Меланија, жртва на предрасудите за луѓето од источна Европа

18.05.2017 11:20
Меланија, жртва на предрасудите за луѓето од источна Европа

Иако поголемиот дел од животот го поминав несвесна за постоењето на Меланија Трамп, во медиумите внимателно ги следев насловите за неа, откако Доналд Трамп тргна да ја освои Белата куќа. Потеклото на Меланија фрла сенка врз нејзината личност: таа е со словенско потекло, жена од источна Европа.

Наспроти разликата во годините и животниот пат, Меланија и јас сме родени во истата држава – Југославија. Кога сега би станала од работната маса, од главниот град на Хрватска, Загреб, до нејзниот роден град Севница, би стигнала за еден час.

Заедничкото јазично и географско потекло луѓето не ги прави слични и јас сум првата која со негодување гледам на (некои) од животните избори на Меланија. Нема ништо силно во тоа што сте нечија жена. Особено ако тој некој е Доналд Трамп и кога ги поддржувате неговите ставови за имиграцијата и женските права.

Меѓутоа, Меланија не е само сопруга. Како имигрантка, поранешна манекенка и припадничка на американскиот џет-сет, таа е фатена во мрежата на културните заблуди и стереотипи за луѓето од источна Европа, кои постојат на Запад.

И заради тоа што доаѓаат од, како што се претпоставува, средина опустошена од посткомунизмот, често како резултат на растењето во сиромаштија во земји со мрачна економска перспектива, источноевропските жени и мажи се исклучително послушни и покорни. Покрај тоа, сè уште владее мислењето дека на жените од источна Европа слабост им се мажите од Запад.

Се разбира, жените не се единствените што се соочуват со ваков вид предрасуди. Тешко е да се откријат и да се докажат анти–источноевропските предрасуди. Дали тие се јавуват кога му се потсмевате на рускиот акцент на вашиот сосед кога зборува англиски? Или кога тврдите дека оние проклети Полјаци ги фатија сите ваши работни места, истовремено зборувајќи колку се мрзливи? Или кога не го знаете името на ниедна земја источно од Германија, претпоставувајќи дека сите тие се „поранешни советски републики“?

Сепак, заеднички именител на сите предрасуди е тенденцијата сите луѓе од источна Европа да се карактеризираат како полошо образовани, помалку отмени и без стил, етикетирајќи ги сите мажи како груби и агресивни, а сите жени како кукли без мозок.

Се сеќавате ли дека иако во текот на кампањата избегнуваше да биде во центарот на вниманието, првиот јавен говор на Меланија беше потполно фијаско? Тоа, се разбира, се случи бидејќи голем дел од нејзиниот говор беше плагијат на говорот на Мишел Обама. И додека Меланија ја следеа презирот и потсмевот, Вашингтон пост објави текст кој го поврза плагијатот на Меланија со „културната измама во источноевропските училишта“.

Според тој текст, склоноста на Меланија да прави плагијат лесно може да се објасни со слабостите на образовниот систем во времето на комунизмот. Тогаш децата биле поттикнувани повеќе да учат со меморирање, отколку да мислат со своја глава. Тој мит го демантираа бројни интелектуалци со отворено писмо во списанието „Balkanist“, како и полската писателка во списанието „Јакобина“.

Факт е дека за многу медиуми најлесно беше да се потсмеваат со потеклото на Меланија. Кога манекенката Џиџи Хадид ја имитираше Меланија – исмевајќи го нејзиниот источноевропски акцент – повеќето медиуми ја осудија нејзината имитација како расистичка, што, всушност, беше пријатно изненадување.

Сепак и понатаму Меланија во многу новински написи се опишува само како здодевна и нехаризматична: некои за неа зборуваат како да е кукла (во една статија во Њујоркер таа е „совршено тело на кое се закачува моден бренд“); многумина ја преиспитуваат нејзината интелигенција и кокетираат со терминот „жена-трофеј“ (trophy wife). И иако тоа што е жена и имигрантка би требало да предизвика сочувство кај либералите, нивниот молк е громогласен кога (главно симпатизерите на Тед Хјуз) ја прозиваа што се сликала гола.

Медиумите најмногу сочувствуваат со неа кога е претставена како жртва на својот маж. Да, претседателот на САД е сексист, но едноставно е погрешно претставувањето на Меланија како субмисивна жена која е само инструмент во рацете на нејзниот сопруг.

Всушност, сите очигледно ја отпишаа можноста Меланија, како прва дама, да направи нешто значајно. Иванка Трамп, како амбициозна, самоуверена и директна, веќе си ја обезбеди титулата на Прва ќерка. Дали ако Меланија имаше исто потекло како Иванка, очекувањата на медиумите ќе беа поинакви? Би рекла – да, ќе беа.

Меланија никогаш нема да биде Иванка, а бидејќи во текот на кампањата стоеше покрај својот сопруг, малку е веројатно дека „ќе се сврти против него“ и ќе стане легендарна жена што сите би сакале да ја видиме како Прва дама на САД. И за жал, нема знаци дека таа можеби ќе го искористи своето влијание за да се осврне на проблемот на стереотипот за источноевропските жени. Но, како и да се однесува, се надевам дека таа ќе се оценува само врз основа на нејзините дела, не на делата на нејзиниот маж и не врз основа на длабоко вкоренетите културни стереотипи.

Извор: XXZ