите поранешни пријатели и соседи од Азербејџан, соседната секуларна муслиманска држава. Во насилството и борбите во Нагорно-Карабах од крајот на осумдесеттите години на 20 век загинале околу 30.000 луѓе, главно цивили од двете страни, а стотици илјади луѓе се раселени. Оваа мала лоша војна која го парализира Кавказот впрочем нема никаква врска со насилството од периодот на Османлиското царство. Меѓутоа, Кемалијан и понатаму жената која го спасила во болницата на чуден начин, инаку бабица од азербејџанска националност, ја нарекува со непријателско име „Турчинка“. Од неговото срце извираат аветите од 1915 година.

Ариф Оруч и неговото семејство се еврејски муслимани кои живеат сосема пристојно во околината на Батман, во Турција. Пред сто години илјадници Ерменци го прифатиле Исламот за да зачуваат жива глава – или станале муслимани како сираци кои ги посвојувале турските и курдските семејства. Додека во Турција се развива широка дебата за тоа како да се однесува спрема масакрот над Ерменците, потомците на „скриените Ерменци“ првпат се фаќаат во костец со сопственото минато.

Пред да заминам од оваа земја на духовите повторно го посетувам Ани. Средновековната рушевина во Турција, Споменикот на негирањето. Овојпат го посматрам од ерменската страна на границата.

Затворената граница помеѓу Турција и Ерменија е една од најнеобичните државни меѓи на светот. Турција ги затворила своите копнени гранични премини во 1993 година од солидарност со Азербејџан во војната околу Нагорно-Карабах. Ерменија исто така ги затвори своите пунктови, делумно заради притисокот на ерменската дијаспора против нормализација на односите со Турција. Исходот се патиштата кои ја пресекуваат историската раскрсница на светот – областа која ги поврзува Азија и Европа – и кои не водат никаде. Во железничката станица од ерменска страна не влегол воз веќе 22 години. Поспаниот службеник еднаш дневно ја чисти зградата на станицата, додека пругата надвор гние. (Додуша, постои авиокомпанија со седиште во една неугледна канцеларија во Ереван, која има директни летови помеѓу Ерменија и Турција.) Затоа страдаат економиите во двете земји. Луѓето се отсечени, поизолирани, посиромашни.

Руската војска ја чува границата од ерменската страна, што е дел од руско-ерменскиот договор за заедничка одбрана. Така Москва го одржува своето влијание во овој стратешки важен регион. Глетката е надреална: ерменска ограда со бодликава жица и руска караула, а наспроти нивните контролни пунктови кон длабочината на Турција зјаат празни ливади зашто Анкара пред многу години ја демилитаризираше својата гранична област. Руските и ерменските војници од турската страна гледаат само пастири. И пастирите им мавтаат.

„Секогаш го одржувам огнот во кујната“, вели Вахандукт Варданијан, Ерменка со румени образи чија куќа се наоѓа близу до бодликавата жица кај Ани. „Нека видат Турците дека уште сме тука.“

Се искачувам на височинката недалеку од куќата, на која доаѓаат автобуси со ерменски аџии. Овие туристи со копнеж ги гледаат остатоците од древната престолнина зад оградата. Гледам и јас. Гледам точно во она место од турската страна на кое стоев пред неколку месеци. Мојот „поранешен дух“ лута низ рушевините. Ништо не нè раздвојува освен самонаметнатата изолација.

Фотографии: John Stanmeyer
Извор: National Geographic

ОкоБоли главаВицФото