1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
ПРЕД УТРИНСКОТО КАФЕ
Од прозорецот гледам црн облак.
Сега знам, утрото е неочекувана можност
а неодлучноста создава чувство на вина.
Зашто веќе си можел да ги отвориш очите, и да го гледаш
светот во најубава поза.
Верувај ми,
по будењето бесмислено е да се остане во кревет
и да се сонува тој темен облак.
НАСЕТУВАЊЕ НА ИДНИНАТА
Ќе исчезнат ѕидовите на оваа осаменичка соба,
на кои со години ги бележи своите желби,
планови, како секојдневен потсетник,
и ќе тргне на патувања, поттикнат од топли
ветрови. Здивот на новиот живот ќе ги опива затруените
сетила, и тој нема лесно да го препознава вкусот во устата.
Сеќавањата ќе исчезнуваат, како раните страсти.
НАМЕСТО ПОЕЗИЈА
Одиме во круг, драга,
зборуваме во метафори
кои нè оставаат без здив,
а потоа молчиме; и пушиме
долги цигари, пиеме јако
турско кафе, во кое сè уште
не ја препознаваме иднината на нашите желби.
И разменувањето на погледи,
детските игри, великодушни
и себични, во исто време,
само ја усовршуваат нашата склоност
кон одрекување; и нè збогатуваат
и лишуваат, како болести.
А во книгите и магазините
кои, во некоја згодна прилика,
секако, си ги подаривме еден на друг;
додека читаме, ноќе, во кревет,
сè потешко ги распознаваме буквите,
и соништата, најпосле, ја започнуваат
својата сурова игра.
Се вртиме и вечерва, драга.
Но не грижи се, имам решение за овој наш лет:
во круг ќе влезам
низ твојата соба.
САРДИНИЈА
I
Никој. Летото ги враќа ѕвонливите гласови
на студентите во мајчиниот јазик, во ѕидовите
на градовите од кои тргнале
да разменат знаења, и погледи,
со оние што не ги напуштаат границите
на островот, ни шумот на своите зборови.
(Со празни џебови, рамнодушни;
помирени со судбината, ловци без среќа.)
II
Никој. Летото донесува само насмевки
на туристи, инвазија на фото-апарати и
знаменца; пеколни плажи;
пренаселеност и добра заработка.
РАЗМИНУВАЊЕ
I
Трчајќи по една девојка,
неспретен, како и обично,
во такви прилики; и нестрплив,
и недоволно вешт,
налетува на својот ангел чувар.
Овој едвај дочекува да му залепи
шлаканица, со онаа рака што е поблиску
до срцето; и која, патем, мириса
на детска крема, и озон.
И исчезнувајќи, за миг, дошепна:
Имаме сестра малечка, која уште нема дојки.
II
За чело повисок од него,
со темни очи на бледото лице.
Со тенки усни; долги прсти:
ни машко, ни женско.
Во службен комбинезон,
со качулка и црна пелерина,
под која, веројатно, ги крие
изморените крила.
Се појави пак; само за да дофрли:
Што ќе правиме со сестрата своја?
ДОЖД
Немав таква намера.
Разговаравме за минливоста.
За љубовта и несреќата.
Баравме причини. За и против.
Потоа почна. Нагло.
И немавме каде.
Сè веќе се случи.
И пред огнометот.
ДОГОВОР
Никогаш никаде никому
ништо немој да кажеш
Ливада
Радосно момченце седи на зелена фотелја.
Иако му позира на фотографот, немирно е.
Мавта со ноџињата.
Но со рацете цврсто се држи за црните потпирачи.
Како да управува со летечки змеј.
Или со кормило од гусарски брод.
Пред момченцето непрегледно пространство.
Небо и море. И небо.
Но момченцето се смешка.
Зашто знае кој е воздух а кој вода. Знае...
За секој случај. Никогаш никому ништо
нема да кажам.
ПРОТИВ ЧЕКАЊЕТО
Ако веќе спиеш, потруди се.
Ако си буден, патувај.
Немој ништо да ветуваш.
Ама ако баш ветиш,
сè заборави.
(И тебе ќе те заборават.)
И тргни што побрзо.
Не губи време.
(Зашто тебе ќе те изгубат.)
О, толку прекрасен човек.
О, толку драга душичка.
Стрплива и не баш верна
како смртта.
Превод од српски: Иван Шопов
Слики: Касиа Дервинска
Дејан Матиќ е роден 1979 година во Крушевац, Србија. Дипломирал српска книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Објавува поезија во книжевни списанија. Еден е од основачите на здружението Трет плоштад (Treći Trg), директор на меѓународниот белградски фестивал на поезија и книги „Trgni se! Poezija!“ и уредник на книжевното списание Treći Trg. Ја објавил збирката песни „Помеѓу триесет и третата и смртта“ (2013).