Македонијо, прости ни

18.05.2017 03:32
Македонијо, прости ни

Македонијо, плачам сега, затечена со веста за доделувањето на мандатот на Зоран Заев за составување нова влада. Онаква каква што си во моментов: разединета, раскарана, испокрадена, понижена, навредена и силувана. Како да си излезена од војна, како да си била под 11-годишна окупација на народни непријатели и тирани кои те обесчестиле, те уназадиле, те распарталиле, те изгазиле, те осиромашиле, а нас, твоите деца, непомирливо нè поделија. Велепредавство е преблага квалификација за злосторството врз тебе, моја Македонијо.

Овие моменти ги доживувам со многу емоции, небаре се објавил крај на некоја војна, или завршила некоја чума. Премногу долго траеше мракобесието на груевизмот и остави длабоки лузни и траги во колективната меморија на многу луѓе. Не ја чувствувам промената на власта како нешто нормално и рутински што би било својствено за една демократија, туку како пад на еден систем. Систем на вредности, концепт на владеење и манир на однесување.

И затоа, ако токму сега е времето да му честитам на Заев, еве јавно му честитам. Воедно, ќе ги изнесам сите мои желби и соништа, ним ќе им ги посветам на мојата таковина и на сите нејзини граѓани. Повторувам – на сите нејзини граѓани.

И затоа:

- Ви посакувам никогаш повеќе да не ни се случи нереализирани, исфрустрирани, болно суетни, тотално некомпетентни и случајни луѓе да ни ја раководат државата,
- Ви посакувам никогаш повеќе да не ни се повтори протекционистичка и селективна примена на законите и правото, туку тоа што важи за еден, да важи за сите,
- Ви посакувам никогаш повеќе да не зависите од милоста на која било политичка партија и да бидете нејзини клиенти, туку од себе, од својот труд, од своето знаење и умеење и од сето она што Бог ви го дарил како човечки квалитет,
- Ви посакувам никогаш повеќе да не наседнувате на лесно дадените ветувања за успех без напор, за напредување без работа и за кариера без искуство,
- Ви посакувам мудрост и ум за да ги препознаете лажните пророци кои преку медиумите ве трујат со лаги и ви кажуваат како да размислувате,

- Ви посакувам да бидете строги кон себе, критични кон другите и одговорни во изразувањето на сопствените ставови,
- Ви посакувам да бидете толерантни и да го почитувате секое поинакво мислење или став од вашиот,
- Ви посакувам да заборавите на поделбите и да го барате она што нè спојува и обединува, а не она што нè разделува,
- Ви посакувам да се борите за вистината и правдата, секогаш и секаде,
- Ви посакувам да бидете солидарни, бидејќи ние сме државата и, конечно
- Ви посакувам да бидете слободни, бидејќи тоа сите го заслужуваме.

Овој ден, 17 мај 2017 година, не е датум кога се менува власта во Македонија, туку ден од кој треба да започне создавањето на нови вредности, нови критериуми, нови основи и нови практики. Груевизмот не смее да биде заменет со заевизам, туку демонтиран, разграден и осуден како лош пример за владеење. Доволно сум искусна да знам дека тоа е ѓаволски тешка работа, ама секој пат од илјада милји започнува со првиот чекор, зарем не?

Македонијо, мајко мила, прости за сè што направивме или не направивме како што треба. Можеби можевме и подобро, ама имавме голема желба да те направиме подобра. Денес се чувствувам гордо, а солзите што ми капат, се солзи радосници. Нека ни е со лесно.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото