Писмо до децата

18.05.2017 10:04
Писмо до децата

Поуките за деца Марина Цветаева ги напишала во зимата 1937/38 година, во форма на писмо за едно емигрантско списание за деца, кое за жал не излегло.

 

Драги деца,

Никогаш за вас не размислувам одвоено: секогаш мислам дека вие сте - луѓе или нелуѓе - како и ние. Но велат: вие постоите, вие сте посебен сој кој уште е подложен на влијание.

Затоа:

-Никогаш не истурајте вода залудно, зашто во истата секунда, поради недостиг на вода, во пустина умира некој човек.
-Но ако јас не ја истурам, тој сеедно нема да ја добие таа вода!
-Нема да ја добие, но на светот ќе има едно бесмислено злосторство помалку.

Поради истата причина, никогаш немојте да фрлате леб, а ако го најдете на улица, за да не го газат, кренете го и ставете го на најблиската ограда, зашто не постојат само пустини во кои луѓето умираат без вода, туку и ќумези, каде умираат без леб. Можеби лебот ќе го забележи некој гладен, па ќе му биде помалку срам да го земе оттаму отколку од земја.

Никогаш не се плашете од нешто смешно и ако видите човек во смешна ситуација: 1) потрудете се да го избавите, ако не е можно - 2) скокнете и вие кон него, како во вода, во пар глупавата ситуација се дели на половина: секому по половина, или во најлош слчај - правете се дека не гледате ништо смешно во тоа!

Никогаш не велете дека сите прават така: сите секогаш прават лошо, штом толку радо се повикуваат на нив! (НБ! има низа примери, кои ќе ги наведам сега.) „Сите“ имаат друго име - никој, а лице воопшто немаат - само празнина. Е, ако ви велат: „Никој не прави така“ (не се облекува, не размислува итн.) - одговорете - „Ама јас сум - некој!“

Не обрнувајте внимание на „немодерно“,туку на „нечесно“.

Немојте премногу да им се лутите на родителите, сетете се дека тие биле она што сте вие сега и дека вие ќе бидете она што се тие сега.

Освен тоа, тие за вас се - родители, а за себе самите се - „јас“. Не ги исцрпувајте со нивното родителство.

Ако видите камен на патот - земете го и замислете дека токму вие трчате и го кршите носот; од сочувство (дури и кон себе - во другиот!) земете го.

Нека не ви биде незгодно да им го отстапите местото на постарите во трамвај. Нека ви биде незгодно да не им го отстапите!

Не се истакнувајте по она што е материјално. Другите - тоа сте исто така вие, баш истите вие. (Сите без разлика сакаат да јадат, да спијат, да седнат итн.)

Не ја славете победата над непријателот. Доволно е сознанието. По победата - пружете му рака.

Не зборувајте иронично за кој било близок пред другите (дури ни за омиленото животно!); другите ќе заминат - својот ќе остане.

Книгата листајте ја од горниот агол на страницата. Зошто? Затоа што не се чита одоздола нагоре, туку одозгора надолу.

Кога ја довршувате супата, навалете ја чинијата кон себе, а не од себе кон другите: во случај на незгода, да не ја истурите супата ниту на чаршафот ниту на оној спроти вас, туку во вашиот скут.

Кога некој ќе ви рече „Тоа е романтизам“, прашајте го: „Што е тоа романтизам?“ - и ќе видите дека никој не знае; дека луѓето ставаат во уста (дури врескаат! и плукаат! и ви го пикаат во глава!) - збор чија смисла всушност не ја знаат.

Кога конечно ќе се уверите дека не знаат, одговорете сами, со бесмртните зборови на Жуковски:

- „Романтизам - тоа е душата“.

Извор: www.tsvetayeva.com
Слики: Јиржи Трнка