А сега – засукани ракави!

17.05.2017 12:57
А сега – засукани ракави!

Меурот од манипулации и паралелна реалност кој го билдаше ВМРО-ДПМНЕ и на моменти се чинеше непробоен, конечно издиша.

Режимот кој си го соголи до срж грдото лице по нападот на Собранието, дојде до точка на имплозија од која нема назад, што се потврди денеска со симболичното предавање на мандатот од страна на Ѓорге Иванов – човекот олицетворение на примитивната инаетливост и непрофесионалност од која ВМРО-ДПМНЕ изгради стандард на однесување по сите нивоа.

Задачата пред која е исправена новата владејачка коалиција воопшто не е лесна. Децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ ја остави државата економски и духовно разорена. Со вртоглави суми буџетски пари одлеани на приватните конта на криминогените структури, задолженост, урнисан приватен сектор, уништен образовен и здравствен систем, неповратни инвестиции во непотребни мегаломански проекти, срозен кредибилитет пред меѓународната зедница и згазен народ кој ‘рмба за минимални плати недоволни да ги покријат основните потреби на еден самостоен поединец.

Потребни се и итни реформи во судството за да се разбие најцврстиот бедем – заштитник на криминалците кои мора да понесат одговорност за да се разбие митот на неказнивост за крупен криминал и кај граѓаните да се врати вербата во правдата.

Листата на сектори во коишто треба да се извршат реформи што поскоро е долга. Но, она кон кое што ќе треба да се покаже најмногу истрајност и непоколебливост е искоренувањето на колективната ментална матрица на очекување заслуги по партиска и клиентелистичка линија. Состојбата во која што се наоѓа државата во моментов бара максимална ефикасност и професионалност во работата на сите институции и тука не смее да има премногу компромиси.

Ова е точката од која треба да се започне со интензивна и непречена рехабилитација на едно длабоко разрането општество. СДСМ со коалициските партнери мораат да покажат исклучителна зрелост и дораснатост на задачата, бидејќи во спротивно ќе завршиме во орвеловска ситуација на „Животинска фарма“, а тоа е последното нешто што ѝ треба на Македонија во моментов. Се надевам дека јавноста која со години протестираше против режимот на Груевски ќе ги држи под будно око и нив, за да не прераснат во власт ни приближно толку затворена како ВМРО-ДПМНЕ.

Фотографии: Ванчо Џамбаски